1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Проштевање од Гинтер Грас

Корнелија Рабиц/З. Јордановски13 април 2015

Нобеловец и разбивач на табуа: Гинтер Грас се’ до смртта беше неудобен дух. Тој беше ангажиран граѓанин, час го сметаа за „морална инстанца“, час за лицемер, но пред и над се’ беше голем автор.

https://p.dw.com/p/1F729
Фотографија: picture alliance/dpa//Agencja Gazeta/D. Sadowski

Животот на Гинтер Грас беше исполнет со подеми и падови, со ѕвездени моменти и потфрлувања. Грас е роден на 16. октомври 1927 година во Гдањск, денешна Полска, во католичко опкружување. Родителите имале колонијална продавница, муштериите биле сиромашни. Семејството живеело во мал стан. „Детство меѓу Светиот дух и Хитлер“, опиша Михаел Јиргс, биограф на Грас. На 17 години Грас ги доживеа ужасите на Втората светска војна, прво како помошник на противавионски топ, а потоа и во вооружениот дел на СС-трупите. Но, за тоа ќе раскаже дури по повеќе децении, со што предизвика скандал.

Почетоците на еден успешен автор

Во 1952 година, во се’ уште младата Сојузна Република Германија, Грас се занимава со уметност, студира вајарство и графика, свири во џез-бенд, патува и од 1956 година живее во Париз. Таму со првата сопруга водат скромен живот, но тука е почетокот на големата писателска кариера. Грас работи врз својот прв роман „Лимениот барабан“, кој беше објавен во 1959 година. Германското филистерско општество се бунтуваше против романот на Грас, но тој постигна светски успех, беше многукратно преведуван и филмуван. Точно четири децении потоа, Грас за тој роман и целокупното творештво ја доби Нобеловата награда за литература.

Креативен, продуктивен

Гинтер Грас пишуваше драми, песни и првенствено белетристика. Долг е списокот на неговите дела. Познати се неговите романи „Кучешки години“, „Локално отрпнат“, „Мачка и глушец“, „Со раков од“. Во нив постојано станува збор за политички околности и општествени преломи: улогата на интелектуалците во востанието во ГДР 1953, студентските револти во 1968, предизборни кампањи, прашања на иднината, политика Исток-Запад.

На срце секогаш му лежеше помирувањето со Полска. Подоцнежните негови книги никогаш не го постигнаа истото воодушевување како приказната за Оскар Мацерат со барабанот на кој секогаш биеше, но сите беа многу успешни и претставуваа предмет за разговори на публиката заинтересирана за литература. Некои читатели сепак забележуваа дека во делата на Грас има премногу политика, а премалку уметност.

Морал и политика

Гинтер Грас беше уметнички мултиталент: автор на романи, лиричар, графичар, вајар и повремено илустратор на сопствените книги. Внимание предизвикуваше и со политичкиот ангажман - долги години го сметаа за некој вид „морална инстанца“ во Германија. Од 1961 година се ангажира за социјалдемократите (СПД) - без да биде член на партијата. Во 1969 год поддржуваше Вили Брант во предизборната кампања, неколку години подоцна стана член на СПД, но го откажа членството поради спорот околу новата законска регулатива за азилот.

Willy Brandt mit den deutschen Schriftstellern Heinrich Böll und Günter Grass
Гинтер Грас во друштво на Вили Брант и Хајнрих БолФотографија: picture alliance/AP

Но, тој остана она што си беше: повремено малку бучен, критички набљудувач на совремието, независен левичар, кој со силата на своето реноме и со силни зборови се вмешуваше во дебатите, протестираше против протерување на Курдите, са залагаше во прилог на некогашните принудни работници од наци-времето, се залагаше за човековите права, за прогонувани автори, против војни, за војни - и кој тогаш, во 2006 година, мораше да признае дека и самиот е грешен како учесник во војна. Членството во вооружените трупи на СС како 17-годишник, што го спомена во својата автобиографија, доведе до бурни дебати дома и во странство. Врз угледот на морален интегритет падна сенката на премолчуваното соучесништво во војната. Грас грмеше. Одеднаш тој, кој секогаш се изјаснуваше за беспоштеден однос на Германија кон своето нацистичко минато, во очите на другите стана лицемер.

Песна како провокација

Во меѓувреме остарениот писател и јавноста по мелку се отуѓија, очигледно веќе не беше потребна некоја морална инстанца која ги ставаше Германците пред огледало. И, тогаш, во април 2012 година Грас објави текст со наслов „Што мора да биде кажано“ и уште еднаш предизвика скандал, кој далеку ги надмина границите на Германија. Текстот означен како „песна“ беше неприкриена критика на политиката на Израел. Грас предупреди на можен атомски удар против Иран и Израел, неговите атомски капацитети и окупаторската политика ги означи како опасност за светскиот мир.

Памфлетот предизвика побуна, за Израел авторот беше персона нон грата (непожелна личнот, н.з.), во оптек беа прекори за антисемитизам. Па сепак, Гинтер Грас целиот живот остана пример за углед, меѓу другото и за наговите помлади колеги - писатели. Уве Телкамп го означи како „еден од најсилните раскажувачки потенцијали во германската литература“, Мориц Ринке го нарече неконвенционално “можеби најинтересниот, најповеќестран диносаурус“.

Носителот на Нобеловата награда за литература Гинтер Грас почина денеска на 87-годиушна возраст во Либек, соопшти книгоиздателството Штајдл во Гетинген.