1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Де Гол и Аденауер – визионерите на помирувањето

12 ноември 2018

Македонија е, навистина, мала. Но, таа, сепак, може да има голема визија за иднината. Од тоа сознание може да настане новата, успешна, миротворна македонска приказна. Колумна на Кица Колбе.

https://p.dw.com/p/385nP
Mazedonien Kica Kolbe Schriftstellerin
Фотографија: Privat

„Ајде да ги обединиме нашите надежи, наместо да ги спротивставуваме едни на други нашите стравови.“ Оваа изјава на францускиот претседател Емануел Макрон на вчерашниот Мировен форум  во Париз во спомен на стогодишнината од крајот на Првата светска војна повторно јасно го истакнува токму духот на визијата на Шарл Де Гол и Конрад Аденауер. „Старите демони“, кои ја предизвикаа војната и смртта на милиони луѓе, пак се силни, изјави Макрон во својот говор. Германската канцеларка Ангела Меркел, од своја страна, потсети дека токму таа војна покажа каде водат самовљубеноста и ароганцијата на народите. Макрон и Меркел се уверени Европејци. Нивните погледи за мирот и стабилноста на Европа се резултат на оној процес на помирување меѓу двата народа кој, по катастрофата на Втората светска војна, го започнаа големите миротворци Де Гол и Аденауер. Макрон и Меркел размислуваат во духот на нивната визија.

Особено за Македонија  е значајно, во овој миг,  да се потсетиме на  таа визија. Имено, како резултат од неа  стана суштински белег на заедничката иднина на двата народа еден процес, кој дотогаш за нив беше  незамислив - токму поради нивното заедничко минато. Во тоа минато двете земји со векови се доживуваа како непријатели. Сликата за  соседот-непријател се пренесуваше од генерација на генерација токму преку историското паметење. Французите и Германците долго паметеа само меѓусебни војни за територии, иако двата народа ја делат и заедничката историја во Франкиското кралство на Карло Велики. Парадоксално, но дури по катастрофата на Втората светска војна двајца храбри политичари во двете земји го отворија патот за француско-германското помирување. Тој процес ја преобрази повоената историја на Германците и на Французите. Тој стана европска парадигма за помирување меѓу народите. Конечно, тој стана и темелот на европското обединување.

Историјата на овој процес сведочи дека ваквите историски одлуки секогаш се дело на политичари со особена визија за мирот. Таа, пак, најчесто е плод на нивната длабока историска и државотворна самосвест. Помирувањето често е и резултат на среќната констелација во која во двете земји на власт се политичари со сличен светоглед и сензибилитет. Такви визионери на мирот беа францускиот претседател Шарл Де Гол и германскиот канцелар Конрад Аденауер. Големиот келнјанин Аденауер, пред војната градоначалник на Келн, времето на диктатурата на Хитлер го помина во домашен притвор. Генералот Де Гол учествуваше во францускиот отпор против Хитлеровата окупација на Франција. Обајцата од сопственото искуство ја беа сознале бесмисленоста на војните.

Големите народи и големите грешки

Често се истакнува дека идејата за меѓудржавен договор потекнала од Конрад Аденауер. Таа, сепак, во целост одговарала на стремежот на Де Гол трајно да се надмине антагонизмот меѓу Франција и Германија. Историскиот исчекор кон тој процес на помирување беше посетата на Аденауер на Франција во јули 1962-та. Познато е дека посетата до последните детали ја планирал самиот Де Гол. Неговата желба била Аденауер да наиде на извонреден прием кај Французите. Биографите често го истакнуваат и значењето на тоа што обајцата политичари беа уверени католици. За нивната визија за помирувањето меѓу двата народа значајна улога одиграло и тоа што обајцата делеа исти христијански вредности. Затоа не е ниту малку случајно што клучен момент имала заедничката богослужба во прочуената катедрала во Ремс. Тоа е место со голема симболичка содржина. Во таа катедрала се крунисувале француските кралеви. Но во неа е потпишана и капитулацијата на германската армија во Франција. Затоа е разбирливо зошто историската посета на Аденауер морала да започне со заедничката молитва за мир токму во таа катедрала. Симболиката на местата за историското паметење во тоа време само што беше станала актуелна во германскиот културен и филозофски дискурс. Подоцна од ваквите сознанија се обликуваше германската теорија за културалното паметење, за местата на паметењето и за нивната важност во обликувањето на историската свест во модерните европски општества. Освен тоа, уште при оваа посета на Аденауер стана јасно колку е значајно за мирољубивите процеси да се истакнуваат заедничките нешта. Се вели дека при посетата на Бордо, француските домаќини биле изненадени колку добро Аденуер ги познава делата на францускиот филозоф и просветител Монтескје. Затоа и го посетил неговиот замок близу Бордо.

Други колумни од авторката:

Македонско помирување

Литературата во „патриотската“ реторика

Македонија - Европа или вечен Балкан?

Ништо помал не бил восхитот за големината на германскиот дух кој Де Гол го изразил во својот говор во замокот Лудвигсбург при првата посета на Германија во септември 1962-та. Тоа што тој говорот го одржал пред германската младина имало исто толку симболика колку и службата во катедралата во Ремс. Тој знаел дека мирот започнува со промената на духот во воспитанието на младината. Затоа ги поздравил тие дваесет илјади млади Германци, собрани во негова чест,  честитајќи им што се токму млади Германци, оти тие се „деца на голем народ“. А потоа продолжил: „Да, на голем народ, кој, напати, во текот на историјата направи и големи грешки.“ И во истиот миг не изоставил да истакне дека тој народ на светот му подари и големи научни, уметнички и филозофски достигнувања. Тој знаел дека државните договори и процеси на помирување можат да станат стварност само кога ќе бидат прифатени од младината. Затоа ги повикал младите Германци веднаш да почнат со конкретни акции за запознавање со француската младина. Од таа идеја, всушност, произлезе Германско-француската фондација за размена на млади која е активна до денес и секоја година остварува повеќе од 9.000 програми за соработка и пријателство во образованието, културата и спортот.

Зацелување на раните

Де Гол успеал при својата прва шестдневна посета на СР Германија да ги освои германските граѓани со нему својствениот француски шарм и култура. Уште повеќе што им се обраќал на германски. Кога насекаде говорел восхитено за големината на германскиот народ, тој мислел токму на најдоброто во германската култура, филозофија, музика и литература, со што покажал колку е богата и неговата лична култура и образование. Секако,  Де Гол знаел дека германските граѓани биле жедни во тој миг за такво признание токму од државник на соседниот народ, со кој ги делеле траумите од неколку војни. Само големи државници како Де Гол и Аденауер знаеле дека и двата народа се ранети и трауматизирани од војните, загубите и поразите. Затоа сакале да сторат сѐ, никогаш повеќе да не војуваат едни против други. На обајцата им било јасно дека помирувањето на двата народа може да успее само ако се одвива во духот на меѓусебното разбирање. Тоа, впрочем, е таа во историјата толку ретка  мудрост на миротворците. Затоа што на обајцата им било јасно дека приближувањето на двата народа мора да започне од базата, од  формите на непосредна комуникација на граѓаните, од почетоците на преговорите за меѓудржавниот договор почнале со работа и мешовитите комисии од сите области од науката, културата и образованието.

Не треба да се заборави дека тоа се случи во времето на Студената војна. Обајцата државници беа свесни колкаво е значењето на нивното обединување околу една длабоко мирољубива и длабоко европска иницијатива. Во таа смисла, Де Гол не понуди само помирување како надминување на минатото. Тој токму во времето на Студената војна имаше храброст да говори пред германските граѓани за визија за иднината на обединета Европа, чиј темел требаше да биде токму германско-француското обединување. Секако, многу често се истакнува дека заднината на заложбата на Де Гол за помирување бил и стремежот на Франција да се намали американското влијание во Западна Европа. Во тоа тој гледал и можност Франција да игра поактивна улога во европското обединување. Уште додека траела посетата на Де Гол на Германија, во заднината советниците и стручните служби на двете држави веќе започнале со подготовката на идниот договор. Со официјалното потпишување на договорот за пријателство и соработка  меѓу Франција и Германија на 22 јануари 1963-тата година во Елисејската палата во Париз беше поставен само темелот на еден долг процес, кој трае се‘ до денес и постојано се збогатува со нови содржини. Имено, секоја  нова генерација на француски и германски политичари учествува со свој индивидуален прилог во конечното остварување на визијата на Аденауер и Де Гол.

И малите може да имаат големи визии

Не престанувам да повторувам дека македонските политичари, но и македонските граѓани воопшто, може многу да научат од искуствата на Франција и Германија во надминувањето на минатото и меѓусебното помирување. Затоа што ја познавам балканската и, пред се‘, македонската историја. Но и германската и  европската. Верувам дека и на Балканот е можен траен мир. Само ако има државници со визија за мир. Секако, за процесите на помирување е многу значајна општата политичка и геостратешка констелација, како што беше онаа по Втората светска војна во Западна Европа. Уверена сум дека и на Балканот луѓето се уморни од национализми, војни, промени на граници и бегалски приказни. Исто толку важно е и сознанието дека за мир и демократија е неопходна промена на свеста. Таа најдобро се остварува со нов наратив. Со нова приказна за себеси и за соседите.

Македонија има шанса да стане промотор на помирувањето со сите балкански соседи. За тоа ѝ треба јасен нов наратив за себеси како миротворна држава. Македонија е, навистина, мала. Но, таа, сепак, може да има голема визија за иднината. Од тоа сознание може да настане новата, успешна, миротворна македонска приказна. Таа приказна не може да се обликува и да стане свест на најголемиот број од граѓаните, доколку тие уште се доживуваат себеси како жртва на историјата. Затоа е толку полезно искуството на Французите и Германците. Тоа може да стане и македонска културна и политичка парадигма. Македонците дванаесет години беа индоктринирани да му се восхитуваат на војсководачот Александар Велики. За тоа сведочи „Воинот на коњ“ среде Скопје. Војсководците, пак, водат војни и создаваат само нови жртви. Само визијата на миротворците има сила да го победи тој маѓепсан круг на војните и катастрофите. Токму затоа што „старите демони“ на војните, за кои говори Макрон, стануваат гласни и на Балканот, новата приказна на Македонија како двигател на помирувањето на балканските народи станува суштествена и за неа и за целиот Балкан.

Kica Kolbe mazedonische Schriftstellerin und Philosophin
Кица Колбе Филозофина и македонска и германска писателка.