1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Дописниците на Дојче веле евакуирани од Авганистан

10 септември 2021

Девет дописници и единствената жена дописничка на ДВ во Авганистан во петокот успеаја да ја напуштат земјата заедно со нивните семејства. Вкупно 72 лица беа пренесени преку границата, во Пакистан.

https://p.dw.com/p/409Po
Afghanistan | Pakistan | Grenzübergang in Torkham
Фотографија: Hussain Ali/Pacific Press Agency/imago images

Повеќе од една недела откако меѓународните сојузнички сили се повлекоа од Авганистан, дописниците на ДВ и нивните семејства успеаја да ја напуштат земјата преку Пакистан.
ДВ побара од сите вработени во Авганистан да одат во Кабул веднаш штом стана јасно дека талибанците ќе ја преземат контролата врз земјата. За новинарите во Авганистан состојбата стануваше опасна со зачестени информации за закани и насилство од страна на талибанците. Од таа причина, ДВ одлучи да ги евакуира своите дописници преку аеродромот во Кабул. Во тој момент, тоа изгледаше како најдобра опција.
Но, од различни причини, воздушната евакуација на овие луѓе не успеа. Дописниците на ДВ и нивните семејства со денови и ноќи безуспешно чекаа пред опасната Северна порта на аеродромот во Кабул. По неколку неуспешни обиди, ДВ почна да разгледува други начини за извлекување на своите дописници. Конечно во петокот (10.09) целата група успеа да влезе во Пакистан од Авганистан, преку граничниот премин Торкам.

Прв чекор на пат кон Германија

Генералниот директор на ДВ, Петер Лимбург им се заблагодари на оние кои помогнаа во извлекувањето.

„Би сакал да ѝ се заблагодарам на германската влада, на министерот за надворешни работи, како и на германската амбасада во Пакистан и на многу политички фактори, без кои оваа евакуација немаше да биде можна“, изјави Лимбург. 

GMF2021 | Speaker | Peter Limbourg
Генералниот директор на ДВ, Петер ЛимбургФотографија: J. Röhl/DW

„Особено ја цениме силната заложба на владата на Катар, која презеде огромни напори за нашите колеги. Специјална благодарност и за властите во Исламабад кои дадоа дозвола за оваа евакуација на нашиот персонал и нивните семејства преку Пакистан на хуманитарна основа.“

Евакуацијата на првата група од 72 лица е само првата цел на ДВ. Во централата на ДВ во Бон, во тек се подготовките за нивното пристигнување. Дописниците од Авганистан ќе го поддржуваат уредничкиот тим во неговото известување од Авганистан во иднина.

Во Авганистан останаа членовите на семејствата на уредничкиот тим на авганистанската редакција на ДВ и сѐ уште чекаат на евакуација.

ДВ преговара со властите во Германија и во странство за да ги пренесе роднините на вработените од редакциите Дари и Пашту во Германија. Истото се однесува и на уште двајца дописници и нивните семејства кои мораа да се вратат во своите градови по повеќенеделно чекање во Кабул.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема