Германците ги разграбаа Гајгеровите мерачи
20 март 2011Во Германија прилично се заостри дебатата за нуклеарните централи. Германската влада одлучи привремено да ги исклучи најстарите седум, од вкупно 17. нуклеарни централи, кои се во комерцијална употреба. Нуклеарните централи ќе бидат затворени на три месеци, а толку трае и мораториумот на одлуката, која е донесена минатата есен за продолжување на работниот век на германските нуклеарни централи.
Во исто време, се` погласни се барањата земјата да се откаже од нуклеарната енергија. По тој повод беа одржани демонстрации во повеќе од 400 германски градови. "Не можеме да ги затвориме очите пред таквата катастрофа", вели еден демонстрант.
Гајгеровите бројачи распродадени, се бара и јод
Катастрофата во Фукушима во Германија предизвика голем страв кај граѓаните, кои, и покрај советите на лекарите, ги празнат апотеките. Многу луѓе купуваат Гајгерови бројачи. Во синџирот продавници "Конрад" се продадени сите апарати за мерење на зрачењето, иако чинат 300 евра!
Во аптеките, пак, се повеќе се бараат таблети со јод. Властите во Јапонија им препорачуваат јод на граѓаните, а нивните совети ги следат и Германците. И на интернет се зголемува нивната продажба, потврдува фармацевтот Зимоне Брундик: „По влошувањето на ситуацијата во Јапонија, побарувачката се зголеми за околу 30 проценти."
Таблетите со јод се препишуваат од лекарите за луѓе со заболена тироидна жлезда. Во случај на опасност од радиоактивно зрачење, препорачливо е да се снабди штитната жлезда со т.н. добар јод, со цел да се спречи употребата на радиоактивен јод. Земањето апчиња има прилично сериозни последици и затоа се препорачуваат само во специјални случаи.
Автор: Кора Теобалт/Марија Пешовска
Редактор: Трајче Тосев