1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Дали е Петок 13 навистина баксузен?

13 август 2021

Многумина сметаат дека петок 13 не е среќен ден, особено оние кои се суеверни. Но, како дошло до тоа да се плашат? Дали можеби има културно-историски причини овој ден да се смета за несреќен? Какви се статистиките?

https://p.dw.com/p/3yxA2
Freitag der 13. auf einem Kalender
Фотографија: picture-alliance/K. Ohlenschläger

„На овој ден се обидувам да правам што е можно помалку важни работи. Сигурно дека нема да летам со авион на петок 13. Автомобил возам само кога морам. Но, добро, сепак одам на работа“, вели архитектката Сузане Ојен од Хале. 

За неа петок 13 во секој случај е чуден ден, иако досега никогаш не и‘ се случило ништо невообичаено: „Инаку не сум суеверна. Црни мачки кои поминуваат од левата на десната страна на улицата, скали под кои наводно не смее да се поминува, скршено огледало - сето тоа според мене е смешен хокус-покус. Читам хороскоп, а за петок 13 сум претпазлива. Зошто, не знам ни јас точно.“ 

Значи Сузане Ојен не е суеверна, барем таа така мисли. Но, сепак го презакажа вечерниот термин на едно градилиште од петок 13, за претходниот ден. Сигурно си е сигурно. 

Според статистиките овој ден не носи несреќа 

Не може да се најде основана причина зошто луѓето се плашат од овој наводно мистериозен ден. Според статистиките на петок 13 не се случуваат ни помалку ниту повеќе несреќи од некој друг ден. 

Дипломираниот психолог од Лајпциг Томас Тојбел направи истражување. Спортистите се многу суеверни и затоа се најпогодни за тест за издржливост, вели тој: „Ние направивме тест со играње голф. Првиот тест беше на петок 13. Токму на петок 13 сакавме да видиме дали на играчите ќе им донесе несреќа. Тогаш го повторивме истото следниот 13 и повторно немаше разлика во бројот на погодоци.“ 

Значи го докажаа спротивното, ја побија тезата дека овој ден носи несреќа. Но, со тоа не ставија крај на суеверието. Петок 13 и понатаму е сомнителен, во оваа специјална комбинација веќе 80 години. Самиот ден петок кај христијаните отсекогаш го биел лош глас, оти според библијата на тој ден Исус бил распнат на крст. Адам и Ева во петок го гризнале отровното јаболко. Тринаесет, пак, важи за број на ѓаволот, оти како „тринаесетти“, предавникот Јуда бил вишок на последната вечера. Толку за приказните според кажувањата. 

Историјата на петок 13-ти започнува во САД 

Оваа комбинација од денот и бројката најверојатно најпрво почнала да се смета за несреќен ден во САД. Петок 13 го добил ваквото значење по вториот голем пад на берзата во 1927 година, наречен „црн петок“. По големите финансиски загуби од облакодерите на Вол Стрит се фрлиле толку брокери што тротоарот наводно повеќе не бил сигурен за минувачите. Некаде во 50-те години теоријата за несреќата преминала преку океанот во Европа, и оттогаш упорно опстојува. Научникот Томас Тојбел се придржува кон фактите од човечката психа, која ги добива во наследство суеверните ритуали, смета тој: „Тоа е концепт кој егзистира во општеството, и како таков се пренесува и прифаќа. Ако моите родители или моето социјално опкружување во некоја форма го прифатиле овој концепт, тогаш може да го преземам. И ако навистина ми се случи нешто на некој петок 13, може да се случи да го предимензионирам. Тогаш значи дека се исполнило предвидувањето.“ 

Значи оној кој верува во тоа, кога и да е ќе го следи малер, ако не денес, тогаш можеби наредниот пат.