1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Грчкиот проблем со статистиката

Јанис Пападимитриу
4 август 2017

Поранешен директор на грчкиот Завод за статистика е осуден на двегодишна условна казна поради прекршување на работните обврски. Можно е да следуваат и други судски процеси.

https://p.dw.com/p/2hfwH
Symbolbild Hilfe für Griechenland
Фотографија: picture-alliance/dpa/Berg

Андреас Георгиу е осуден на двегодишна условна казна поради повреда на работните обврски. Поранешниот шеф на грчкиот Завод за статистика (од 2010 до 2015) во првата година на функцијата без согласност од Управниот одбор во Брисел јавил дека Грција има нов рекорден долг. Речиси истовремено, тогашниот социјалистички премиер Јоргос Папандреу барал меѓународна кредитна помош за Грција во замена за болни мерки на штедење. Неизреченото обвинување на сметка на Георгиу гласи: тој го надул проблемот со долговите на Грција, а ако тоа не го сторел земјата немало да мора да се соочи со програми за штедење.

Возбуда во Грција предизвика не само пресудата против Георгиу. Весникот „Франкфуртер алгемајне цајтунг“ објави оценка на соработник на Евростат кој во Атина настапил во улога на сведок, а кој тврди дека во судската сала владеела „ужасно непријателска атмосфера“. Повеќе лица му пристапиле и му викале, тврди соработникот на Европскиот завод за статистика, чие име не е објавено. За „необични случувања“ зборува и Јанис Питарас, уредник на политичката редакција на телевизијата Скај. По прогласувањето на пресудата повеќе присутни во салата скокнале и славеле. Во просторијата одекнувало „Да живее Грција“. „Можам само да кажам: судските сали во иднина не смеат да се претворат во поле за политичка пресметка“, опоменува новинарот. Но, според конзервативниот европратеник Јоргос Кирцос пресудата не е толку изненадувачка. Кирцос е дел од натпартиската парламентарна група која критички ги следи програмите за помош на Грција. „Во врска со ова уште пред 6 месеци имавме телефонска конференција со господин Георгиу. Тој ни кажа дека веројатно се почнати некакви процеси против него“, нагласува европратеникот во разговор за ДВ.

Griechenland Andreas Georgiou, Chef-Statistiker
Андреас Георгиу може да се соочи и со нови судски процесиФотографија: picture-alliance/AP Photo/P. Giannakouris

„Веродостојноста е најважна“

Во минатото е повеќепати покренувано обвинение против бившиот директор на Заводот за статистика, но тие обвиненија подоцна се повлекувани. Во текот на последната рунда преговори со меѓународните кредитори, левичарската влада во Атина дури се обврза дека ќе ги преземе досегашните судски трошоци во износ од 100.000 евра. Се чинеше како целата работа да е тука завршена. Тоа што Георгиу сепак е осуден, отвора прашање - дали податоците за грчкиот буџет, како што честопати се случуваше во минатото, се станати предмет за политичко ценкање. Дотолку повеќе што се води истрага само против статистичар кој веројатно ги коригирал погрешните податоци, а не против оние кои се одговорни за ваквите фалсификувани статистики. Александрос Критикос, директор за истражувања во Институтот за економија во Берлин (ДИВ), не сака да оди дотаму и да се сомнева со грчките економски податоци од 2016 година. Сепак, дебатата околу поранешниот директор на Заводот за статистика покажува едно: „Веродостојноста во Грција сега е најважна. Од клучно значење сега е Атина да достави податоци од доверба за 2017 година.“

Според наводи на Европската Комисија, податоците кои во последните години се испраќани во Брисел се веродостојни. И Крицос не гледа причина за сериозни сомнежи. Но, сиви зони има и натаму: „Владата го слави неочекувано високиот примарен суфицит во буџетот, при што се изземени трошоците за каматите, а од друга страна многу приватни претприемачи не можат да си ги наплатат сметките од државата.“

Griechenland Statistikbehörde ELSTAT
Зградата на грчкиот Завод за статистика ЕЛСТАТФотографија: picture-alliance/Pacific Press/M. Debets

Се наѕира нов процес

Според новинарот Питарас, поранешниот директор на Заводот за статистика во наредните недели можеби ќе се соочи со уште еден процес. Тогаш казната за Георгиу може да биде тешка, зашто ќе важи како претходно осудуван. Во меѓувреме грчкиот Судски совет протесира поради критиките од странство: „Независноста на националните заводи за статистика е можеби важен столб на економската и монетарната унија, но независноста на судиите и адвокатите во секоја земја е столб на демократската држава“, се вели во реакцијата на Судскиот совет, упатена пред сѐ во насока на Брисел.

А што ако критичарите на поранешниот директор на Заводот за статистика се сепак во право и податоците кои Георгиу ги јавил во Брисел придонесле некако за должничката мизерија на Грција? Тоа не е можно, ако ништо друго, тогаш поради временски причини, нагласува политичарот Крицос. Зашто, „одлуката Грција да биде ставена под надзор била донесена долго пред Георгиу да седне на директорската фотелја во ЕЛСТАТ.“