1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Да се влезе во расправа со Алтернатива за Германија!

Геро Шлис/ превод:СН30 мај 2016

Вчера против црквата, денес против фудбалерот Џером Боатенг. Алтернатива за Германија сака да ги дискредитира моралните авторитети и општествените примери. Против тоа помагаат само факти, смета Геро Шлис.

https://p.dw.com/p/1Iwsv
Фотографија: picture-alliance/dpa/K. Gabbert

Бегалци, странско и ислам- со овие поими во Германија во моментов може извонредно да се направи каша од стравови, задршки и предрасуди. Алтернатива за Германија-АфД, го прави тоа секојдневно, без притоа досега да биде најден противлек.

Сега десните популисти повторно удрија. Целта овојпат е фудбалскиот професионaлец Жером Боатенг. Потпретседателот на АфД, Александер Гауланд за весникот „Франкфуртер Зонтагсцајтунг“ изјави дека иако Боатенг е ценет како германски репрезентативец, сепак тоа не значи дека на него не се гледа како на странец. „Луѓето не сакаат Боатенг да им биде сосед“, гласеше острата забелешка на Гауланд. Неговиот испад отвора можност да се погледне длабоко во психата на АфД, иако претседателката на партијата Фрауке Петри според испробаниот образец, брзо му упати извинување на Боатенг, а Гауланд истакна дека тој само „го опишувал ставот на некои луѓе“.

Зошто Боатенг?

Да важеа нормални политички мерила, Боатенг ќе беше најнесоодветна цел за ксенофобични подбуцнувања. Тој е роден и израснат во Берлин, татко му е од Гана, а мајка му Германка. Тој е успешен и успеа да си избори место во светоста на Германците - фудбалската репрезентација. Накусо: Боатенг е најдобар пример за тоа дека интеграцијата може да успее.

Но токму тоа, според погледите на АфД, го прави соодветен објект, за да се сее сомнеж и да се поттикнува одбојност. Преку нападите кон него, треба да се дискредитира токму овој успешен пример за интеграција. Станува збор за висината на падот, за тоа, некој од што е можно погоре да биде турнат сосема долу, и повеќе од тоа. Нападнат е и фудбалот. Причината е јасна. Имено стадионите не се само места за спортско одмерување на силите и прелеани навивачки емоции. Тука се покажува, исто како можеби уште само во културата, колку саморазбирливо луѓе од најразлични култури и животни светови можат заемно да дејствуваат и оти различноста не го ослабува тимот, туку напротив - го зајакнува.

Schliess Gero Kommentarbild App
Геро Шлис

Толку многу саморазбирлива интеграција претставува трн во око за апологетите на стравот од странците, бидејќи го побива нивното ширење на страв. И тоа токму кога спортските здруженија предизвикуваат сензација со убавите понуди за бегалците во изминатите месеци, го прави сето ова кај десните популисти веројатно не толку омилено.

Напад врз црквата

Истиот образец како нападите врз Боатенг го следат и нападите на Афд врз црквите и добротворните организации. Обвинувањето звучи ужасно, па сепак слични обвинувања имаше постојано и против меѓународните хуманитарни организации. Имено, дека тие под плаштот на добротворната работа прават бизнис со бегалците вреден милијарди. Каритас и Ѓаконија, според обвинувањата на десничарските популисти, се водечки во браншата за прифаќање на бегалците и од комерцијални причини се заинтересирани во Германија и натаму да пристигнуваат многу мигранти.

Со ваквите обвинувања би требало да биде урнисан моралниот авторитет на црквата, авторитет кои во дебатата околу интеграцијата е потребен поитно од кога било порано.

Храна за теориите на заговор

Колку и да изгледа провиден маневарот на АфД, толку е невешто на него да се реагира со зборовите „безобразно“ или „дрдорење“. Тоа наликува на избегнување на дискусија, и со тоа се продолжува несреќната линија на католичката црква, која во намерата да избегне судир со АфД, не ги покани нејзините функционери на Католичките денови во Лајпциг.

Тоа беше глупост и беше контрапродуктивно, бидејќи сега сепак се дискутира, но под грдиот предзнак дека АфД и нејзините приврзеници можат да се чувствуваат зајакнати во нивните теории на заговор.

Дискриминацијата не е вистинска стратегија против десничарските популисти. А на смее да се остане ниту на револтираните изјави од фудбалските функционери. Зашто и во двата случаи,АфД посега по предрасуди и стравови , кои можеби се претерани и политички некоректни, но сега се раширени меѓу населението многу повеќе отколку што се претпоставува.

Дијалогот како противлек

Во демократијата има само единствен противлек, кој може да го спречи ширењето на стравови во средиштето на општеството. Тоа се фактите и аргументите, тоа е дискурсот.

За ова изгледа дека политичките партии веќе научиле нешто за разлика од другите општествени групи. Поранешната министерка за правда на Германија. Сабине Лојтхојзер-Шнаренбергер најдобро го демонстрираше тоа. Во весникот „Зиддојче цајтунг“ таа ја подложи програмата на АфД на проверка на фактите - и ја направи да изгледа прилично завчерашна.

Тоа не може да се одмине. Да влеземе во расправа со десничарскиот дух на времето! Во спротивно АфД и останатите и натаму ќе можат да готват невкусни супи од стравови, задршки и предрасуди.