1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Дали во Кејт се крие нова Дијана?

29 април 2011

Венчавката на британскиот принц Вилијам со Кејт Мидлтон буди сеќавања на свадбата на неговите родители. Но, нема знаци дека може да се повтори историјата на несреќната Дијана во кралскиот дворец, велат познавачите.

https://p.dw.com/p/116KM
Кејт на венчавката во Вестминстерската опатија
Кејт на венчавката во Вестминстерската опатијаФотографија: AP

Bо 1981 година принцот Чарлс, престоloнаследникот, се ожени со лејди Дијана Спенсер, која стана ѕвезда на кралската куќа, „принцеза на срцата“. Бракот не беше среќен, следеше развод, а Дијана загина во автомобилска несреќа во 1997 година, имаше само 36 години. Што може да значи тоа за Кејт Миделтон?

(Не) посакувани споредби

Никој не може да рече дека Кејт Мидлтон не знаеше во што се впушта - за неа Дијана не е само идол, туку и предупредување, застрашувачки пример каков живот ја очекува, пред се‘ колкав голем публицитет и колку малку приватност. Кејт Миделтон е свесна за тоа: „Би сакала да ја запознаев, таа беше инспиративна жена, на која човек може да се огледа“.

Diana und Charles - Hochzeit
Дијана и принцот Чарлс на нивната венчавка во 1981 годинаФотографија: picture-alliance/dpa

И принцот Вилијам ја гледа својата жена како наследничка на сопствената мајка, впрочем, тој на Кејт и‘ го подари вереничкиот прстен на Дијана. „За жал, таа не е присутна за да го споделува сето ова со нас. Ова е мој начин да ја имам во близина“, објасни престолонаследникот.

Кралското семејство споредбите со Дијана ги следи со помешани чувства. Виндзорската куќа не би сакала повторно самоуверена, независна принцеза.

Потребна е свежа крв

Но, монарсите сакаат да профитираат од свежината, од електрицитетот кој го доведе Дијана, раздвижувајќи ги прашливите механизми во Бакингамската палата. Тоа го потврдува дописникот на весникот „Гардијан“ од кралскиот дворец, Стивен Бејтс: „Кралското семејство мора да се обнови, да се подмлади, потребна му е свежа крв. Кралицата има 85 години, владее веќе шест децении. Принцот Чарлс има веќе 64 години. Значи, на кралското семејство му треба итно активен, млад престонаследник. Сликовито кажано, во принцот Вилијам се вложени многу пари за да ја изврши оваа улога“.

Бејтс не гледа никакви знаци за можно повторување на трагедијата на несреќната Дијана. Таа беше многу млада, а Чарлс многу постар од неа, речиси не се познаваа меѓусебно. За разлика од нив, Кејт Миделтон долго живееше заедно со својот иден сопруг. Никогаш порано еден принц во британската историја не ја занаел толку добро својата жена пред бракот.

Дали Кејт ќе се снајде во светот на благородниците?

Но, токму граѓанскиот елемент, потеклото на Кејт од претприемачко семејство, без гламурозна предисторија, им задава грижи на ројалистите. Шкотската историчарка Шејла Седгвик вели: „Постои такво сфаќање, дека ова може да води кон залез на монархијата. Но, конечно, Вилијам смее да се ожени со кого сака. Во кого е вљубен, е негова работа“.

Принцот Вилијам и Кејт Миделтон
Принцот Вилијам и Кејт МидлтонФотографија: AP

Британските булеварски весници токму поради тоа ја сакаат љубовната приказна за престонаследникот и девојката од неблагородничко семејство. Сепак, и главниот уредник на весникот „Лејди“, Рејчел Џонсон, има задршка: „Би сакала таа во изминативе осум години да направеше повеќе, отколку само да чека на брачна понуда. Ме загрижува што толку малку направи во професијата и во кариерата, зашто во иднина за тоа нема да има време. Од друга страна - девојките од неблагороднички семејства ретко пишуваат историја. Но, таа ќе биде добро воспитана жена, која сепак ќе влезе во историјата“.

Автор: Себастијан Хесе/ Жана Ацеска

Редактор: Александра Трајковска