1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Intervention Libyen

4 март 2011

Американскиот претседател Барак Обама веќе не исклучува ниту американска воена интервенција во Либија, со оглед на ситуацијата во земјата. Се разгледува цела палета опции, изајви Обама во Вашингтон.

https://p.dw.com/p/10T6t
Дали ќе полетаат АВАКС-авионите на НАТО кон Либија?Фотографија: AP

Одлуките ќе бидат донесени во координација со останатите земји, нагласи Обама, додавајќи дека тие ќе бидат раководени од она што е најдобро за либискиот народ. Американскиот претседател уште еднаш го повика либискиот властодржец Моамер ел Гадафи да се откаже од власта.

Еден од првите кои јавно го спомнаа воведувањето зона на забранети летови над Либија беше поранешниот заменик-амбасадор на Либија при ОН, Ибрахим Дабаши. Тој се најде меѓу првите кои јавно се дистанцираа од режимот на Гадафи поради примената на сила против сопствениот народ и побараа од меѓународната заедница да превземе нешто против можниот геноцид.

Но, прашање е колку е реален таквиот воен ангажман и колкави би биле неговите ефекти? Прво за таква операција е неопходен мандат од ОН. Можноста постои од 2005 година, кога Генералното собрание на Светската организација одлучи дека: „На секаде, каде се врши масакр врз цивилното население со тенденции на геноцид, меѓународната заедница носи одговорност да ги заштити луѓето“, појаснува политикологот Карло Масала од Воената академија во Минхен.

Што точно се смета за геноцид?

Bildgalerie Ursachen von Armut: Vertreibung
Ситуацијата во Дарфур беше уште подраматична: бегалци од суданската покраина, каде се водеа борбиФотографија: AP

Експертите веќе дебатираат дали терминот геноцид може да се примени на настаните во Либија.

„Во спредба со она што пред неколку години се случуваше во Дарфур, Либија е уште релативно безопасна, иако оваа забелешка може некому да му зазвучи цинично. Во Дарфур не интервениравме. Државите по правило интервенираат само кога сакаат да ги заштитат сопствените интереси, а не кога таква обврска произлегува од некоја меѓународна резолуција или друг вид на меѓународна обврска“, тврди Масала.

Во Советот за безбедност на ОН веројатно не би било лесно да се издејствува таков мандат за Либија. Кина и Русија, како членки на Советот со право на вето, веројатно ќе се спротистават на донесувањето на таква резолуција. Во тој случај западните сили би морале да дејствуваат без мандат на ОН. И во НАТО сојузот, кој би бил единствениот чинител способен за воведување зона на забранети летови над Либија, има поделени мислења. Турција е решително против, Франција и Германија се воздржани.

Комплексен зафат

Srebrenica
Зоната за забрана на летови над БиХ не го спречи масакрот во СребреницаФотографија: DW

Меѓу скептичните е и Хенинг Рике, експерт за безбедносно-политички прашања при германското Друштво за надворешна политика: „Зона на забранети летови е многу комплексен зафат, кој не може да се реализира на кус рок. НАТО би бил во состојба да го стори тоа, но се поставува прашањето колку долго треба да трае забраната и колку голема треба да биде зоната, што точно би опфаќал мандатот на ОН?“

Либија крие големи безбедносно-политички ризици. Земјата е прво огромна, таа има територија колку пет Германии. За да се контролира целиот воздушен простор, би требало дневно да се ангажираат меѓу 100 и 150 авиони, што релативно брзо би ги потрошило дури и ресурсите на НАТО. Освен тоа: „Зоните на забранети летови не би имале директно влијание врз борбите меѓу силите на Гадафи и востаниците. Тоа значи, комплексна операција со ограничен ефект врз борбите во земјата“, посочува експертот Рике.

За да им се пружи ефикасна заштита на слабо вооружените востаници би требало да се испратат копнени сили, тоа го сметаат за поразумна опција повеќето експерти. Но, и таквата операција носи големи ризици. Конечно, можно е соседните Египет и Алжир да испратат воени сили во Либија - ако ништо друго, тогаш за да го намалат бранот бегалци, кои од Либија деновиве се слева во нивните земји.

Автор: Даниел Шешкевиц / Горан Чутаноски

Редактор: Трајче Тосев