1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Повторно рекордна извозна година

СН/ агенции
8 февруари 2018

Четврта година по ред германскиот извоз расте со рекордни чекори. Стапката во 2017 изнесувала 6,3 %. Производите „Мејд ин Џермани“ се продаваат благодарение на глобалниот економски полет. Но се закануваат и проблеми.

https://p.dw.com/p/2sKNi
Symbolbild Deutschland Export
Фотографија: picture-alliance/dpa/K. Nietfeld

Во 2017 година од  Германија биле извезени стоки во вредност од околу 1280 милијарди евра. Ова го покажаа најновите бројки од Сојузниот завод за статистика, кои беа објавени денеска. Од друга страна, Германија увезла производи во вредност од 1.034,6 милијарди евра. Значи, повторно е забележан голем суфицит во надворешно-трговската размена - околу 244 милијарди евра.

Во 2017 година, извозот и увозот ги надминаа претходните највисоки вредности од 2016 година, при што увозот со стапка од 8,3 проценти растеше побрзо од извозот. Извозот во Европската унија порасна за 6,3 отсто, исто како и извозот во други земји.

Улогата на „Прикриените шампиони“

Шефот на кредитното осигурување Ојлер Хермес, Рон ван хет Хоф, силните страни на германската извозна индустрија ги гледа во нејзината разновидност и во високата конкурентност. Централна улога притоа, според него, играат малите и средни претпријатија од кои многумина се навистина лидери на светскиот пазар, односно таканаречените „Прикриени шампиони“.

Сепак, Германија веќе неколку години е цел на критики поради високиот извозен суфицит. Во прв ред, американскиот претседател Доналд Трамп надворешно-трговскиот биланс постојано го нарекуваше „неправеден".

Повеќе на темата:

-Германскиот извоз и лутината на Трамп

-Германската економија урива рекорд по рекорд

-Дали големиот германски извоз станува проблем?

Всушност, во првата година од администрацијата на Трамп, САД повторно увезувале значително повеќе стоки отколку што извезувале. Како што објави Министерството за трговија на САД во вторникот во Вашингтон,  дефицитот во 2017 година пораснал за 12 отсто во споредба со претходната година на вкупно 566 милијарди долари. Последен пат американскиот трговски дефицит беше толку висок во 2008 година, кога финансиската криза ја потресе домашната економија.

Поради проблемите со трговските биланси сѐ поголем е отпорот кон силните извозно-ориентирани држави. „Сѐ повеќе земји бараат решение за глобалните трговски предизвици во национални рецепти под мотото 'Мојата земја, прво'“, предупредува претседателот на Сојузот за надворешна трговија на Германија Холгер Бингман. Според него за една меѓународна економија како германската, која се потпира како на извозот така и на увозот, тоа е многу опасно.