1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Грција само добива на време

30 јуни 2011

Грчкиот парламент ги усвои драстичните мерки за штедење за периодот од 2012 до 2015 година. Сепак, само мерките за штедење, зголемувањето на даноците и приватизирањата не се доволни, смета Спирос Москову.

https://p.dw.com/p/11mOJ

Денот, на кој грчкиот парламент одлучуваше околу опсежниот пакет за штедење во периодот од 2012 до 2015 година, многумина го нарекуваа пресуден ден за Грција и еврозоната, ако не и за целото светско стопанство. Многу стравови и хорор-сценарија беа поврзани со евентуалниот банкрот на Грција уште кон средината на овој јули. Во најлош случај се зборуваше дури и за нова финансиска криза, слична на онаа од септември 2008 година, предизвикана од банкротот на американската банка „Лиман брадрс.“

Грчкиот парламент, со тесно мнозинство, сепак го донесе законот за обемната програма за штедење. Тој предвидува кратења и зголемување на даноците во висина од 28 милијарди евра само во следната година. Освен тоа, тука е и амбициозната програма за приватизирање на државните компании, со што во државната каса би се слеале дополнителни 50 милијарди евра. Дали тоа значи дека Грција е спасена и еврозоната е безбедна од пропаст? Во никој случај!

Грција на тој начин само добива на време и си ја обезбедува следната транша од веќе договорената финансиска помош од ЕУ и ММФ. Спроведувањето на првиот и вториот пакет за штедење ќе биде строго набљудувано од меѓународните финансиери. Таканаречената Тројка, составена од претставници на Европската комисија, Европската централна банка и Меѓународниот монетарен фонд, веќе утврди големи недоследности во спроведувањето на првиот пакет-мерки за штедење.

Spiros Moskovou
Авторот на коментарот, Спирос МосковуФотографија: DW

Германија да ја преземе својата улога

Државните служби во Грција не се вистински подготвени за спроведување на мерките и се конфронтирани со растечкото незадоволство на граѓаните. Дури и самата влада официјално призна дека мерките за штедење не се секогаш фер, но се неопходни. Искрено признание, кое сепак не го поттикнува прифаќањето на старите и новите мерки. На Грција итно и` е потребен стабилен систем за собирање на даноците, како и независна комисија, што ќе ја надгледува приватизацијата. Освен тоа, на Атина и` е потребен барем минимум политички консензус, ако не и честопати ветуваното, но никогаш исполнето, ново уредување на државата.

ЕУ и еврозоната не бараат ништо помалку од тоа. Се чини дека во последниве денови се наметнува ставот дека, на долгорочен план, само пакети за штедење не се трајно решение, ни за Грција, ни за целиот јужен столб на ЕУ. Постојано се зборува за мал Маршалов план за Атина, кој во најдобар случај треба да им даде поттик на сите ослабнати стопанства на југот и да обезбеди трајна продуктивност во тој дел од ЕУ. Само на тој начин може да се поправи „аномалијата од раѓање“ на еврозоната - спојувањето на најразлични економии и политики со заедничка валута. Германија, пак, како главен профитер од ерата на еврото, мора конечно да ја преземе водечката улога на тој план. При таков распоред на силите, не може да се очекуваат одговори од Атина, Лисабон или Даблин.

Автор: Спирос Москову

Превод: Трајче Тосев

Редактор: Александра Трајковска