1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Гуаидо: Протерувањето на германскиот амбасадор е „закана“

ЕМФ /агенции
7 март 2019

Самопрогласениот претседател на Венецуела, Хуан Гуаидо оцени дека протерувањето на германскиот амбасадор од Каракас е „закана кон Германија“ и побара заострување на санкциите против раководството околу Мадуро.

https://p.dw.com/p/3EaCW
Argentinien, Buenos Aires: Oppositionsführer Juan Guaido auf einer PK
Хуан Гуаидо го замолил германскиот амбасадор да остане во ВенецуелаФотографија: Reuters/A. Marcarian

Николас Мадуро сака да покаже дека сѐ уште има власт во свои раце, па затоа протерува амбасадори, но тој не е овластен за тоа, изјави самопрогласениот венецуелски амбасадор Хуан Гуаидо за „Шпигел“ и додаде дека тој го замолил германскиот амбасадор да остане во Венецуела. „Јас го признавам и сакам да ѝ се заблагодарам на Германија за пружената хуманитарна помош“, рече Гуаидо.

Владата во Каракас вчера соопшти дека германскиот амбасадор Даниел Кринер мора да ја напушти Венецуела во рок од 48 часа. Поради тоа што се меша во внатрешните работи на земјата, Кринер е прогласен за непожелна личност, се вели во образложението на одлуката на владата.

Повеќе: Венецуела: Кој ќе издржи во политичкиот покер?

Германскиот министер за надворешни работи Хајко Мас изјави дека „несфатливата одлука“ натамошно ја заострила ситуацијата. Тој одлучил да го повика амбасадорот на консултации, но европската поддршка за Гуаидо е нескршлива.

Кринер беше еден од четворицата странски амбасадори кои во понеделникот го зедоа Гуаидо од аеродромот во Каракас, за да се исклучи евентуално апсење при неговото враќање во земјата. Хуан Гуаидо ја напушти Венецуела и покрај забраната за излегување од земјата со цел да се сретне со шефовите на влади на соседните земји.

Venezuela Krise l Deutscher Botschafter Daniel Kriener in Venezuela zur unerwünschten Person erklärt
Германскиот амбасадор Даниел Кринер од страна на владата на Мадуро е обвинет за мешање во внатрешните работи на ВенецуелаФотографија: Getty Images/AFP/F. Parra

Уапсениот американски новинар протеран во САД

Во меѓувреме, американскиот новинар Коди Ведл, кој вчера беше уапсен во Венецуела, е протеран во САД, јави венецуелскиот новинарски синдикат СНТП. Околу 12 часа по апсењето, репортерот е однесен на меѓународниот аеродром во Каракас, од каде требало да биде качен во авион за САД. Ведл известуваше за политичката криза во Венецуела за различни американски медиуми.

Новинарот и неговиот венецуелски соработник Карлос Камачо беа упасени вчера изутрина од страна на агенти на венецуелската воена тајна служба. Агентите направиле претрес на станот на репортерот и заплениле средства за работа, јави новинарскиот синдикат СНТП. Причините за апсењето не се соопштени.

Повеќе: Какви се шансите за американски воен напад во Венецуела?

Американското министерство за надворешни работи изрази загриженост поради апсењето и побара итно ослободување на Ведл. „Да се биде новинар не е злосторство“, напиша на Твитер портпаролката на министерството Кимберли Брејер. Таа за случајот го обвини претседателот Мадуро.