1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Германските исламисти ги „влече“ Сирија

Жа/дв/дпа/афп/ртре20 октомври 2013

Радикални муслимани од Германија зачестено заминуваат во Сирија. Магазинот „Шпигел“ се повикува на извештај на Службата за заштита на уставот, според кој исламистите се собираат во т.н. „Џерман камп“.

https://p.dw.com/p/1A2pC
Фотографија: Bulent Kilic/AFP/GettyImages

Военото боиште во Сирија се чини има магнетна привлечна сила за германските исламисти. Информативниот магазин „Шпигел“ јавува дека минатите недели е забележан зголемен број патувања на германски исламисти во Сирија. Според информациите, во меѓувреме во Сирија или на пат за таму се околу 200 германски радикали. За борбените исламисти во моментов сириското боиште е најатрактивен фронт на „светата војна“ - џихад. „Шпигел“ во извештајот се повикува на информации од Службата за заштита на уставот.

Според нив, најголем број исламисти заминуваат од покраината Северна Рајна Вестфалија, потоа следуваат Хесен, Берлин, Баварија и Хамбург.Повеќе од половината од овие есктемисти имаат германски пасош. Во северна Сирија, според тајните служби, во меѓувреме постои т.н. германски камп во кој се сместени борбените единици од германско јазично подрачје.Тој важи за собирно место, а можно е да е и центар за обука.

Стравувања од пропагандна офанзива

На германската контраразузнавачка служба загриженост и‘ предизвикува и пропагандната офанзива на екстремистите, пишува „Шпигел“. Постојат укажувања дека исламистите кои доаѓаат од Германија на сириска почва сакаат да создадат „медиумски бази“, за оттаму на германски јазик преку интернет да врбуваат кандидати за водење „света војна“.

Тајната служба проценува дека од цела Европа во Сирија се собрани околу илјада доброволни борци, во 2012. година беа околу 250. Исламистите потекнуваат од сите делови на континентот, меѓу нив околу 90 се од Велика Британија, 120 од Белгија, 50 од Данска, а 150 од Косово. Според актуелната статистика на германската Служба за заштита на уставот, во Сирија во граѓанската војна досега се убиени осуммина од германските исламисти.

Krieg in Syrien ARCHIVBILD 04.04.2013
Фотографија: Guillaume Briquet/AFP/Getty Images

Претседателот на Службата за заштита на уставот Ханс-Георг Масен уште пред еден месец соопшти за засилено заминување германски исламисти во Сирија за таму да се борат на страната на сириската опозиција. Во интервју тој спомена бројка од 170 екстремисти.

Враќање со борбено искуство?

Масен е загрижен од „посебната опасност“ што произлегува од повратниците со стекнато борбено искуство. Се стравува дека овие лица „ веројатно ќе се вратат назад можеби со борбено искуство, а можеби дури и со терористички налог“.

И раководителот на покраинската служба за заштита на уставот во Северна Рајна Вестфалија, Буркард Фрајер, неодамна предупреди од опасноста од воено обучените сириски-борци повратници. Тие се обучени за борба со оружје, но веројатно и „исклучително идеологизирани“, истакнува Фрајер. Во Германија повратниците-борци од Сирија на исламската сцена имат висок углед на „херои за углед“. Најголемиот дел од германските исламисти заминати во Сирија се на возраст под 30 години.