1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Конфликти

Дали Бундесверот наскоро ќе биде ангажиран во Сирија?

11 септември 2018

Што ќе се случи ако сириските бунтовници во Идлиб бидат нападнати со хемиско оружје? Германија не исклучува свое учество во евентуални одмазднички напади. Се чини дека околу ова веќе се водени разговори.

https://p.dw.com/p/34ema
Deutschland Bundeswehr-Aufklärungsflugzeug vom Typ Tornado
Фотографија: Picture alliance/dpa/H. Tittel

Дали германскиот Бундесвер ќе се вклучи во воени дејствија против владините трупи на Башар ал-Асад? Она што се чинеше тешко замисливо, изгледа одамна се дискутира меѓу експертите во Министерството за одбрана. И тоа во случај ако владата во Дамаск употреби отровен гас во борбата за освојување на последното упориште на бунтовниците - Идлиб. А што, според експертите, не е неверојатно и може да се реализира веќе идните денови. Во најлош случај од нападите би биле засегнати до три милиони луѓе. Доколку ситауцијата ескалира, повторно илјадници луѓе ќе бидат приморани на бегство, а илјадници ќе умрат. Сите дипломатски напори за деескалирање на ситуацијата досега останаа неуспешни.

Во контакт со партнерите

Според медиумски извештаи во Германија, германската влада веќе разговарала со сојузниците во Вашингтон, Париз и Лондон околу свое можно посилно учество. Дека се водени разговори, потврди и портпаролот на канцеларката, Штефен Зајберт: „Секако дека германската влада е во контакт со партнерите и сојузниците. Со оглед на ситуацијата во Идлиб, постои голема загриженост дека може да се повтори шокирачкиот шаблон од други сириски воени боишта.“ Тоа пак и за Германија би претставувало нова ситуација.

Во април САД, Франција и Велика Британија на наводната употреба на отровен гас одговорија со авионски напади. Без германско учество, откако владата во Берлин соопшти дека меѓу другото кон неа не било упатено никакво барање. Сега се чини дека ситуацијата е поинаква. Но, и по упатено барање, остануваат значајни уставни задршки против евентулано германско учество.

Syrien Idlib Demonstration gegen Militäroffensive der Regierungstruppen
Идлиб, последно упориште на бунтовниците: демонстрации со барање за поддршка од надворФотографија: Getty Images/AFP/Z. Al Rifai

ФДП отворени, Левицата против

Весникот „Билд“ пишува дека Бундесверот конкретно при напд врз Сирија ќе треба да ги стави на располагање авионите Торнадо. Досега Германија учествуваше со разузнавачки летови во напади во Сирија, но против позициите на екстремистичката милиција Исламска држава. За проширена мисија, против единиците на сириската армија, би била потребна нова согласност од Бундестагот. Дали таа ќе се случи, не е сигурно.

Повеќе: 

Идлиб: Ќе успее ли дипломатијата да спречи катастрофа?

Битка за Идлиб - битка за Сирија

Претпазлива  согласност сигнализира шефот на Либералите, Кристијан Линднер: „Употребата на оружје за масовно уништување, нервен отров, е злосторство против човештвото, кое не смее да остане неодговорено и неказнето. Преку меѓународната заедница. Ако таа реши така, тогаш Германија не смее да стои отстрана“. Но Линднер сепак се огради: ситуацијата во Бундесверот и традицијата речиси не дозволуваат офанзивно учество. Од име на Левицата шефот на пратеничката група Дитмар Барч изјави категорично: „И она што се случува во форма на германски подддржувачки мерки во Сирија, за мене е погрешно.“

И СПД против германско учество

Од сите евентуално засегнати германски министерства е присутна официјално голема воздржаност за оваа тема. Владата, која перманентно е под притисок поради несгласувањата околу бегалската политика, не може да си дозволи нова кавга. Претседателката на СПД, Андреа Налес сепак на гласините одговори со јасно „не“. А социјалдемократите се дел од владата и очигледно не сакаат ново „градилиште“.