1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Griechenland Machtwechsel

6 октомври 2009

Во Грција наизменично на власт доаѓаат две политички партии, кои никако да се изборат со главната болка на општеството - непотизам, корупција, огромни државни задолжувања.

https://p.dw.com/p/Jywt
Фотографија: picture-alliance / Bildagentur Huber/AP/Montage DW

Промена на власта во Грција - јасен победник на парламентарните избори се опозиционите социјалисти, кои во парламентот можат да се надеваат на комотно мнозинство. ПАСОК, предводен од Јоргос Папандреу доби речиси 44 проценти од гласовите. Досега владеачката Нова Демократија на премиерот Костас Караманлис има цели десет проценти помалку. Непотизам, никакви реформи и енормни државни задолжувања се главните причини за големиот пораз.

Папандреу вети „враќање на насмевката“

Промената носи веќе познато име. Лидерот на социјалистичката партија ПАСОК, Јоргос Папандреу, кој на Грците им вети дека ќе им ја врати насмевката на лицата, е син на големиот народен трибун и долгогодишен премиер Андреас Папандреу. ПАСОК ветува промени, но нив ги ветуваше и Караманлис, кога во 2004 година дојде на местото на својот социјалистички претходник Костас Симитис, потоа повторно во 2007 година, кога освои повторен мандат. Но, секој Грк знае што мислат политичарите под поимот промена. Станува збор за перманентната цел на општеството, што никако да се достигне: борба против корупцијата, транспарентност во политиката и економијата, санирање на финансиите. Надежите во ова уште еднаш беа изјаловени за време на мандатот на Караманлис - многумина министри беа вовлечени во корупциски скандали, насекаде се делеа раководни места на пријатели и гласачи на владеачката партија, финансиите не станаа транспарентни. Владата само за две години го загуби здивот. Гласачите, во некој вид панична реакција, побараа прибежиште во опозициониот ПАСОК, партијата која само пред пет години ја симнаа од власт по 20 годишно владеење поради корупција и преголем број скандали.

Vorgezogene Parlamentswahlen in Griechenland
Костас Караманлис не ги исполни ветувањатаФотографија: DPA

Оперета или трагедија?

Во други околности смената на грчките политички династии на кормилото на власта и нивното меѓусебно оцрнување би можеле да се посматраат како чинови во некоја лесна оперета. Но, со оглед на економската криза и на тоа дека станува збор за најслабата земја во евро-зоната, овој чин повеќе изгледа како дел од некоја трагедија. Со државно задолжување од речиси 296 милијарди евра и буџетски дефицит од 11 проценти од брутодомашниот производ, Грција ги пречекори сите критериуми од Мастрихт. За да ги одржи ветувањата дадени на гласачите, на Папандреу, во следните месеци, би му требале дополнителни 2,5 проценти од брутодомашниот производ.

Giorgos Papandreou Parteivorsitzender der griechischen PASOK
Тешки задачи за Јоргос ПапандреуФотографија: Panagiotis Kouparanis

Недвојбено е дека ПАСОК и Нова Демократија се две страни на еден ист медал, на застарениот двопартиски систем, многу подложен на корупција, кој преживува само поради непостоењето уверлива алтернатива. „Враќањето на насмевката“ за Јоргос Папандреу нема да биде ни малку лесна задача. Депресијата веќе зафати широки делови на грчкото општество. Не станува збор само за речиси 30 проценти од граѓаните кои воопшто не излегоа на избори во неделата. Станува збор за младината што не гледа никаква перспектива, која е подготвена на револт, како што покажаа немирите лани во декември, во Атина, на досега невиден начин. Ако и овојпат во Грција не дојде до суштинска промена, тогаш постои опасност од вистински колапс на социјалниот мир.

Коментар: Спирос Москову

Превод: Жана Ацеска

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска