1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Дали евра од Берлин прават од Срби нацисти?

Уна Сабљаковиќ
12 јуни 2020

Поддржана од Министерството за надворешни работи на Германија, српска младинска организација преку интернет информира за учеството на Србите во војните во Југославија - и за тоа е предмет на критика од министерот Дачиќ.

https://p.dw.com/p/3dexg
Kosovo Pristina 2013 | Helm mit serbischer Flagge
Фотографија: Getty Images/AFP/A. Nimani

„Војната во Србија – таа се случи“ стои со дебели букви на интернет страницата ратусрбији.рс (ratusrbiji.rs) со која српската невладина организација „Младинска иницијатива за човекови права” се бори против широко распространет мит во земјата: дека поранешната југословенска република не учествувала во оружените конфликти од 1990-те години во Хрватска, Босна и Херцеговина и Косово.

Тоа не е само став на повеќето членови на сите српски влади од изминатите три децении, туку и повеќето граѓани на земјата со статус на кандидат за ЕУ сметаат дека Србија не учествувала во војните, а притоа сторените злосторства им се непознати на најголемиот дел Срби.

Повеќе: 

Слободан и јас

Месиќ за ДВ: Ни Милошевиќ не можеше да ги смени границите на Балканот

Браќа во злосторство

Особено помладите генерации во денешна Србија знаат малку или воопшто ништо за Вуковар и Сребреница. Анкети покажуваат дека 30 проценти од српските ученици мислат оти нивната земја воопшто не е одговорна за оружените конфликти од 1990-те години.

Со страницата ратусрбији.ср организацијата сака со факти да се спротивстави на незнаењето и неверувањето. Текстовите на страницата, која е онлајн од од први јуни 2020 година, врз основа на документи, истражувања и судски пресуди потврдуваат дека војната се случила и во Србија и дека српската држава активно била вклучена во борбите во Хрватска, Босна и Косово.

Serbien Massengrab in Petrovo Selo
Петрово Село, источна Србија, 21 јули 2001 година: по форензичка анализа посмртните останки на 77 косовски Албанци, пронајдени во масовна гробница во Србија, се погребани индивидуалноФотографија: Getty Images

Масовни гробници, затворенички логори, паравојски

Организацијата, формирана во 2003 година и поддржана од германското Mинистерство за надворешни работи, на својата интернет страница потсетува, меѓу другото, и на тоа дека српските власти криеле масовни гробници во кои биле закопувани Албанци од војната на Косово (1998/99), дека во Србија за време на војната во Хрватска (1991-95) и Босна (1992-95) имало логори за затвореници Хрвати и Босанци (муслимани) и дека српската армија тесно соработувала со српските паравојски кои докажано сториле воени злосторства.

Му се дава простор и на правното процесирање на тешките злосторства против човештвото од страна на Хашкиот трибунал на ООН за воени злосторства сторени во поранешна Југославија. Српските активисти за човекови права притоа појаснуваат дека некои поранешни обвинети денес активно учествуваат во политичкиот живот на Србија, како на пример Воислав Шешељ, кој е член на српскиот парламент.

Belgrad - Vojislav Seselj verbrennt kraotische Flagge
Српскиот ултранационалист Воислав Шешељ со запалено хрватско знаме в рака (1.04.2015, Белград)Фотографија: Getty Images/AP/A. Stankovic

Обид да се инструментализираат воените злосторства?

Критичкиот поглед во минатото и сегашноста на Србија не им се допаѓа на сите во земјата. Кратко по отворањето на сајтот, министерот за надворешни работи на Србија, Ивица Дачиќ, кој за време на југословенските војни бил функционер на тогашната владеачка Социјалистичка партија, изјави дека „Војната во Србија” бил обид за инструментализација на воените злосторства од 1990-те за денешната политика.

Весникот „Вечерње новости”, кој во 1990-те отворено беше на страната на тогашниот режим во Србија, кратко потоа објави напис со наслов „Со евра од Берлин прават нови нацисти од Србите: нова интернет страница врие од лаги”. Во текстот Дачиќ ја критикува поддршката од германското Министерство за надворешни работи за страницата „Војната во Србија” и бара западните амбасади во Србија да поддржуваат проекти за страдањата на Србите протерани од Хрватска и Косово. Организацијата имала само за цел преку користење на „добро етаблираната матрица за вината на Србите” да дојде до странски фондови.

Ehemaliges Lager Begejci, Serbien
Во логорот Бегејци, во близина на Зрењанин, во текот на југословенските војни биле затворани ХрватиФотографија: YIHR

Не постои само една вистина

Германската амбасада ги коментира овие обвинувања по барање на новинската агенција Танјуг: „Со оглед на невидените, ужасни злосторства кои ги има извршено Германија во Втората светска војна овде во Србија, како германска амбасада сметаме дека е исклучително важно да се занимаваме со сите аспекти на историјата.“

Затоа, како што се додава, многу е важно да се разбере дека за секое историско случување има различни субјективни сеќавања и вистини. Веб страницата ратурисрбији.рс е важен придонес кон дебатата за војните во поранешна Југославија, се вели од амбасадата.

Serbien SPS-Vorsitzender Ivica Dacic
Ивица Дачиќ зборува на одбележувањето на првата годишнина од смртта на поранешниот српски претседател Слободан Милошевиќ (Белград, 10.03.2007)Фотографија: AP

Фокус: Србија денес

Министерот за надворешни работи Дачиќ и „Вечерње нивости“ не се единствените гласови во Србија кои остро го критикуваат проектот ЈИХР. Провладиниот булеварски весник „Информер“ изрази незадоволство во текст под наслов „Срамен чекор на младинската иницијатива за човекови права: објавување на мапа на Србија без Косово“, бидејќи на картата објавена на ратурисрбији.рс се означени местата на кои во 1990-те се извршени злосторства, а недостасува Косово, кое е независна држава од 2008.

„Нашиот фокус е на местата на кои на територијата на денешна Србија во 1990-те биле извршени злосторства. Меѓу нив се и оние каде што биле закопани и телата на над 900 цивили од Косово“, објаснува активистот на ЈИХР, Марко Милосављевиќ.

Marko Milosavljević - Aktivist der serbischen NGO "Jugendinitiative für Menschenrechte"
Марко Милосављевиќ, активист на ЈИХРФотографија: Privat

Почити и казна

„Како генерација млади луѓе, кои израснале под товарот на овие злосторства, ние не зборуваме за категории како колективна вина, или колективна жртва на една нација“, вели Милосављевиќ. Се работи за почит кон жртвите, независно од нивната националност.“

Но ЈИХР исто така бара поединците кои ги извршиле злосторствата да одговараат за нив. „Коментарот на Министерот Дачиќ е одбрана на злосторствата извршени од српскиот режим во 1990-те“, вели активистот Милосављевиќ. „Во таа смисла се вклопува тоа што сегашната влада многу од овие воени злосторници ги слави како херои и ги поддржува политички.“