1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Закон и правосудство

Германските судови по македонски „тертип“

Ненси Ајсенсон
26 октомври 2018

Дали ќе добиете деветмесечна затворска казна или 31 година за истото дело може да зависи од тоа каде во Германија ќе ви судат. Германските правници се обидуваат преку примери од САД да го реформираат нефер судството

https://p.dw.com/p/37EpD
Symbolbild Richter
Фотографија: Fotolia/uwimages

Германското право им дозволува на судиите доста голема слобода во пресудите на обвинетите. За кражба можете да се извлечете со условна казна, но можете да заглавите и до пет години во затвор. Но, освен факторите како тежината на делото, историјата на обвинетиот и можно отежнувачки околности, локацијата на судот исто така има влијание дали казната ќе биде полесна и потешка.
Новата студија на Фолкер Грундис од Институтот Макс Планк во Фрајбург, пронајде значитечни регионални дискрепанци во пресудувањето. Грундис ги анализирал податоци од пресудите изречени од судовите во 2004, 2007 и 2010 година, кога вкупно биле донесени околу 1,5 милиони пресуди. Заклучил дека една петина од нив биле 10 проценти под националниот просек, а една петина биле над просекот.
„Секако дека имаме големи варијации во поединечни случаи, тоа е конечно, индивидуална одлука на судијата, и тоа е во принцип во ред“, изјави Грундис за ДВ. „Но фактот дека во горна Баварија казните се во просек за 30 отсто подолги од оние во Баден е проблем кога станува збор за правдата и еднаквоста.“

Помали казни на север

Најдобри шанси за блага казна добивате во северна Германија. За разлика од Минхен во Баварија, каде судовите ги одредуваат најстрогите казни во земјата.
На ниво на државата, казните за кражба, на пример, се околу три месеци. Но во Минхен таа е 3,8 месеци или 27 отсто над просекот. Во Фрајбург, во покраината Баден-Виртемберг за истото дело казната е во просек 2,1 месеци или 30 отсто под просекот. За прекршок поврзан со дрога во Минхен можете да очекувате казна од 9,5 месеци, додека на северот во Стралсунд шансите се дека ќе поминете и со само 6,3 месеци.
Постоењето на регионални разлики во казнувањето беше откриено уште на почетокот на 20. век, но анализата на Грундис е првата сеопфатна студија досега. Научниците идентификуваа неколку можни причини за разликите, од локалната правна култура до судии кои се конформираат со своите колеги од традиционални причини. Но, барем во теорија, правдата треба да биде фер и еднаква за сите.
Грундис се надева дека неговото истражување ќе ги натера судиите да се зафатат со проблемот. „Мислам дека повеќето судии не се ни свесни колку им се разликуваат пресудите“, вели тој.

Archivbild: Deutschland, Bruchsal: JVA in Bruchsal
Судиите во Германија имаат релативно голема слобода во пресудување на казнитеФотографија: picture-alliance/dpa/R. Wittek

Инспирација од САД

Професорот по право од Универзитетот во Аугсбург Јоханес Каспар верува дека нешто мора да се менува. Веќе побарал поддршка од своите колеги за изнаоѓање решение на годишната конференција на германските правници минатиот месец.
„Сите се согласија дека постојат разлики. Во некои правни региони драстични- особено кога се работи за прекршоци со дрога“. Каспар го наведува примерот на Хамбург каде обвинет фатен со еден килограм марихуана добил двегодишна условна казна, додека во Баварија друго лице за истото количество добило осум години строг затвор.
Моделот со кој може да се надмине оваа дискрепанца го нудат САД.
И таму од локацијата на судиите долго зависеше видот и висината на казната. Затоа кон средината на 1980-те, комисија од експерти изработи Сојузно упатство за осудување, со која се утврдија униформни политики за пресудување за кривични дела и сериозни прекршоци.
Упатството на судиите им нуди табела преку која можат да ја пресметаат вистинската казна. Од една страна е сериозноста на делото, а на друга криминалната историја на обвинетиот.
Иако правилата беа обврзувачки кога беа донесени, Врховниот суд во 2005 пресуди дека тие можат да се користат само како советодавни. Како резултат на таа пресуда, упатството сега е само еден од многуте фактори кои влијаат врз пресудите што, според Каспар, го прави системот неефикасен и премногу компликуван.
Германија, вели тој, треба да изгради сопствен, подобар систем.
Проблемот е што германските правници не успеаја да се усогласат за воведување на такво упатство на својата последна годишна конференција. Единствено што засега се прифаќа е национална база на податоци до која сите би имале пристап.