1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Конфликти

Германија и плановите за противракетна одбрана

9 април 2022

Ако Германија инвестира дополнителни 100 милијарди евра во вооружување, дел може да потече во противракетна одбрана. Дел од политичарите на око ги имаат израелските системи, критичарите се скептични.

https://p.dw.com/p/49DyD
Israel | Raketen werden der 'Eisernen Kuppel' abgefangen, Ashkelon
Фотографија: Amir Cohen/REUTERS

Радикално-исламистичкиот Хамас лани во мај истрела илјадници ракети врз Израел, најголем дел беа уништени уште во воздух. Израелскиот ракетен одбранбен систем,  т.н. „Железна купола“,  повторно ја докажа својата ефикасност.

Сега, кога буквално пред вратите на НАТО, во Украина „врнат“ ракети, и германските политичари размислуваат за еден ваков антиракетен одбранбен систем. Германскиот  канцелар Олаф Шолц  на јавниот ТВ сервис АРД неодамна го потврди тоа: „Тој сигурно спаѓа во работите околу кои размислуваме, со добра причина. Сите ние мораме да се подготвиме на тоа дека имаме сосед кој во секое време е спремен на употреба на сила за исполнување на своите интереси. Затоа мораме заеднички да зајакнеме“, истакна канцеларот.

Германската влада досега не изнесе многу детали околу своите планови. Само, дека ракетната одбрана е тема во дискусиите што сѐ ќе се набавува со дополнителните 100 милијарди евра. Шолц нив ги најави на крајот на февруари, по инвазијата на Русија врз Украина.

Израелскиот весник „Ерусалим Пост“ во вторникот (5.04) напиша дека Израел и САД дале генерална согласност за продажба на системот за противракетна одбрана Arrow 3 на Германија. Притоа весникот се повикува на инспекторот од германската воена авијација Инго Герхарц. Тоа би била прва продажба на системот на трета држава. Меѓутоа, Германија, како што се вели сѐ уште не донесла одлука за купување. 

Натпартиска согласност

Делегација од Одборот на Бундестагот за одбрана на крајот на март отпатува во Израел, за да се информира околу противвоздушната одбрана. Планот за противракетен одбранбен штит наидува на општопартиско одобрување.

„Тоа е логичен стратешки одговор на заканата која латентно ја чувствуваме и за нашата земја од страна на Русија“, изјави Фридрих Мерц, претседател на опозиционата Христијанско демократска унија.

Иако, директен напад од Русија врз Германија или други членки на НАТО се смета за малку веројатен. Одбранбените експерти меѓутоа подоброто вооружување го сметаат за нужно заради одвраќање на Русија, како и за сигнал до сојузниците на руската граница, кои се чувствуваат несигурни.

Таква изјава даде и Мари-Агнес Штрак-Цимерман, претседател на Одборот на Бундестагот за одбрана. За политичарката од Либералите, ракетната одбрана е дел од веродостојното одвраќање, заедно со најавата за набавка на американските борбени авиони Ф-35 за воздухопловството на Бундесверот. „Купувањето мора да се изведе брзо, но и сериозно да се издискутира“, изјави Штрак-Цимерман која беше заедно со германската делегација во Израел.

Модернизирањето на германската војска веројатно ќе трае со години.

Israel I Arrow-3 Rakete
Германија се интересира за израелскиот систем Arrow 3Фотографија: Israeli Defence Ministry/AFP

Ракетна одбрана: Никој не стражари над сите

Таму каде што не се познати детали, има простор за многу шпекулации и збрка. Во германските медиуми и од одредени политичари поимот „Железна купола“ се употребува како синоним за ракетна одбрана. Но, израелската „Железна купола“ е многу специфичен систем, креиран за специјална намена: целта – пресретнување на импровизирани и други ракети со краток дострел, кои Хамас или други исламистички групи ги испалуваат директно од границата на земјата врз Израел.

„'Железна купола' како во Израел, насочена кон одбрана од ракети со краток дострел во одреден ограничен простор како еден град, за Германија нема никаков смисол“, оценува Штефи Крист, портпаролка на демохристијанскиот пратеник во Бундестагот, Родерих Кизеветер во изјава за Дојче веле.

Таа се повикува притоа на изјавите на Кизеветер во медиумите. Кизеветер, поранешен активен офицер со чин полковник, го критикуваше планираното купување на противракетен одбранбен систем. „Наместо милијарди за ‘Железна купола', која им е многу поитно потребна на нашите соседи, треба подобро финансиски да го закрепнеме Бундесверот и цивилната одбрана“. Ресурсите би биле погрешно искористени ако Германија вложи милијарди во национален противракетен одбранбен систем," изјави политичарот. 

Германскиот интерес е повеќе насочен кон системот Arrow 3, кој Израел го разви заради примена против иранските ракети со дострел од 1500 километри, објаснува безбедносниот експерт Андреас Флокен за НДР. „Arrow 3 би бил веројатно во можност да врши одбрана и од руските Искандер ракети, кои се стационирани во Калининград.“ 

Калининград е руска ексклава меѓу Полска и Литванија, оддалечена околу 700 километри од Берлин.

Во консултации со сојузниците

Многу пратеници во Бундестагот поддржуваат набавување систем како Arrow 3, дотолку повеќе што предноста е што го има на располагање на пазарот. Но, постои задршка, зашто секое подобрување на германската воздушна одбрана треба да ги има предвид и европските соседи. И канцеларот Шолц повеќепати се изјасни во прилог на линијата содржана во основите на западниот сојуз за заедничка одбрана.

Во случајот со системот Arrow 3 тоа би можело да функционира така што во Германија стационираниот радар би го детектирал и стартот на ракети насочени кон сојузниците и на кои потоа би им ги давал неопходните информации за отстрел. Меѓутоа, овие земји би требало да имаат сопствени противракетни одбранбени батерии за да можат да ги елиминираат пристигнувачките ракети, истакнува експертот.

Против  хиперсоничните оружја  меѓутоа досега не постои сигурна одбрана. Експертите укажуваат на високата брзина и способноста за маневрирање. Рускиот претседател Владимир Путин во блиското минато радо ги истакнуваше хиперсоничните капацитети на својата земја. Американски функционери потврдија дека  вакви ракети се користени и во Украина.

Нејасно е колку фактички е силна Путиновата програма за хиперсонично оружје.

Russiche Hyperschallrakete "Kinzhal"
Руската хиперсонична ракета „Кинжал“Фотографија: Russian Defense Ministry Press Service/AP/picture alliance

Избегнување трка во вооружување

Одбраната од доаѓачки ракети е екстремно тешка. Нападот е можно да се состои од цел плотун, за да се избегне елиминирање на поединечни ракети. А само една ракета која би ја погодила целта може да има катастрофални последици, посебно ако се користи атомско оружје.

Одбранбените експерти како застрашувачки пример ја сметаат т.н. „Стратешка одбранбена иницијатива“, СДИ, на поранешниот американски претседател Роналд Реган од 1980-те. Програмата „голтна“ 120 милијарди американски долари и требаше со делумно на Земјата, а делумно во вселената стационираните инфрарот-набљудувачки сателити и супербрзите пресретнувачки ракети и високоенергетски ласерски топови да создаде непробоен штит над САД. Програмата беше окончана во 1990-те години. Политичарите од областа на безбедноста оттогаш го користат неуспехот на СДИ како  аргумент за тоа дека договорите за контрола на  вооружувањето  нудат најдобра заштита од вакви напади.

Во меѓувреме, некогашната мрежа од договори за контрола на вооружувањето е полна со дупки. И САД, како и Русија, не се речиси ограничени како во поглед на конвенционалното, така и во поглед на неконвенционалното оружје и развој и примена на носечки системи.

Земјите со слични способности, како Кина, и онака не се договорно обврзани. Русија често критикуваше дека противракетната одбрана ја поткопува рамнотежата на силите и може да води кон трка во вооружување. 

Наскоро и во  Германија ќе се дискутира дали подобрената противракетна одбрана веќе може да се смета за „вооружување“. Портпаролот на канцеларот, Штефен Хеберштрајт изјави: „Еден чисто дефанзивен систем, каков што би бил противракетен одбранбен систем, можете да го оценувате само условно во рамките на вооружување. Но, не верувам дека тоа е во класична смисла милитаризирање или вооружување“.

Arrow 3 или сличен систем би можел да биде подготвен за функционирање до 2025 година, напиша весникот „Билд ам зонтаг“, и би чинел околу две милијарди евра. Одранбените експерти очекуваат повисоки трошоци. Според наводите на Missile Defense Advocacy Alliance, лоби-група од САД, само една батерија чини 170 милиони долари, а секоја одделна пресретнувачка ракета околу три милиони долари. Кон тоа доаѓаат трошоци за обука, одржување за целиот систем.

На Германија ѝ е потребна многу поголема мрежа од радарски постројки и батерии отколку површински помалиот Израел. Само германската сојузна покраина Баварија е трипати поголема.