1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Германија: Закани од индустриска шпионажа

Матијас фон Хајн/ Ж. Ацеска15 мај 2015

Индустриска шпионажа имало отсекогаш. Но во дигиталната ера таа „цвета“: крадењето деловни тајни од фирмите е полесно од кога било. Шпионираат и државите и претпријатијата. Штетите се енормни.

https://p.dw.com/p/1FPlu
Фотографија: picture-alliance/dpa

Германскиот струков синдикат на дигиталната економија Битком годишната штета од економска шпионажа ја проценува на над 50 милијарди евра. Тоа е резултат на неодамна објавената студија со која се прави обид за внесување малу светлина во мрачното подрачје на стопанска шпионажа.

Битком анкетирал 1.074 претпријатија кои вработуваат над 10 работници. Околу половина од нив навела оти барем еднаш биле жртва на економска шпионажа, саботажа или крадење податоци. Дополнителни 28 проценти изразиле сомнеж дека се шпионирани. Главна мета на шпионажата е автомобилската индустрија, по што следат хемиската и фармацевтската бранша, а на трето место е финансискиот и осигурителниот сектор.

Глобалното вмрежување им ја олесна работата на шпионите па кражбата на податоци никогаш не била поедноставна отколку сега. Веќе не мора да се влезе во некоја зграда, лабораторија, истражувачки центар. Хакерите со државен или приватен налог преку оптичките кабли продираат во ИТ-системите. Незадоволните соработници можат да копираат гигантски количини податоци и да ги проследат до конкуренцијата.

Шпионирање без граници

Од растечката опасност од индустриска шпионажа е алармирана и германската власт. Сојузната служба за заштита на уставниот поредок, БфВ лани објави брошура во која уште во првата реченица на предговорот се предупредува: „Економската шпионажа е опасност која треба сериозно да биде сфатена и која во пракса често се потценува во нашиот глобализиран, вмрежен свет.“ БфВ предупредува од „разузнавачките и безбедносни служби на другите држави кои располагаат со врвни стручњаци, наведувајќи повеќе руски и кинески тајни служби кои се занимаваат со индустриска шпионажа, според сомнението, по налог на тамошните влади.

Истовремено се потсетува дека и западните земји со помош на такви служби ги шпионираат своите конкуренти. Во контекст на актуелната афера БНД/НСА, посебно е пикантна забелешката „дека не може да се исклучи оти во рамките на стратешкото надгледување на комуникациите, западните земји неавторизирано ги црпат чувствителните информации.“

И Марсел Диков е уверен дека во областа на индустриската шпионажа „многу нешта биле едноставно уловени преку други државни шпионски активности“. Експертот за сајбер криминал од берлинската фондација „Наука и политика“ е убеден оти во таа игра посебно активни се државните органи, посебно „кога се во прашање „хај енд нападите, кога сосем целно се врши обид за шпионирање одредена тајна на некое претпријатие.“

Symbolbild Wirtschaftsspionage Spionage Kriminalität Cyberangriffe
Никогаш не било полесно крадењето податоци од фирмитеФотографија: Fotolia

Шпионажа на преговарачките стратегии

Во германското стопанство постојат редица лукративни цели на напади. Многубројни мали и средни по големина фирми во своите сектори се водечки производители во светот. Германските производи се синоним за технолошки напредок и висок квалитет. Шпионажата и копирањето во тој сегмент се побрзи и првенствено поевтини решенија отколку долготрајното истражување и развој на сопствени истражувачки центри.

Конкуренцијата е заинтересирана за технологијата, но и за маркетиншките и преговарачки стратегии. Информациите за конкурентските понуди на меѓународни натпревари, на пример за брзи возови или авиони, можат да одлучат за тоа дали некој ќе успее или не да склучи зделка.

Тоа го сфати и Европскиот парламент уште во 2001. година во еден извештај за американскиот глобален систем за прислушување Ехелон. И тоа на конкретни примери: американската тајна служба НСА, според сомневањата, им ја проследила комуникацијата меѓу Ербас и саудиските преговарачки партнери на американските конкуренти МекДонел-Даглас и Боинг. На крајот зделката тешка шест милијарди долари сепак ја заврши на „јадицата“ на МекДонел-Даглас.

Свест за проблемот

Во меѓувреме, германските фирми стануваат се‘ посвесни за проблемот, воочил Марсел Диков. Но, често кај малите претпријатија сигурноста на податоците воопшто не е составен дел на нивната деловна политика. Често вработените за сигурност од ИТ-одделот мораат да се бранат пред членовите на својата управа, додава берлинскиот стручњак: „Ако не се случи ништо, во принцип не може да се докаже колкава би била штетата доколку нешто се случило. Но, претпријатијата кои еднаш биле погодени од шпионажа, брзо учат.“

Тоа е и нужно потребно-посебно поради трендот на т.н. клауд комјутинг и индустрија 4.0, кои ги карактеризира натамошно вмрежување на производните постапки. Со секое дополнително вмрежување и секој натамошен јазол за пренос на податоците, расте и ризикот неовластени лица да „прочитаат“ што се случува на него.