1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Германија повеќе ќе се ангажира за решавање на спорот за името

Силвера Падори-Кленке18 јули 2014

Соговорниците на вицепремиерот Муса Џафери во Берлин го актуелизирапе спорот со името и евро-атлантските интеграции за кои е потврдена поддршката. Протестите на Албанците од изминативе недели не биле централна тема!

https://p.dw.com/p/1Ceov
Musa Xhaferri
Фотографија: DW/S.Padori-Klenke

Германија и натаму останува голем поддржувач на Македонија. За неа главни приоритети остануваат решението на спорот со името со Грција и стабилните меѓуетнички односи. Германија е силно убедена дека земјата треба да биде дел од ЕУ и НАТО и се обидува да го подвлече значењето на регинот и на Македонија. Нов исчекор во оваа насока треба да биде претстојната конференција за Западниот Балкан која ќе се оддржи во Берлин на 28 идниот месец. Самитот со балканските лидери би требало да отвори и нова страница во соработката меѓу Германија и земјите од регионот и Македонија, и тоа како во однос на економски, исто толку и од аспект на политички и стратешки теми. Ова, како што дознава ДВ, е дел од пораката која ја испратиле високите германски политичари во работните разговори со Муса Џафери, вицепремиер на Република Македонија. Тој вчера престојуваше во работна посета на Берлин и имаше разговори со Кристоф Хојсген, советник на канцеларката Меркел за надворешна и безбедносна политика, со Маркус Едерер државен секретар во германското МНР и со Ханс-Герд Петеринг, прв човек на Фондацијата Конрад Аденауер.

Континуирани контакти

Ова не е прва посета на Џафери на Берлин. Тој и лани, заедно со шефот на ДУИ Али Ахмети имаше разговори во германската влада. Поводот за оваа јулска визита на престолнината, е повеќекратна. На маса се најдоа неколку теми: од неизбежниот спор околу името со Грција, преку перспективите за ЕУ и НАТО, до имплементацијата на Охридскиот мировен договор и се’ погласните внатрешни проблеми во меѓуетничките односи.
„Перспективите во НАТО и ЕУ може да создадат позитивна атмосфера за решавањето и на внатрешните проблеми. Со Кристоф Хoјсген разговаравме за меѓуентичките односи, но и за изнаоѓањето компромис за спорот со името. Всушност тие се најтешките точки за кои мора да најдеме и сила и капацитет, да влеземе во дијалот за изнаоѓање што помалку болно решение. Зашто, како кажа и канцеларката Меркел, по дефениција со компромисот и двете страни нема да бидат задоволни. Но, нам ни треба решение. Мора да бидеме транспарентни и треба да имаме слух и за она што го предлагаат германските пријатели, зашто се поискусни, помоќни и имаат централна улога и во ЕУ и во НАТО“, истакна вицепремиерот Муса Џафери за ДВ по разговорите во германската влада.
Го прашуваме: дали добил и конкретни сигнали за поголем ангажман на Германија во спорот со името?
„Има сигнали дека Германија поконкретно ќе се ангажира во решавањето на спорот со името. По оваа седмица во Дубровник, следува самитот во Берлин на крајот на август. Германија како економска и политичка сила во ЕУ, сметам дека конкретно ќе се ангажира околу решението на името. Оптимизам влева и искуството од минатото. Тие придонесоа, иако не во првите редови, за договорот меѓу Приштина и Белград и уште работат на тоа. Значи сведоци сме дека влијанието на Германија во такви тешки околности е значајно и потребно“, коментира Муса Џафери.

Да се добие довербата на граѓаните!

Протестите на етничките Албанци од изминативе седмици, предизвикани од пресудатата на случајот „Монструм“ не биле централна тема во разговорите. Германците главно се интересирале како се одвива имплементацијата на Охридскиот договор и кои сегменти евентуално може да се поправат, со што би се зголемила довербата меѓу Македонците и Албанците. Констатирано било и дека треба да се работи на зголемување на кредибилитетот на институциите и станало збор за тоа „што треба да се направи граѓаните да бидат полојални и да добијат повеќе простор во креирањето на државната, економската, културната политика“.
ДВ го праша вицепремиерот Муса Џафери: дали биле тематизирани информациите дека на повидок е формирање нова политичка партија во албанскиот блок, која преку протестите се обидува да добие приврзеници?
„Во демократијата секогаш ќе има нови партии и опции. Ние сме отворени за таквите промени. Но, не може преку улица да се создаваат нови партии! Протестите веројатно се револт на граѓаните за некои случувања. Но, сметам дека проблем е застојот што го имаме на внатрешен план, стоиме во место во однос на интеграциите. Сите наши соседи се членки на НАТО и се поставува прашањето: што понатаму? Без членството во Алијансата се наметнуваат и други теми – значи имаме отворен спор со Грција, имаме за жал и отворени теми и со Бугарија. Значи: или ќе ги решиме проблемите и ќе исчекориме во НАТО и ЕУ, или ќе влеземе во некоја блокада од која сигурно нема да има позитвни резултати“, коментира за ДВ вицепремиерот Муса Џафери.

Mazedonien Deutschland EU Flaggen AA 12.03.2014 Berlin
Германската поддршка за македонските евро-атлантски организации не е спорна!Фотографија: DW/S. Padori-Klenke
Kroatien Dubrovnik Merkel 15.7.2014
Ќе успее ли канцеларката Меркел да го омекне тврдокорниот повеќе децениски спор со името меѓу Македонија и Грција?Фотографија: picture-alliance/dpa