1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Грција: Одвратна афера се претвора во политикум

25 февруари 2021

Грчкиот парламент денеска (25.02.2021) ќе дебатира за скандалот со злоставување кој ја потресе Грција. Аферата околу познатиот актер и режисер Димитрис Лигнадис стигна до кругови на владата во Атина.

https://p.dw.com/p/3ppDD
Griechenland Festnahme Dimitris Lignadis
Димитрис Лигнадис беше уапсен пред неколку денаФотографија: Costas Baltas/REUTERS

Насловот на дебатата во грчкиот парламент е оригинален: премиерот Киријакос Мицотакис е со намера да ги информира пратениците за „Квалитетот на демократијата и јавниот дијалог“. Очигледно Мицотакис ја одбрал ваквата стратегија за одбрана од нападите на опозицијата, која бара оставка на министерката за култура Лина Мендони поради сомневања за заташкување во скандал со силување.

Станува збор за аферата околу Димитрис Лигнадис, поранешен директор на Националниот театар во Атина, кој даде оставка пред неколку дена. 56-годишниот познат актер и режисер е соочен со обвинувања од најмалку двајца мажи дека наводно ги силувал на тинејџерска возраст.

Првите обвинувања излегоа на површина на почетокот на февруари и тоа преку шокантно интервју на една од наводните жртви за порталот „2020 mag.gr“, во кое Лигнадис не беше спомнат со име. Потоа почна да работи кујната со шпекулации, според кои познатиот режисер ќе се повлечел од функцијата. Лигнадис на тоа реагираше огорчено: „Не знам како настанале овие гласини и не знам каква е нивната цел“, изјави тој, а министерката за култура Лина Мендони веднаш во едно интервју нагласи дека против него нема официјални поплаки.

„Од лични причини“

Четири дена потоа Лигнадис навистина поднесе оставка „за да не му наштети на имиџот на Националниот театар“. А, Лина Мендони искажа разбирање за тоа дека режисерот не му бил дораснат на стресот предизвикан од обвинувањата. Кога портпарол на грчката влада беше прашан во врска со ова, тој одговори дека Лигнадис дал оставка „од лични причини“.

Во меѓувреме испливаа и постари хорор-приказни за Лигнадис и тоа од страна на познати личности од театарот, кои наведоа дека тој почесто посегнувал по млади мажи. Поради тоа бил ставен крај и на неговиот ангажман како предавач.

Griechenland Festnahme Dimitris Lignadis
56-годишниот актер и режисер Димитрис Лигнадис е соочен со обвинувања од најмалку двајца мажи дека наводно ги силувал на тинејџерска возрастФотографија: Costas Baltas/REUTERS

„Опасен човек“

На 19 февруари Мендони свика прес-конференција за да раскаже дека била „измамена од извонредниот актер“ и да оцени дека тој е „многу опасен човек“. Таа нагласи и дека не го познавала Лигнадис пред тој да биде назначен за директор на Националниот театар и дека тој „не и' е пријател ниту нејзе ниту на Премиерот“.

По оваа прес-конференција уште погласни станаа оние кои бараа оставка на министерката за култура Лина Мендони. Оставка бараа културни работници, сите опозициски партии, па дури и пратеници од конзервативната владејачка партија Неа Демократија. Се бара повлекување на Мендони затоа што таа, од една страна, требало да преземе политичка одговорност за скандалот, а од друга страна - затоа што една министерка не смеела да зборува за „многу опасен човек“ пред тој од страна на правосудството да биде прогласен за виновен.

Назначување на функција без оглас

Случајот „Лигнадис“ беше политикум речиси од почеток, затоа што режисерот во 2019 година беше назначен на местото директор на најважниот грчки театар од страна на Лина Мендони поради „јавен интерес“. Тогаш министерката за култура директно го назначи Лигнадис, без претходен оглас.

Griechenland Premierminister Kyriakos Mitsotakis
Грчкиот премиер Киријакос Мицотакис е со намера да ги информира пратениците за „Квалитетот на демократијата и јавниот дијалог“Фотографија: Costas Baltas/REUTERS

Од неделата, 21 февруари, Лигнадис е во истражен затвор. Тој ги отфрла сите обвинувања и го ангажираше најпознатиот адвокат во Грција, кој пак веднаш почна да зборува за „неверодостојни тужители“ и „професионални хомосексуалци“. Адвокатот Алексис Кугијас смета дека зад случајот се крие обид за министерката за култура да биде принудена на оставка, па дури и обиди за уривање на владата. Опозицијата, пак, смета дека владата се обидела да го заташка случајот. Дури откако за збор се јавија првите очевидци за дела за силување кои не се застарени, Лина Мендони зазеде став.

Валканата битка и жртвите

Во медиумите, а пред се' на социјалните мрежи, со денови се води битка со сите средства, која станува се' пожестока и поапсурдна. Медиумите и троловите верни на власта се обидуваат да ги релативизираат обвинувањата против Лигнадис и зборуваат за заговор на Левицата против „многу добрата министерка“ Мендони, која го отворила патот „за важни инвестиции“.

Медиумите и троловите кои се против владата го обвинуваат премиерот Мицотакисдека толерира хомосексуалци во своето опкружување, па дури и дека им пружа заштита колку што може.

Сите заедно, пак, ја игнорираат храброста на жртвите на сексуално насилство да проговорат за своето страдање. Таква храброст прва, на почетокот од годинава, покажа олимписката победничка во едрење Софија Бекатору.

#Meetoo-Debatte Griechenland | Sportlerin Sofia Bekatorou
Софија Бекатору го прекина молкотФотографија: Alkis KONSTANTINIDIS/AFP

Успешната и омилена Бекатору го прекина молчењето и изјави дека во 1998 година била силувана од функционер во Едриличарскиот сојуз. Нејзината изјава и во Грција покрена #MeToo-движење. Оттогаш многу жени и неколкумина мажи се јавија со обвинувања на сметка на познати личности за сексуално вознемирување, телесни повреди и силување. На мета на обвнувањата се најдоа познати порфесори, актери и режисери. Лигнадис, меѓутоа, е првиот којшто е уапсен.

Каки Бали
Каки Бали Дописничка од Атина на DW Грчки