1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Дали 2020 ќе биде година на Европа во Германија?

Фабијан фон дер Марк
1 јануари 2020

Владата на Меркел до сега беше „бледа” што се однесува до европската политика - 2020 нуди можности тоа вистински да се промени.

https://p.dw.com/p/3VOep
EU-Gipfel | EU-Wahlen | Merkel
Фотографија: Reuters/P. van de Wouw

Германската влада уште пред две години сакаше да почне да и` дава поттик на Европа. Коалицискиот договор меѓу Унијата на Меркел и Социјалдемократите го носеше насловот „Нов почеток за Европа". Од страна на СПД преговараше поранешниот претседател на Европскиот парламент, Мартин Шулц, во атмосфера која беше под знакот на визиите на Макрон за Европа и млади луѓе со европски знамиња на улиците и плоштадите во Европа.

Владата сама на себе си оддава признание на половина мандат дека постигнала многу. Германската опозиција пак различно гледа на нештата. Портпаролката на Зелените за европска политика првите две години од работата на коалицијата на тема Европа вели дека биле „траорни" .Моментално во ЕУ „сите гледаат кон Германија и од неа чекаат некој потег", вели  Франциска Брантнер во разговор со ДВ. Владата за иднината има големи планови. Поглавјето за Европа во двегодишниот биланс на Големата коалиција под наслов „Што уште планираме" завршува со реченицата: „Владата следното лето ќе го преземе претседавањето со ЕУ и со сопствени иницијативи ќе го поттикне натамошниот развој на Унијата".
Една од идеите министерот за надворешни работи Хајко Мас веќе пласираше во медиумите. Тој најави дека ќе се залага за „силна и суверена Европа". За Европа да стане поважен играч на светската сцена, Мас бара формирање Европски совет за безбедност, благодарение на кој треба да се овозможи подобра надворешно- и безбедноснополитичка координација меѓу членките. Во таков совет – и покрај Брегзитот – би можеле да членуваат и Британците.

Последиците од Брегзитот

Тоа е еден предлог кој претседателот на Комисијата за Европа Гунтер Крихбаум од редовите на ЦДУ го смета за „паметен" – исто како и се` останато што Британците и натаму би ги држело тесно поврзани со ЕУ. И Брантнер од Зелените смета дека начинот на кој ќе се уредат идните односи на ЕУ со Британците, во 2020 е најголемиот предизвик за европската политика. Таа смета дека британскиот премиер Борис Џонсон ќе биде тежок партнер за преговарање.
Британците ќе ја напуштат ЕУ на 31 јануари следната година и потоа ќе биде клучно какви ќе бидат меѓусебните релации во иднина. Во областа на трговијата Брантнер бара тесна и фер соработка во рамки на чија на островот ќе важат истите социјални и еколошки стандарди како и во ЕУ. Брантнер смета дека „главно на Германија ќе падне товарот да го одбрани внатрешниот пазар на ЕУ".
Идните релации ќе мора да бидат регулирани до крајот на 2020, што значи дека жешката фаза се совпаѓа со претседателството на Германија со Европскиот совет. Но, тоа не е се`. И европскиот буџет, односно т.н. финансиска рамка за периодот од 2021 до 2027 изгледа дека ќе биде донесен за време на германското претседателство. И тука повторно Германија ќе има клучна улога.
Со Брегзитот отпаѓа еден важна членка која плаќаше поголеми придонеси за буџетот. Затоа Европскиот парламент бара сите земји членки во иднина да плаќаат колку што е потребно за на крајот повторно да има повеќе финансиски средства на располагање отколку во моментов. Германија е против таквото покачување на придонесите, а Зелените остро го критикуваат таквиот став. „Германската влада сака да го намали европскиот буџет, што е апсурдно со оглед на поставените задачи", вели Франциска Брантнер.

Мега проектот „Зелен договор”

Европолитичарот Крихбаум не верува во „политика со дигитрон". И тој смета дека ЕУ има големи задачи кои бараат и пообемни финансии. Тој сепак смета дека има области каде може по нешто и да се заштеди, или пак задачи кои може да им се префрлат на земјите членки. Но, и за Крихбаум е јасно каде ЕУ мора да вложи заеднички напори, имено за заштита на климата и во геополитичките прашања. За климатската политика претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен најави „Зелен договор”. Според германската влада сега се работело за план како „да се постигнат климанеутрални емисии до 2050 година". Крихбаум тоа го смета за мега проект, Брантнер пак за огромен предизвик каде има големи очекувања од Германија. „Би сакала владата да биде храбар предводник, наместо да се воздржува."

Прв голем самит ЕУ - Кина

Храброст и проактивност се бараат и во надворешната полика. Германија за време на шестмесечното претседавање со Унијата ќе организира два големи самити. Едниот ќе биде ЕУ-Африка, а другиот ЕУ-Кина. Со нетрпение се очекува особено средбата на 27-те претседатели на држави и влади од ЕУ со големата делегација од Кина која ќе се одржи во Лајпциг. Тоа е прва средба од вакви размери и се случува во време кога листата на проблематични теми од германска гледна точка е особено долга. Во преден план е прашањето дали и како Хуавеи може да учествува во изградбата на германската 5Г мрежа, без притоа да се наштети на сопствените интереси. Тука Брантнер од Зелените предупредува од тоа Германија да презема чекори на своја рака и бара европска 5Г стратегија. Истовремено од владата бара на самитот да се отворат и прашањата за почитувањето на човековите права во Кина, како на пример ситуацијата со Ујгурите и демократското движење во Хонгконг.

Континент на шансите

Вториот важен самит за време на германското претседавање треба да ги зближи Европа и Африка. Од гледна точка на експертот за Европа на ЦДУ, Крихбаум, Унијата со децении неправедно ја занемарувала Африка. Сега било важно да се интензивираат релациите: „Не може да очекуваме дека други земји како на пример САД ќе се ангажираат, кога тој континент буквално ни е нам во предворјето", вели Крихбаум.
И Франциска Брантнер од Германија очекува нова перцепција на Африка, како „континент на шансите". Во областа на обновливите извори на енергија се отвораат уште повеќе можности, а и миграцијата се издвојува како поважна тема. Зелените акцентот го ставаат на тоа да се создадат повеќе легални можности за доселување во ЕУ, но и на фер поддршка на континентот. Конзервативниот Крихбаум и Брантнер од Зелените се согласуваат во една точка: германското претседавање со ЕУ може да донесе нов елан и ново одушевување во германската политика за Европа и континентот да го унапреди во однос на важни прашања за иднината. Но, Германија како единка тешко ќе може самата да ги придвижи нештата, во тоа се сложни опозиционерката, претставникот на владеачката партија и веројатно најголемиот дел од Европејците.