1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Германија во темнина

Марко Лангер/превод: БГ19 јануари 2015

По смртните закани кон организаторот на Пегида, полицијата во Дрезден одлучи да ги забрани сите демонстрации на еден ден. Опасноста, засега, е избегната, но загрозена е демократијата, смета Марко Лангер.

https://p.dw.com/p/1EMSw
Фотографија: picture-alliance/dpa/A. Burgi

Го познавате ли Дитер Крол? Тој е шеф на полицијата во Дрезден, а во неделата една негова одлука доби сила на закон. Во следните 24 часа тој ги забрани сите собири во Дрезден, поради „закани по животот и безбедноста на голем број луѓе“. Според информациите добиени од федералната и покраинската полиција, напаѓачите планирале да се вмешаат меѓу демонстрантите од Пегида и потоа да убијат еден од нивните организатори.

Дали сме сега безбедни?

Лидерот на Пегида, Луц Бахман, човек со криминално досие, би можел да стане жртва на исламски тероризам? Откако со недели неговите т.н. патриоти, притоа и со помош на оние кои Бахман ги нарекува „лажливи медиуми“, успеаја да создадат атмосфера на омраза против странците и да фрлат сенка врз цела Германија?

Овој човек не е вреден за да стане маченик. Но сепак, опасноста од тероризмот расте, велат упатените. Многумина не сакаат ниту да помислат што би следувало доколку навистина се случи таков напад.

Но дали сме сега побезбедни? Што ќе се случува на следните протести во Дрезден, Лајпциг или на некое друго место? Дали под закана ќе бидат и претстојните карневалски поворки? Ќе беше ли подобро да се забрани и последното издание на Шарли Ебдо или милионскиот марш во Париз поради таквите закани?

Marko Langer DW
Марко ЛангерФотографија: Sarah Ehrlenbruch

Секако дека не. И кога е тешко мораме да ја издржиме заканата од тероризмот. Фактот дека се суспендира правото на собир и на протести, макар и на еден ден, претставува признание на неуспехот. Одлуката на шефот на полицијата во Дрезден ќе беше правно издржана само доколку се изнесеа конкретни докази. Но, никому во Дрезден не му падна на ум да ја оспори. А и зошто би го правеле тоа, кога Пегида нема интерес од такво нешто.

Страв од исламизација

Притоа, веќе на следните протести ќе има далеку повеќе луѓе кои ќе бидат предводени на улиците од саксонските лажни патриоти. „Исламизацијата веќе започна“, извикува Александер Гауланд од евроскептичната партија АФД, која ги предводи самопрогласените патриоти во германскиот парламент.
Властите во Саксонија можеби спречија катастрофа. Но, по заглушувачките информации за потенцијални напаѓачи, салафисти, исламисти, терористички ќелии и други закани, Германија викендов стана помрачно место. Фактот што не постои некој кој би можел да фрли светлина врз нештата, ни канцеларката Ангела Меркел, зборува многу за демократијата во Германија 70 години по крајот на едно многу мрачно време. Без разлика дали постои опасност од исламистите или не.

„За сето зло кое се случува не се виновни само оние кои го прават, туку и оние кои истото не го спречуваат“, напиша дрезденскиот писател Ерих Кестнер. „Минатото мора да зборува и ние мораме да слушаме. Додека тоа не се случи, нема да најдеме мир, ниту ние ниту тоа“. И токму така е.