1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Историја

Грција: Државен јубилеј во пандемија

25 март 2021

Грција сакаше со голема прослава да ја одбележи 200-годишнината од почетокот на борбата за ослободување од Османлиското царство. Но, поради пандемијата, ќе има само воена парада низ празна Атина.

https://p.dw.com/p/3r62u
Griechenland | Griechischer Unabhängigkeitskrieg 1821
Фотографија: ANE/picture alliance

Во Грција поинаку си го замислуваа одбележувањето на јубилејот. Се сонуваше за прослави низ села, училишни паради, настани со многу високи гости, особено од Англија, Франција и Русија – земји во кои во 19 век имаше силни филелински движења. Требаше да се слави со радост, гордост и сигурен поглед во иднината, особено поради тоа што јубилејот се совпаѓа со десетгодишнината од почетокот на големата економска должничка криза во земјата. 2021-ва требаше да биде година на сеќавање на 200-годишнината од грчката револуција со централна прослава на 25 март. Но, пандемијата ги помати овие планови.

Денеска (25.03) ќе се одржи само воена парада во Атина, но без публика, без деца, без знамиња, без ентузијазам. Оклопните возила ќе поминат низ празен град – како хорор сцена од филмот Лудиот Макс. Грчки, американски и француски воени авиони ќе изведат акробациски летови за телевизиската публика – и попатно демонстрирајќи им на соседите во Турција колку поранешните поданици се станати силни по 200 години.

Првичната идеја на грчката влада на премиерот Кирјакос Мицотакис беше на 25 март да ги поканат како почесни гости првите луѓе на Велика Британија, Франција и Русија. Оти овие три сили тогаш им помогнале на Грците да ја победат османлиско-египетската флота кај Наварино во октомври 1827 година, со што е отворен патот кон посакуваната слобода. Поморската битка кај Наварино се смета за почеток на крајот на Османлиското царство и придонесла кон тоа Грција да стане првата независна држава на Балканот.

Griechenland Nationalfeiertag
Традиционалната парада годинава е откажана поради пандемијатаФотографија: DW/F. Schmitz

Почесни гости - принцот Чарлс и рускиот премиер

Сепак, идејата на јубилејот да присуствуваат претседателите на трите сојузнички земји наиде на потешкотии, и тоа не заради корона-кризата. Рускиот претседател Владимир Путин уште на почеток ја одби поканата. Вечната кралица Елизабета Втора никогаш не ни сакала да ја посети родната земја на нејзиниот сопруг. Само Емануел Макрон веднаш го потврди своето присуство – сѐ додека пред неколку недели не воведе нов карантин во земјата и краткорочно го откажа доаѓањето во Атина.

Така, од првичниот план сега остана само посетата на Принцот Чарлс и сопругата, како и на рускиот премиер Михаил Мишустин. Освен нив, ќе допатува и француската министерка за одбрана Флоренс Парли и, секако, кипарскиот претседател Никос Анастасијадис.

Пикантна случајност е што Анастасијадис и Мицотакис веднаш по парадата во празна Атина, ќе учествуваат на онлајн самит на ЕУ. Главна тема е пандемијата, но ќе се зборува и за тема во најширока смисла поврзана со 200-годишнината од револуцијата – односите помеѓу ЕУ и Турција.

Symbolbilder | Griechenland | Griechischer Unabhängigkeitskrieg 1821
Група девојки во грчки носии чекаат да земат учество на одбележувањето на годишнината од почетокот на грчката револуција во 1821 година (април 1946 година)Фотографија: Keystone/Getty Images

Силни безбедносни мерки

И покрај ограничувањата поради корона-пандемијата и празните улици, над 4000 полицајци ќе се грижат за безбедноста на високите гости. Уште од вчера наутро (24 март) низ цела Атина е активирана таканаречена безбедносна мрежа. На плоштадот Синтагма се распоредени дури и снајперисти, а полициски дронови и хеликоптери постојано надлетуваат над градот. Сите важни раскрсници внимателно се контролираат, вклучени се и деактиватори за мобилни телефони, а специјални полициски кучиња трагаат по евентуални експлозиви. Полицијата има задача навремено да го отстрани секој кој ќе се обиде да се приближи до парадата на места на кои не е дозволено присуство на цивили.

Но, прослави во принцип не се поврзани со безбедносни мерки, туку со радости, подароци и гестови. Првиот подарок по повод 200-годишниот јубилеј пристигна во Атина уште во понеделникот (22.03) – францускиот парламент испрати ретка ѕидна таписерија од 18 век насловена како „Атинската школа“ на Рафаел, која на одредено време му се отстапува на грчкиот парламент.

Повеќе земји денеска во знак на одбележување на грчкиот јубилеј ќе ги осветлат своите важни зданија во сино-бело, односно во боите на грчкото знаме.

Griechenland Flagge
Важни зданија во повеќе земји денеска ќе бидат осветлени во боите на грчкото знамеФотографија: picture-alliance/AP Photo/D. Ochoa de Olza

Нијагара во сино-бело

Фотографии од сино-бело осветлената опера во Сиднеј веќе со денови кружат по социјалните мрежи, бидејќи Австралијците правеле тест на осветлувањето. На 25 март во сино-бело ќе засветат и парламентите во Букурешт и Варшава, олимписката кула во Минхен и Рајнската кула во Диселдорф. Канада, меѓу другото во сино-бело ќе ги осветли и водопадите на Нијагара, а Белгија ќе го „облече“ познатиот Манекен пис како грчки борец за слобода.

Светот сака да го прослави 200-годишниот јубилеј со Грција и тоа го покажува. Особено земјите кои имаат голема традиција на филелинизам (особена љубов кон грчката традиција и култура) или имаат голема грчка дијаспора. Германија спаѓа и во двете категории. Иако како најпознат филелинист се смета еден Британец, поетот Лорд Џорџ Бајрон, повеќето не-Грци кои се бореле и загинале за време на грчката револуција за независност, биле Германци. Веројатно инспирирани од Јохан Волфганг Гете кој ја овековечи својата страсна врска на далечина со Грција во „Ифигенија во Таврида“ со познатиот стих: „На брегот стојам долго, барајќи ја со душава земјата на Грците“.

Каки Бали
Каки Бали Дописничка од Атина на DW Грчки