1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Германскиот уставен суд ја шокираше ЕУ

БГ /РТР
5 мај 2020

Највисокиот суд во Германија и даде рок од три месеци на Европската централна банка да го оправда купувањето обврзници со програмата за стимулирање на економиите во еврозоната.

https://p.dw.com/p/3boyp
Deutschland BVerfG-Urteil zu Anleihenkaufprogramm der EZB
Од седницата на германскиот Уставен суд во КарлсруеФотографија: picture-alliance/dpa/S. Gollnow

Одлуката на германскиот Уставен суд ги става под знак прашање не само иднината на програмата на ЕЦБ за помош на загрозените економии од еврозоната во екот на пандемијата на коронавирусот, туку и на еврото.

Најпрво таа е тежок удар за шемата на купување државни обврзници вредна 2.000 милијарди евра со што требаше да и се помогне на економијата во еврозоната да ја преброди кризата започната уште 2015 година.
Истовремено одлуката отвора и директен судир меѓу германскиот Уставен суд во Карлсруе и Европскиот суд на правдата- највисокиот суд во рамките на ЕУ, поставувајќи го прашањето за супремацијата во вакви ситуации.
Од ЕУ попладнево изјавија дека последниот збор и натаму го има судот на ЕУ, додека од ЕЦБ најавија итен состанок вечерва. 

Берлин да одлучи

Одлуката на судот во Карлсруе практично и овозможува на германската Бундесбанк- која е најголем учесник во програмата на ЕЦБ- да продолжи да учествува во програмата доколку ЕЦБ докаже дека такво нешто е неопходно, и покрај негативните ефекти како ризикот за парите на даночните обврзници и зависноста на владите од финансирањето од народните банки. 

- повеќе на темата: Пандемија на осиромашување

Германскиот министер за финансии Олаф Шолц изјави дека трите месеци кои и се дадени на ЕЦБ да ја докаже неопходноста на програмата „се доста долг период“, и потврди дека Германската централна банка засега ќе остане дел од неа.

Одлуката на германскиот суд е конечна и уставните судии ги повикаа германскиот парламент и владата да и се спротивстват на Европската централна банка по ова прашање, што значи дека проблемот сега ќе треба да го решаваат ЕЦБ и официјален Берлин.

Европската централна банка ја фалеше својата програма за економска стимулација која од 2013 година досега отвори 11 милиони работни места, но критичарите велат дека преку неа се создале меури во областа на недвижностите и се намалил повратот во сигурните инвестиции како пензиските шеми, штедењето и владините обврзници.

Германскиот економист Јерк Кремер вели дека ЕЦБ лесно ќе ја докаже неопходноста на својата програма и фактот дека користа од неа е далеку поголема од трошоците.
„Со својата војска од експерти, ќе биде лесно за ЕЦБ да спроведе таква проверка. Купувањето на обврзници ќе продолжи и денешната одлука тоа нема да го промени“, вели Кремер. 

Мандатот на ЕЦБ

Но Хендрик Ендерлеин, претседател на Херти школата за владеење во Берлин, вели дека пресудата ја ограничува можноста на ЕЦБ да „прави се што може“ за да ја одржи еврозоната, како што вети поранешниот претседател Марио Драги.
„Ова ќе ја ослабне ЕЦБ на пазарите и во политиката. Дури и да нема директна пресуда, заканата секогаш ќе биде присутна“, вели тој.

Луис Гарикано, шпански европратеник од групата на Либералите вели дека пресудата е закана за иднината на институциите на ЕУ.

„Европа не може да функционира доколку националните уставни судови одлучуваат унилатерално. Очекувајте унгарскиот и полскиот суд да го следат овој пример“, твитна Гарикано. 

- повеќе на темата: Лоши назнаки за еврозоната

Во обид да ја извлече европската економија од криза и опасноста од дефлација, ЕЦБ насобра речиси 3 билиони евра во обврзници од 2015 година. Но група академици од Германија веќе долго тврдат дека ЕЦБ го надминува својот мандат и дека ваквото купување претставува директно финансирање на владите.

Сега, кога целата еврозона е во застој поради ширењето на коронавирусот, ЕЦБ планира да испечати уште 1 билион евра за да ги спроведе програмите за борба со пандемијата и да им помогне во санирањето на долговите на компаниите и владите.

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема