1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Здравје

Нови мали чекори кон нормалноста- но со растојание

СН/дв | агенции
30 април 2020

Канцеларката и покраинските премиери договорија дополнително умерено ублажување на рестрикциите во корона-кризата. Конкретен датум, кога тоа ќе се случи во цела Германија не е наведен. Покраините ќе одлучуваат сами.

https://p.dw.com/p/3bd7T
Coronavirus - Thüringen - Jena
Детските игралишта повторно ќе може да се користат во ГерманијаФотографија: imago images/J. Schröter

Германската сојузна влада и владите на покраините денеска се договорија околу натамошните, мали чекори во ублажување на рестрикциите воведени ширум земјата поради пандемијата со коронавирусот. На овој состанок не е утврден датумот кога ова ублажување на мерките би требало да важи во целата земја.Освен тоа, „сѐ што е договорено денеска важи под услов и натаму стриктно да се почитуваат основните заштитни мерки. Ограничување на контактите и натаму е на сила. Тоа вклучува минимално растојание од 1,5 метри во јавност и блиски средби само со по едно лице кое не живее во исто домаќинство“, рече канцеларката Ангела Меркел на конференцијата за новинари.Ублажување на мерките, меѓу останатото, се однесува на игралиштата за деца.

Одделни сојузни покраини неодамна веќе започнаа со тоа, како на пример во поголем дел од градот-покраина Берлин, каде тие важат од денеска. Повторно ќе се дозволат и заеднички богослужби. Се зборува за групи од 15 лица, кои би можеле да учествуваат и на посебни верски церемонии, како крштевки или венчавања, како и на погреби. И во оваа област некои сојузни покраини веќе ги ублажија мерките.Музеите, зоолошките градини и галериите, исто така, наскоро би требало да бидат отворени во сите сојузни покраини.

Deutschland Berlin Pressekonferenz  Coronavirus | Angela Merkel
Фотографија: Reuters/K. Nietfeld

Германија е федерална држава

Канцеларката нагласи дека поради федералната структура во Германија можат да постојат „регионални отстапки за ублажување на мерките, но, оти е важно да постои заедничка стратегија и една цел. Цел на владата е и натаму да се забави ширењето на вирусот за да не се оптовари здравствениот систем“.

Повеќе:

-Германците скептични околу старт на Бундеслигата

-Одлуките не ги носат виролозите, туку политиката

-Маските доаѓаат

Меркел претставувајќи ги овие одлуки најави дека на 6 мај со шефовите на покраинските влади ќе се договара за „дополнителен пакет“ за ублажување на рестрикциите: за заедничка стратегија на отворање на училиштата, градинките и спортските објекти.Северна Рајна Вестфалија (НРВ) уште денеска одлучи да ги врати сите деца во основните училишта од 11 мај. Планиран е одреден систем на смени.

Премиерот на покраината, Армин Лашет, ги релативизираше плановите на надлежното министерство во НРВ и рече оти училиштата ќе добијат нови информации. За можно отворање во угостителството и во туристичката индустрија ќе стане збор дури на крајот на мај. Масовни манифестации, како што се концерти - сигурно нема да бидат дозволени до септември. На прашањето да летово ќе може повторно да се патува во Европа, Меркел одговори дека „тоа сѐ уште не е на дневен ред“.

Не знаеме што доаѓа

Меркел посебно се заблагодари на браншите и на порофесионалните здруженија на тоа што со многу љубов и детално ги разработиле концептите за лесно враќање во нормалност. „Тоа се примери како ќе се обликува идното секојдневие во услови на пандемија“.

Баварскиот премиер, Маркус Зедер (ЦСУ), на заедничката конференција за печат предупреди на „експерименти со здравјето на луѓето“ и истакна дека Германците и натаму мораат да бидат внимателни и трпеливи. Бројот на нови инфекции е стабилизиран, но загриженоста останува: „Не знаеме што доаѓа“. Секогаш постои опасност од рецидиви и од втор бран.Зедер, исто така, нагласи дека не треба само да се поставува прашањето за последиците од рестрикциите во економијата и во општеството. Исто така, мора да се постави прашањето што ќе се случеше ако немаше рестрикции.