Протерувањето на одбиените азиланти е пребавно
1 јуни 2016Се работи за земји како Македонија, Србија и Босна и Херцеговина, но и делови од Авганистан или Магреб-државите - Мароко, Алжир и Тунис. Тие се од страна на германската влада означени како „сигурни“ земји на потекло, за да се скрати постапката за азил за лицата кои доаѓаат од тие држави и тие да можат да бидат побрзо протерани од Германија.
Но, праксата изгледа поинаку од она што си го замисли министерот за внатрешни работи Томас Де Мезие. Во интерен извештај кој министерот денеска го презентира во Владата, а од кој делови цитира весникот „Билд“, Де Мезие ги набројува слабите точки на процесот на протерување.
Треба да бидат протерани 220.000 баратели на азил
Во извештајот се констатира дека Владата годинава смета со околу 27.000 протерувања. Во 2015 година беа протерани 22.369 баратели на азил. До 31 март годинава, пак, според „Билд“, за протерување биле 220.000 луѓе, од кои 168.000 имале статус на толерирани лица. Речиси 51.300 баратели на азил немале статус на толерирани лица.
Бавното спроведување на протерувањата министерот за внатрешни работи Де Мезие го образлага со недостиг на „политичка волја за спроведување на законите кои го регулираат престојот“. Ваквата критика е насочена кон покраините кои се надлежни за протерувања. Германската влада, со оглед на зголемениот број бегалци, подолг период врши притисок за побрз процес на протерување.
„Недоволна соработка“ од страна на оние кои треба да бидат протерани
Освен тоа, тука е и „многу слабата персонална“ опременост на службите за странци, цитира „Билд“ делови од извештајот на Де Мезие. Присутна е и „недоволна соработка“ на лицата кои треба да бидат протерани. Кон сето тоа треба да се додаде и лошото функционирање на соработката со земјите на потекло на барателите на азил. Де Мезие се жали и на „долгото време кое е потребно за организација и спроведување на протерувањата, што им овозможува на лицата кои треба да бидат протерани да исчезнат“.
За да се подобрат процедурите, Де Мезие предлага сојузната полиција да се орерми со повеќе службеници. Освен тоа, во јуни би требало да се одржи самит на министрите за внатрешни работи на германските покраини и надлежната Сојузна служба за миграција и бегалци (БАМФ).