1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Гутереш: Сѐ што ни е важно, зависи од мирот

Ж.А. /агенции
2 јануари 2017

Новиот генерален секретар на ОН Антонио Гутереш сака 2017. да биде година на мирот.

https://p.dw.com/p/2V7zs
Antonio Guterres
Фотографија: picture alliance/AP Photo/S. Wenig

„Да ја направиме 2017. година во која мирот ќе биде највисокиот приоритет, во која сите ние ќе се потрудиме да ги надминеме разликите во нашите мислења. Мирот треба да биде наша цел и наше животно правило",порача Гутереш во новогодишното обраќање.

На првиот ден по стапувањето на челната функција на ОН, тој го истакна прашањето кое му лежи на срце: „Како да им помогнеме на милионите луѓе кои се заробени во конфликти и страдаат во војни чиј крај не е на повидок?" Генералниот секретар на ОН повика на надминување на разликите во мислењата, на заклучување примирје на боиштата и компромиси на преговарачките маси. „Сѐ кон што ние стремиме како човештво, достоинство и надеж, напредок и благосостојба, зависи од мирот".

Гутереш, кој десет години беше на чело на УНЦХР, Организацијата на ОН за бегалци, а претходно португалски премиер, од почетокот на оваа година застана на чело на ОН,наследувајќи го Бан Ки Мун, кој беше генерален секретар на ОН од 2007. година. Антонио Гутереш важи за искусен, отворен, човек кој зборува повеќе јазици и - човек од акција. За разлика од Јужнокореанецот Бан, од Гутереш се очекува поголема иницијативност во однос на најгорливите конфликти во светот. На новата функција тој ќе се соочува со огромни предизвици. Конфликтот во Сирија е само еден од нив.