1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Германија ги заостри законите за азиланти

Б. Георгиевски/ртрд/афп25 февруари 2016

Без оглед на критиките од опозицијата, бегалските и хуманитарните организации, големата коалиција во Бундестагот изгласа построги правила за азилантите. Нови ограничувања и забрзани депортации.

https://p.dw.com/p/1I1fr
Фотографија: picture-alliance/AP Photo/M. Sohn

Германскиот парламент денеска ги изгласа новите мерки за заострување на правото на азил во обид да го намали бранот бегалци во земјата. Пакетот мерки кои вклучуваат и рестрикции за соединување на семејствата, беше одобрен со големо мнозинство од 429 гласа, наспроти 147 против.

Новите правила предвидуваат и полесно депортирање на осудени странци- клучна мерка која беше предложена по настаните на Новогодишната ноќ во Келн, кога стотици жени беа нападнати и сексуално малтретирани од групи мигранти.

Според новите правила, некои мигранти нема да можат да ги донесат своите семејства во Германија во период од две години. Таквата мерка ќе се однесува на одбиените баратели на азил кои сепак не можат да бидат депортирани бидејќи се соочуваат со ризик од тортура или смртна казна во својата матична земја.

Deutschland Flüchtlinge in Berlin
Бегалци во БерлинФотографија: Reuters/F. Bensch

Шефицата на опозициската фракција на Зелените, Катрин Геринг-Екарт ги критикуваше владејачките партии дека на овој начин ги делат семејствата, ги запоставуваат малолетните бегалци и им наметнуваат на барателите на азил самите да ги плаќаат трошоците за курсевите за интеграција.
„Ова не е обмислено и исправно, ова е хаос и паника“, рече Геринг-Екарт.
Јан Корте од пратеничката група на Левицата ги нарече мерките „анти-азил пакет“, со кои индиректно им се дава за право на оние кои протестираат против бегалците.
Владата си игра со животите на луѓето, критикуваа и од организацијата „Про Азил“.

Владејачките ЦДУ и СПД го бранеа решението. Министерот за правда Хајко Мас од СПД и парламентарниот државен секретар за внатрешни работи Оле Шредер од ЦДУ ги оценија мерките како неопходни за да се задржат капацитетите за оние луѓе на кои помошта им е навистина потребна. Владата сака „долгорочно и осетно“ да го намали бегалскиот бран, рече Шредер.

Во иднина ќе се забрза и одлучувањето по апликациите за азил, а ќе се изградат и дополнителни центри за процесуирање на барањата на „економските мигранти“ кои имаат малку шанси да добијат статус на бегалци.