1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Каква улога има потеклото на еден злосторник?

Инес Пол
30 јули 2019

Злосторството кое се случи во Франкфурт ќе има пошироки последици во Германија. Затоа е важно вистината за случајот целосно да излезе на виделина, смета главната уредничка на Дојче веле, Инес Пол.

https://p.dw.com/p/3Mwt5
Deutschland 40-Jähriger stößt in Frankfurt Mutter und Kind vor Zug - Achtjähriger stirbt
Фотографија: picture-alliance/dpa/F. Rumpenhorst

Германија е длабоко потресена од ужасното злосторство што се случи вчера: во Франкфурт, на една од најголемите железнички станици во земјата, среде ден, во момент кога брз воз влегувал во станицата, еден маж турнал на шините осумгодишно дете и неговата мајка. Се обидел да турне уште една жена, но таа успеала да се одбрани.

Момчето останало мртво на местото, мајката успеала да се стркала и така да се спаси. Станувало збор за секунди. Наводниот извршител се обидел да побегне, сведоците го фатиле и го држеле додека дошла полицијата да го уапси.

Неколку часа подоцна портпаролка на полицијата соопшти дека мажот е на возраст од 40 години и, според првите сознанија, не е во никаква врска со своите жртви. И дека доаѓа од Еритреја.

Независните новинари имаат задача да известуваат онака како што е. Тоа звучи поеднозначно отколку што е. Зашто, информациите кои ги шират, или не ги шират, медиумите, секогаш ставаат печат врз општествената дебата. Поради тоа германските медиуми се обврзани на етичките смерници кои произлегуваат од новинарскиот кодекс, т. н. „Кодекс за печат“.

Легитимен интерес

Со него, меѓу другото, е регулирано во кои случаи на насилство и криминал смее да се наведува потеклото на сторителот, имено, „во контекст или кога постои легитимен интерес на јавноста.“ Освен тоа, споменување на припадност на осомничените или извршителите кон некое верско или друго малцинство, не би требало да доведе до дискриминаторска генерализација поради поединечно недолично однесување. 

Ines Pohl Kommentarbild App
Инес ПолФотографија: DW/P. Böll

Значи, каква е улогата на фактот што извршителот доаѓа од Еритреја? И - дали Дојче веле треба да известува за тоа? 

Германија се менува, од летото 2015 година, кога канцеларката Ангела Меркел реши да ги отвори границите и да дозволи во земјата да влезат луѓе кои во тоа време главно бегаа од граѓанската војна во Сирија. Конкретно, Германија се менува, зашто се примени преку милион бегалци кои треба да бидат згрижени и интегрирани.

Но, Германија се менува и дифузно. Постојат Германци кои се длабоко обеспокоени, кои се плашат и кои секој напад, секое злосторство, секое кршење на законот од страна на бегалци го сфаќаат како доказ дека тие „странци“ ги загрозуваат темелите на нивната земја.

Тука се и оние кои сакаат да ја смират ситуацијата, кои инсистираат на подобра грижа за делумно трауматизираните луѓе и кои се обидуваат да пронајдат начин за соживот, без оглед на културолошките разлики, наспроти трауматските искуства.

И на крај, постојат и политички актери кои извлекуваат профит од стравот и никогаш не пропуштаат прилика на база на тој страв да ожнеат гласови во прилог на својата политика на изолација.

Како би требало да известуваат германските медиуми за потеклото на извршителите? Значи, дали постои „легитимен интерес“ на јавноста? 

Германија се бори со себе

Германија се бори со себе. Од една страна е прашањето за справувањето со несигурноста, а од друга страна справувањето со обврската кон благосостојбата на општеството. И како и каде мора да се повлечат јасни граници заради заштита на општествените достигања, на пример половата рамноправност постигната во изминатите децении.

Мораме да известуваме и за тоа: мораме да им дадеме простор на контроверзни гласови, мораме да се обидеме да објасниме различни мотиви, она што ги поттикнува луѓето, од што се плашат, за што се борат - и за тоа како различни политички партии се обидуваат од тоа да создадат капитал. Смртта на осумгодишното дете ќе ја интензивира дебатата во Германија. Некои медиуми ќе поттикнуваат расизам затоа што тоа носи внимание и - приход. Тоа е недопустливо и нема никаква врска со јавниот интерес во конктекст на новинарскиот кодекс. Сепак, дебатата е присутна, можете да ја разберете само доколку знаете дека извршителот на делото потекнува од Еритреја. Поради тоа неговото потекло е дел од вистината на која сме посветени.

Меѓутоа, од суштинска важност за оваа вистина е денес на прво место да биде  тагата по момчето и сочувството со неговите родители и семејството.