1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Здравје

Данска ги укина корона-рестрикциите

Улрике Кваст
1 февруари 2022

Заштитна маска, доказ за вакцинација, скратено работно време за угостителите - сето тоа од денеска веќе не важи во Данска. И тоа наспроти рекордниот број заразени со Омикрон.

https://p.dw.com/p/46LRi
Dänemark | Aufhebung aller Corona-Beschränkungen
Фотографија: Francis Dean/Dean Pictures/imago images

И покрај тоа што бројот на заразени и натаму е еднакво висок, во Данска се укинати практично сите корона-рестрикции. Од денеска, со исклучок на одделни правила за патување, во оваа земја практично нема ограничувања. Обврската за носење заштитна маска е минато, исто како и доказите за вакцинација, за прележан Ковид или негативните тестови. Големи манифестации се дозволени, а отворени се и баровите и дискотеките.

Данска е првата земја од ЕУ која сака да го помине Омикрон-бранот речиси без ограничувања.

Ова веќе не е „општествено критична болест“

„Ја поминавме критичната фаза“, изјави премиерката Мете Фредериксен. Бројот кој сега е важен е оној на лица кои сериозно заболуваат по инфекција со коронавирус. Тој број е мал. Благиот тек на болеста и високата стапка на вакцинација во земјата, според Фредериксен, се причините кои се важни за носење одлука за разлабавување на мерките. Владата во Копенхаген сега за Ковид-19 оценува дека веќе не е „општествено критична болест“.

Сличен потег Данците направија во септември минатата година и ги укинаа корона-рестрикциите. Тогаш бројот на новозаразени повторно се зголеми многу, по што ограничувањата беа повторно воведени.

Dänemark | Aufhebung aller Corona-Beschränkungen
Данска е првата земја од ЕУ која сака да го помине Омикрон-бранот речиси без ограничувањаФотографија: Francis Dean/Dean Pictures/imago images

Дел од рестрикциите, пред сѐ оние кои се однесуваат на невакцинираните би требало да важат уште четири недели. Вакцинираните и лицата кои прележале Ковид веќе не мора да приложуваат негативен тест при влез во Данска. Лицата од ЕУ и Шенгенската зона кои немаат доказ за вакцинација или за прележана болест мора да направат тест во деновите пред или најдоцна 24 часа по влезот во Данска.

Во ЕУ од денеска (1.02.2022) во сила се исто така нови правила, според кои втората вакцинација против коронавирус важи 270 денови, односно по околу девет месеци од втората вакцина лицата ќе се третираат како невакцинирани доколку не добијат бустер доза.