1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Здравје

Дали сме зависни од стрес?

Марко Лангер
22 октомври 2016

Работата може да предизвика болест. Но, исто и преголемите лични очекувања, произлегува од најнова студија.

https://p.dw.com/p/2RETp
Deutschland Stress Arbeit Studie
Фотографија: picture-alliance/maxppp

Позната ли ви е оваа сцена? Наутро во метро или во автобус на пат кон работното место - избројте колкумина патници со наведната глава го имаат приковано погледот кон смартфонот. И? Да, точно, најголем дел од патниците. Сега следното прашање: можете ли да го оставите мобилниот телефон во џебот за време на целото возење, без да фрлите барем еден поглед кон дисплејот? Исто така и по завршувањето на работното време?

Сакаме да сме постојано достапни, постојано информирани, непрекинато очекуваме нови информации, надевајќи се на позитивни вести. Тоа што преку мобилните телефони најчесто се пренесуваат лоши информации, не ја подобрува ситуацијата. Непрекинатата достапност преку мобилните телефони во меѓувреме станува суштествен предизвикувач на болести.

„Крај на перманентната достапност“

До овој заклучок стигна фондот за здравствено осигурување Техникер по најновата анкета на Форса. Според деновиве претставената студија, во Германија рапидно се зголемуваат заболувањата на база на стрес. Шест од десет возрасни се чувствуваат под притисок. Речиси секој четврт испитаник во анкетата навел дека често е под стрес. „Очигледно е дека сѐ поголем број луѓе имаат проблеми во совладувањето на нивното секојдневие“, вели Јенс Баас, претседател на Управниот одбор на Техникер.

Темата не е огромен проблем само за здравствените фондови, туку и за претпријатијата. На пример, кај боледувањата: според наводите на Техникер, отсуствата од работа поради заболувања како депресии, здравствени нарушувања предизвикани од страв или преоптовареност во минатите 15 години се зголемени за дури 90 проценти. Од 15 денови боледување, кои во 2015. година ги имал во просек секој вработен, 2,5 дена отпаѓаат на психички дијагнози. „Скоро секој петти е загрижен дека наскоро нема да може да издржи на работното место“, вели Баас.

Фирмите можат да направат куп работи за зачувување на здравјето на своите вработени. „Во фирмите е потребна претприемачка култура, која на луѓето ќе им овозможи здрава работа, регенерација и баланс меѓу семејството и професијата“, вели шефот на Техникер.

Многумина вработени досега сметаа дека треба да се достапни и по крајот на работното време. „Тоа не говори во прилог на здрава претприемачка култура“, истакнува Баас. Патем, овој проблем нема да го решат само правила, туку првенствено претпоставените преку давање личен пример.

Deutschland Stress Arbeit Studie
Зависност од мобилен телефон, признаваат многуминаФотографија: picture-alliance/dpa/C. Klose

ФОМО и ЈОМО

Институтот за испитување на јавното мислење Форса, во рамките на студијата анкетирал 1200 лица кои зборуваат германски јазик во периодот меѓу јуни и јули. Притоа теми биле и техниките за опуштање, како и  сосем едноставни прашања како на пример : „Колку сте среќни?“

Резултатот покажува дека работната сфера не е единствен виновник кој луѓето ги прави несреќни и болни, 46 проценти од испрашаните го потврдиле тоа. Преголемите очекувања од себеси (43 насто), густината на термини во слободното време (33 насто), сообраќајот (30 проценти), како и перманентната дигитална достапност (28 насто) во анкетата се нотирани како натамошни проблематични фактори.

Според студијата, секој четврт анкетиран признал дека поминува премногу време на интернет. 17 проценти одговориле дека имаат чувство на нешто пропуштено ако подолго не се на интернет. „Психолозите веќе имаат соодветен термин за тоа: ФОМО - ’Fear of missing out'", објаснува Баас. Но, постои и контратренд: ЈОМО-  'Joy of missing out.' Тоа значи, радост да не мора да се биде постојано присутен и во тек со сѐ.