1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Година на зависност од фосилните горива

27 декември 2010

Минатата 2010- та беше година во која светот посакуваше ослободување од зависноста од фосилните горива. Сепак, повеќе држави во светот беа спремни и да преземат огромен ризик со цел да стигнат до нафта и јаглен.

https://p.dw.com/p/zqC2
2010 - та година ќе биде запаметена по нафтената катастрофа во Мексиканскиот заливФотографија: AP

Развојот и материјалната благосостојба не зависат од ниту еден друг фактор, како од енергијата. Без неа во Eвропа немаше да се случи индустриската револуција, без неа денес нема ниту стопански активности, без енергија немаше да се случи ниту глобализацијата. Енергијата и материите од кои може да се добие, меѓутоа, стануваат се` понедостапни, ги има се` помалку. До сега клучот за проиводството беа фосилните горива како нафтата, земниот гас и јагленот. Меѓутоа, резервите се исцрпуваат, а човековата околина трпи тешки последици поради нивното користење.

02.2010 02.2010 DW-WORLD.DE GLOBAL IDEAS Themenbild Windkraft

Тоа не мора да биде така, тврди германскиот политичар Херман Шер: „Вистината за енергијата е следната: можно е да се обезбеди комплетното снабдување на секоја земја со обновливи енергии. Тоа бара големи напори, но тие се предуслов во иднина да имаме во доволни количества еколошки неутрална и ефтина енергија. Тоа е предизвикот на нашиот век!"

Политичарот од германската Социјалдемократска партија, Херман Шер, се` до смртта во октомври 2010 година неуморно се бореше, како во татковината, така и во странство, за ослободувањето од зависноста на стопанството и на целиот свет од фосилните енергенси. Кусо по смртта излезе од печат неговата книга со наслов: „Енергетскиот императив - стопроцентно сега!"

Како до ослободување на зависноста од „црното злато"?

Но, пресвртот на полето на енергијата нема никаде да се случи одеднаш, иако зафатите на концерните, како нафтената платформа Дипвотер хорајзон, многу јасно покажуваат колку е опасна зависноста од фосилните енергенси. Никогаш порано не се барало толку нафта во толкави длабочини, не се вложувале толку пари за да се дојде до неа - само и само да се подмири жедта на светот по извори на енергија.

Flash-Galerie Ölpest Eindämmung
Нафтената катастрофа во Мексиканскиот заливФотографија: AP

Во меѓувреме и голем број влади ширум светот ја гледаат нужноста да се ослободат од зависноста од „црното злато". ЕУ во тековните преговори за климата има намера да се обврзе на намалување на испуштањето јаглерод диоксид за 20 % до 2020 година, секако ако кон таквите заложби се приклучат и другите индустриски земји.

Германија на ова поле е веќе чекор понапред, тврди надлежниот министер за екологија, Норберт Ретген: „Германската цел, која е остварлива со оглед на она што досега го постигнавме, е 40% до 2020 година. Тоа е запишано во коалицискиот договор на актуелната влада, а доби потврда и во владиниот енергетско- политички концепт. И тоа од две причини: прво затоа што сакаме да бидеме веродостојни во нашите заложби за постигнување на глобалната цел на ова поле, а освен тоа и затоа што тоа ни помага за натамошната технолошка и стопанска модернизазија."

Министерот Ретген смета дека намалувањето на испуштањето јаглерод диоксид за 40 насто до 2020 година е изводливо и на ниво на целата ЕУ и дека таквата заложба ќе и` донесе стопански напредок на целата Унија.

Во Германија - продолжен рокот за работа на атомските централи

Bildgalerie Atomkraft in Deutschland AKW Isar
Повеќето Германци се против нуклеарната енергија како замена за фосилните гориваФотографија: picture-alliance/ dpa

Но, една од мерките со кои германската влада сака да ја постигне таа цел наидува на отпор кај граѓаните. Таа имено сака да го продолжи рокот за работење на атомските централи во земјата во просек за 12 години и со тоа ја ревидира одлуката на претходната влада на социјалдемократите и зелените, која предвидуваше последната нуклеарка да престане да работи во 2021 година. Владата ваквата одлука ја аргументираше и со тоа што на овој начин ќе се одбегнат тесните грла во снабдувањето со енергија при преминот кон еколошки подносливи извори.

Ваквата владина одлука меѓутоа предизвика големи протести на граѓаните. На пример при транспортот на контејнерите со реадиоактивен отпад од Франција кон германското складиште Горлебен, на протестите се собраа повеќе десетици илјади луѓе за да го искажат револтот кон енергетската политика на владата.

Castor Transport Protest
Фотографија: dapd

За мнозинството германски граѓани атомската енергија не претставува легитимна алтернатива. Таа е премногу опасна, премногу непредвидлива и исто така прескапа за даночните обврзници, кои треба да ги сносат трошоците на привременото складирање на нуклеарните отпадоци, како и за можните штети од него. Во Германија нема складиште, во кое ќе се смести радиоактивниот отпад засекогаш. Околу привременото складиште во Горлебен и неговото претворање во постојанои складиште се води остра дебата веќе 30 години.

За најголемиот број Германци многу подобра варијанта од атомската енергија се обновливите извори како сонцето, ветерот и силата на водата. Затоа, проширувањето на користењето вакви обновливи извори на енергија добива и поддршка од државните фондови.

Позитивни примери за превземени мерки за заштита на животната средина

Symbolbild CO2 Fabrik Ausstoß Umweltverschmutzung Klimawandel
Фотографија: AP

При тоа мора да се каже дека веќе има земји, кои работа интензивно на комплетно преструктуирање на нивното снабдување со енергија. Костарика на пример или Маледивите си зацртаа во рок од само неколку години да можат да стопанисуваат комплетно без испуштање јаглерод диоксид во атмосферата. Исто така и економскиот џин Кина на домашен план превзема многу повеќе чекори во таа насока, отколку што е подготвен да прифати како обврска на меѓународните конференции за климата - тврди раководителката на Секретаријатот на ОН за климатски промени, Кристиана Фигуерес. „Најеклатантен пример е Кина, која веќе пет години го прилагодува нејзиното законодавство на потребата за подобра заштита на климата. Таа во моментов го создава 12- от петгодишен план за стопански развој и при тоа постави многу јасни цели поврзани со енергетската ефикасност и обновливите енергии."

И тоа е добра причина за другите земји да вложуваат натамошни засилени напори на полето на обновливите енергии. Инаку, би можеле наскоро да се најдат во позиција Кина да ги претекне како на стопански, така и на технолошки план!

Автор: Хеле Јепесен/ Светлана Брик

Редактор: Александра Трајковска