1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Локални избори во Грузија ден по апсењето на Сакашвили

ЕМФ
2 октомври 2021

Грузијците денеска гласаат на локални избори кои би можеле да доведат до ескалација на политичкиот судир во земјата. Изборите се одржуваат еден ден по апсењето на поранешниот претседател Сакашвили.

https://p.dw.com/p/41AZe
Georgien - Wahlen
Фотографија: David Mdzinarishvili/picture alliance/dpa

Михаил Сакашвили ја напушти Груција во 2013 година и беше осуден во отсуство на казна затвор во 2018 година. Вчера се врати во земјата и ги повика своите поддржувачи да гласаат за опозицијата и да излезат на постизборни улични протести. Тој веднаш беше уапсен. Според грузиското Министерство за внатрешни работи, 53-годишниот Сакашвили бил уапсен во стан во Тбилиси. Против него се води истрага за илегално преминување на границата. Сакашвили има украинско државјанство. Во притвор, како што се вели, е и сопственикот на станот во којшто е уапсен Сакашвили.

Грузиските власти претходно предупредија дека Сакашвили ќе биде уапсен доколку се врати. Претседателката Саломе Зурабишвили по апсењето на поранешниот претседател го обвини за обид за дестабилизација на земјата.

Адвокатите на Сакашвили зборуваат за „политичко апсење“. Во писмо објавено денеска на Твитер, Сакашвили го повтори својот апел до поддржувачите да го дадат својот глас и тврди дека зад неговото апсење стојат „фабрикувани, лажни обвинувања“ на рускиот претседател Владимир Путин .

Georgien | Freilassung von Mikheil Saakashvili
Михаил Сакашвили по апсењето во ТбилисиФотографија: Georgian Interior Ministry Press Service/AP/picture alliance

Сакашвили и Путин имаат долга истроија на конфликти. Непријателството достигна врв во 2008 година, кога руски мировни сили беа вклучени во кратка војна во сепаратистички регион во Грузија, каде во тоа време Сакашвили беше на власт. Путин во тој период беше премиер на Русија и ги одобри воените акции.

Кремљ вчера соопшти дека прашањето на Сакашвили е надвор од сферата на нивна одговорност.

Локалните избори во Грузија се одржуваат среде повеќемесечна политичка криза, која изби по минатогодишните парламентарни избори кои ја поттикнаа опозицијата на бојкот на парламентот во Тбилиси.

Ника Мелија, лидер на најголемата опозициска партија, Обединето национално движење (УНМ), која ја има основано Сакашвили, беше уапсен во февруари годинава, но беше ослободен во мај поради обидите на иницијатива на ЕУ да се постигне договор со кој ќе се надмине застојот помеѓу владата и опозицијата.

Договорот пропадна во текот на летото, откако од него се повлече владеачката партија Грузиски сон. Договорот предвидуваше  распишување предвремени парламентарни избори доколку на денешните локални избори Грузиски сон не освои најмалку 43% од гласовите.

Партијата Грузиски сон е основана во 2012 година од моќниот милијардер Бидзина Иванишвили. Критичарите ја обвинуваат дека се служи со кривичен прогон за да ги казни политичките противници и новинари.