1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Двоен отчет во Скопје и Софија, Гоце ќе нѐ зближува

28 јануари 2022

Додека се реферира за досегашните резултати од разговорите меѓу двете земји, течат и споредби: како е да си Македонец во Бугарија и Бугарин во Северна Македонија?

https://p.dw.com/p/46DFd
Во рамките на динамизирањето на односите меѓу Скопје и Софија беше и заедничката меѓувладина седница во бугарскиот главен град
Во рамките на динамизирањето на односите меѓу Скопје и Софија беше и заедничката меѓувладина седница во бугарскиот главен градФотографија: Reg. Nordmazedonien

Двоен отчет се реализира во Софија и Скопје. Бугарскиот премиер Кирил Петков пред Народното собрание денеска информира за резултатите од неговата посета на Скопје и од заедничката меѓувладина седница што се одржа во Софија. Пленарното заседание се реализира по барање на опозициските пратеници од ГЕРБ, Даниел Митов и Екатерина Захариева. Веќе е извесно дека динамизирањето на односите ќе резултира со заедничко чествување на 150-годишнината од раѓањето на Гоце Делчев, барем според изјавата на Петков.

Отчет денеска ќе има и во Комисијата за надворешна политика во македонскиот парламент, од страна на министерот за надворешни работи, Бујар Османи.

„Од Османи е побарано да ги презентира во писмена форма одговорите коишто Македонија во декември минатата година ги дала до официјална Софија на нивниот т.н. план „5+1“, за да бидеме запознаени како пратеници за што се работи и дали таквите одговори се совпаѓаат и се во рамките на усвоената Декларација од македонското Собрание каде утврдивме заеднички национални позиции“, изјави пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Антонијо Милошоски, кој е претседател на Комисијата.

Во пресрет на седницата Османи најави транспарентен отчет.

„Јас побарав седницата да биде отворена, бидејќи нема што да криеме, транспарентни сме. Никогаш нема да одбијам покана од кое било тело од Собранието, бидејќи Собранието ме има збрано, и должен сум да дадам отчет пред граѓаните“, рече шефот на дипломатијата во интервју на ТВ „Канал 5“.

Вели дека пакетот „5+1“ (сега веќе 4 + 1) не бил претставен како документ затоа што станува збор само за работни верзии.

„Во момент кога некоја формулација ќе биде заеднички прифатлива за двете страни, прво ќе се информираат пратениците, претседателот на државата и јавноста, па отпосле ќе се даде нашата одлука. Се поставува теза дека зад завесата некој ќе продаде интерес. Тоа не е така, и системот на преговори не е поставен така. Граѓаните треба да бидат спокојни, дека никој не може да донесе каква било одлука без тоа да помине низ трансперентен процес  и низ неколку филтри “, потенцира Османи.

Бугарскиот премиер Кирил Петков во парламентот во Софија денеска реферира за средбите со македонскиот премиер Димитар Ковачевски
Бугарскиот премиер Кирил Петков во парламентот во Софија денеска реферира за средбите со македонскиот премиер Димитар КовачевскиФотографија: Reg. Nordmazedonien

Место под сонцето

Османи не се впушта во коментар на обвинувањата од страна на бугарски политичари за „процес на дискриминација и дебугаризација на Бугарите во Северна Македонија", со став дека РСМ е најсилна токму во сферата на правата на граѓаните и заедниците.

„Република Северна Македонија е модел на држава во однос на правата на етничките заедници. И кога тоа го кажува некој што не доаѓа од најголемата етничка заедница, веројатно тежи повеќе. Но, доколку има граѓани кои сметаат дека биле запоставени во тој систем на градење на функционална мултиетничка демократија низ Рамковниот договор, мислам дека треба да ги слушнеме. И не треба да се плашиме. РСМ им овозможува не само индивидуално на граѓаните, туку и на етничките заедници да си најдат место под сонцето. Постојат инструменти, постојат механизми да ги заштитат од мајоризација и да им овозможат слободно да ги манифестираат своите културни и идентитетски атрибути. Мене ми е драго што темата се помести таму каде што сме најсилни - правата на граѓаните и заедниците се наш терен“, дециден е Османи.

Со оглед дека тоа е поврзано со барањата за впишување на Бугарите во македонскиот Устав, Османи објасни какви се можностите. 

„Како волја постои, заради причините што ги кажав. Како процес е комплициран. И затоа е дел од разговорите. Не е нешто што можеме да ветиме како влада. Немаме 80 пратеници. Тоа е за поширок општествен консензус. Но, тоа што ние го кажуваме е дека имаме волја за таков процес во кој ќе се отвори Уставот и за Бугарите, и за Црногорците и за Хрватите“, изјави Османи.

Од средбата на министрите за надворешни работи Бујар Османи и Теодора Генчовска во Скопје
Од средбата на министрите за надворешни работи Бујар Османи и Теодора Генчовска во Скопје

Колев: Како е да си Бугарин во РСМ?

Но, оние кои се декларираат како Бугари, сметаат дека токму тоа треба да биде приоритет. Претседателот на партијата Граѓанскo Демократска Унија (ГДУ), Петар Колев, кој се декларира како Бугарин, во тв-гостување на бугарски медиум низ личен пример објасни какви се правата на Бугарите во РСМ. Снимката од гостувањето на Колев  на Фејсбук ја сподели лидерот на ИТН, Слави Трифонов, од чии партиски редови е и шефицата на бугарската дипломатија.

„Како родители имаме еден избор - дали на децата да им кажеме дека сме/се Бугари или да го скриеме тој факт. Ако избереме да не ја криеме вистината и ги воспитуваме во бугарски дух, доаѓа момент кога тоа дете ќе биде во први клас во најголемото училиште ‘Ванчо Прке', во мојот град Штип. Од десната страна на влезната врата има огромна плоча метар на метар, на која пишува дека тоа некогаш бил затвор во кој бугарските фашистички окупатори ги измачувале, масакрирале и убивале борците на Народно-ослободителната борба на Македонија. Првото нешто што ќе го види тоа дете во училиштето е таа плоча", рече Колев.

Објасни и што ќе следи: часови по историја, на кои детото ќе учи дека неговите дедовци (Бугарите) биле убијци, фашисти, татаро-монголи, окупатори, најголемите непријатели на Македонија.

„Исходот е да добие двојка по историја и да се скара со некој од соучениците кој мисли поинаку, и да дојде дома и да ми рече - јас од утре нема да одам на училиште“, вели Колев.

Тој покажа како изгледаат конкурсите на повеќе македонски институции, во кои за работни позиции се бараат Македонци, Албанци, Срби и од други етнички заедници, но не и Бугари.

„Може ли човек да биде дискриминиран, ако нема никави права? Кога вие не постоите за одредена држава, ве нема никаде во правниот систем, како да ве дискриминира некој? Едноставно не постоите“, изјави Колев.

Од другата страна на границата истото за себе и нивните права го мислат и Македонците во Бугарија. Нивни претставници здружени во ОМО Илинден-Пирин и ОМО Илинден, денеска во Скопје ќе се сретнат со претседателот Стево Пендаровски. Исто како што лани претставници на повеќе бугарски здруженија се сретнаа со бугарскиот претседател Радев.

Претседателот Стево Пендаровски денеска има средба со претставници на здруженијата на Македонците во Бугарија
Претседателот Стево Пендаровски денеска има средба со претставници на здруженијата на Македонците во БугаријаФотографија: Presidents Office of North Macedonia

Како понатаму?

Османи се надева дека поучени од грешките и искуствата во првиот процес на разговори со Софија, вториот процес кој сега почнува ќе биде позитивно крунисан во интерес на европската перспектива. Во моментов македонска позиција има две барања: почнување преговори и прифаќање на македонскиот јазик како официјален во ЕУ, без никакви додатни квалификации. Бугарска позиција е фокусирана на прашањето за недискриминација, рехабилитација на жртвите во комунизмот, говорот на омараз и работата на историската комисија.

Според Османи, постои предлог да се институционализира еден процес кој ќе посветува внимание на говорот на омраза, сѐ додека неговото елиминирање не стане нормална култура во односите меѓу двете земји. Тоа би значело двете влади да назначат институција што ќе биде должна да следи и да реагира веднаш за кој било случај на говор на омраза, во кој било општествен сегмент. Во однос на рехабилитација на жртвите во комунизмот смета дека низ еден европски процес, треба да им се даде можност на граѓаните да осознаат повеќе, доколку нивни претци и членови на семејството биле жртва на една системска политичка репресија заради етничко самоопределување.

„Тоа како држава треба да им го овозможиме не само на граѓаните со бугарска етничка припадност, туку и на сите други граѓани во државата. Има предлог да се реафирмира таа декларација (од 2006 година -н.з) во овој контекст. Нашето општество не е должно да го носи бремето за прашања за кои не сме биде одговорни и треба да се овозможи тој процес и пристап“, вели шефот на дипломатијата.

Османи и вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ на втори февруари ќе отпатуваат во Париз, а потоа и во Брисел со цел да го објаснат новиот пристап со Бугарија.

Еден ден претходно, на 1-ви февруари, во Скопје старува со работа првата од договорените работни групи - економската. На 7-ми февруари во Софија ќе заседава групата за инфраструктура, на 14-ти во Скопје ќе се сретне групата за евроинтеграции, а на 21-ви групата за култура и образование. Една недела потоа средба ќе има и заедничката Комисија за историски и образовни прашања. Тие циклуси на средби ќе продолжат да се повторуваат со иста динамика, односно, секоја работна група ќе има средби секоја петта недела.