Генерален штрајк ја парализира Белгија
13 февруари 2019На повикот на трите најголеми синдикати во земјата се одзваа вработените во јавните дејности, како и во приватнто стопанство. Тие, меѓу другото, бараат повисоки плати и повисоки додатоци, како и зголемување на пензиите.
Воздушниот простор над Белгија е комплетно затворен за нормален воздушен сообраќај во вечерва во 22 часот. На аеродромот Брисел отпаднаа 591 летови. Погодени се 60.000 патници, соопшти аеродромот. Погоден е и јавниот сообраќај во земјата - повеќето од трамваите и автобусите останаа во гаражите. Бродовите на пристаништата не се товараат и растовараат. Блокади има и во фабриките, а денеска во најголем дел останаа затворени и поштите, училиштата, болниците, комуналните претпријатија и шопинг-центрите.
„Синдикатите и работодавачите мора да се вратат на преговарачка маса“, побара белгискиот премиер Шарл Мишел. Според него, со штрајк не се решава ништо. Тој им се заблагодари на сите кои и покрај штрајкот денеска се на работа.
Штрајкувачите бараат „поголем респект“, вели генералната секретарка на синдикатот ЦСЦ, Мари-Хелен Ска. Таа за белгиското радио додаде дека оние што штрајкуваат сакаат „да живеат достоинствено, а не само да преживуваат“.