1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Грција: Загубена туристичка сезона поради короната

20 август 2020

Туризмот е основа на грчката економија. Корона-пандемијата им стави крај на успесите од претходните години. Тоа за земјата значи вистинска катастрофа.

https://p.dw.com/p/3h8cj
Griechenland Coronavirus | Tourismus in Chalkidiki
Фотографија: DW/F. Schmitz

Она што се гледа во Псакудија на северот од Грција дава лажна слика. Малото место се наоѓа на брегот на полуостровот Халкидики. За викенд плажите се полни, но не со туристи од странство, туку со Грци. „San ti Halkidiki den exei“, велат во Солун, кој се наоѓа во близина. Во превод „Никаде не е како на Халкидики“ – со прекрасни плажи, зелени шуми и тиркизна боја на морето.

Главните празници на Грците се во периодот околу 15 август. Улиците во големите градови се празни, затоа што тогаш речиси сите се на колективен одмор на море. „Но тоа не важи оваа 2020 година“, вели Мелиса, сопственик на бар на плажа. Таа стои на шанкот додека сопругот се занимава со малиот внук. „Немавме ниту еден случај на корона во селово, па сепак никој не дојде“, се жали таа. Годинава има само 20 проценти искористеност на капацитетите, а работата е падната за околу 80% во споредба со претходните години. И покрај тоа, таа се труди да остане оптимист: „Овде сите си помагаме едни на други. Се надеваме дека така ќе ја преживееме зимата. Барем годинава. Како ќе биде догодина, никој не знае.“

Пропаднати надежи

Всушност, плановите за летото беа сосем поинакви. Со брза реакција на грчката влада ширењето на вирусот во март и април беше сведено на минимум. За Грците тоа беше повод да бидат горди. Со многу трпение ги издржаа сите мерки, носеа маски, одржуваа дистанца во супермаркет, седеа дома. Министерот за развој Адонис Георгијадис во светло на ова зборуваше за „ребрендирање“ на земјата. Грција од црна овца во Европа стана светол пример.

Странскиот печат ја прогласи земјата за една од омилените туристички дестинации во корона-летото. Но, кога на 1 јули повторно беше пуштен авиосообраќајот, вообичаено полните аеродроми сега беа речиси празни. Надежите за прилив на туристи пропаднаа. „И покрај короната, сепак дојдовме“, вели една жена од Берлин, која со две пријателки летува во Псакудија. Не ја предомислиле можните проблеми или компликации при влезот. „На аеродромот се’ беше без проблем,“ раскажува таа за ДВ.

Griechenland Coronavirus | Tourismus in Chalkidiki
Празни плажи на ХалкидикиФотографија: DW/F. Schmitz

Втор бран корона во Грција?

Секако, влезот не е едноставен. За оние кои ќе допатуваат во Грција задолжителен е  е QR-код со кој се регистрираат сите патници. На почетокот од јули многу туристи не беа информирани за тоа. Други пак раскажуваат за проблеми со пополнување на електронските формулари за влез во земјата. Сепак, ситуацијата на границата со соседните земји Бугарија и Албанија беше драматична. Таму имаше застој, па за влез се чекаше дури и со денови. „Платив 100 евра за ПЦР тест,“ вели еден турист од Бугарија, дојден на петдневен одмор во местото Переа. На границата повторно го тестирале, поради што морал 24 часа да остане во изолација во хотелот.

Стравот беше голем дека туристите ќе го донесат вирусот во Грција и ќе пропаднат сите мерки и позитивни резултати во справувањето со ширењето на Ковид-19. Но во моментов, исто како и во другите земји, и во Грција повторно се зголемува бројот на новозаразени. Се чини ова нема никаква врска со туристите кои доаѓаат во земјата. Едно соопштение од Универзитетот Аристотел во Солун, сугерира дека зголемувањето било препознатливо уште пред отворање на границите. Според соопштението за медиуми од 13 јули, интердисциплинарен научен тим редовно ја мери концентрацијата на коронавирусот во одводните води на влезот на пречистителната станица во Солун. Научниците зборуваат за „загрижувачки” резултати кои не одговараат на растоварената ситуација во болниците.

Повеќе:

Грција загрижена: Туристите од регионот го „увезуваат“ коронавирусот

Нови чекори за спас на грчкиот туризaм

Во април вирусот не можел да се најде во водите, додека пак пробите од почетокот на јуни покажале сосем различна слика. Тоа води до претпоставката „дека бројот на асимптоматски или умерено симптоматски случаи кај градското население на кои не им е потребен болнички третман, веројатно е значително зголемен.”

Баровите и рестораните во Солун и повеќето туристички региони мора да затвораат на полноќ. Владата ги моли особено младите сериозно да го сфатат вирусот и во летното расположение да не ги забораваат здравствените ризици. „Немој да бидеш виновен за следното заразување”, апелира Киријакос Мицотакис преку Твитер до своите сонародници.

Griechenland Coronavirus | Tourismus in Chalkidiki
Гастрономите и хотелиерите се загрижена за својата егзистенцијаФотографија: DW/F. Schmitz

 „Зимата ќе биде тешка“

Кај многу Грци економските грижи се поголеми од стравот од короната. Тоа го знае и Григорис Тасиос, претседател на грчкото Здружение на хотелиери.

И во неговиот хотел во Псакудија годинава е празно. Многу ги намалил цените, а сепак нема туристи. „Само малку ни се пополнети капацитетите, во јули 30-35%. Во август е нешто подобро, имаме домашни туристи.”

Короната има нанесено голема штета на туризмот во Грција. „Сметаме со загуби од 15 милијарди евра во споредба со 2019 кога имавме примања од 18 милијарди”, вели Тасиос. Мај и јуни веќе пропаднааа, а прогнозата за иднината не ветува. И работодавците и вработените во браншата стравуваат за својата егзистенција. „Разговараме со владата за да видиме како може да ни помогнат”.

Туризмот во 2019 имал удел од околу 20 проценти во грчкиот БДП. Дополнително, ситуацијата ја отежнуваат намалените даночни приходи заради короната, како и насекаде во Европа.

Многу Грци со право се загрижени за својата егзистенција. Пакетот за помош за корона од ЕУ е тежок 750 милијарди евра. За Атина се предвидени 32 милијарди евра. Дали парите ќе бидат доволни за да се покријат големи загуби не само од туризмот, допрва ќе се покаже. Сигурно е дека ако следната година не настане подобрување, тоа ќе има последици што ќе ги фрлат во сенка оние од финансиската криза во 2010 година.

#dw_BalkanBooster: Одмор дома