1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Габриел во тешка мисија во Турција

Рихард Фукс
5 јуни 2017

Шефот на германската дипломатија Зигмар Габриел денеска е на разговори во Турција. Мисијата нема да биде лесна. Проблемот се вика Инџирлик.

https://p.dw.com/p/2e7z4
Deutschland Treffen Gabriel und Cavusoglu
Фотографија: picture-alliance/AA/C. Ozdel

Правото на германските пратеници на посета на германските војници во Турција не смее да стане залог за турската дипломатија. Тоа е пораката со која германскиот министер за надворешни работи Зигмар Габриел тргна во Турција. Мисијата му е тешка и во поглед на домашните прилики и во односот со Турција.

Дома владејачката коалиција на Унијата (ЦДУ и ЦСУ) и СПД спори околу вистинскиот пристап и однос кон Турција, вклучувајќи го тука и вистинскиот термин за повлекување на војниците на Бундесверот од турската воздухопловна база Инџирлик. Во Инџирлик се стационирани 260 германски војници. Турската влада неодамна уште еднаш не даде дозвола германски пратеници да ги посетат војниците. Причината е азилот за турски војници во Германија, кои од страна на владата во Анкара се обвинети дека учествувале во обидот за пуч во Турција, во јули 2016 година. Германските социјалдемократи сметаат дека Германија сега мора да покаже јасно каде е границата и да ги повлече војниците од Инџирлик, додека партиите на Унијата бараат повеќе време за преговори. Тоа за министерот за надворешни работи Габриел значи дека нема јасна основа за преговори.

Тука се уште и директните разговори со шефот на турската дипломатија Мевлут Чавушоглу. Габриел на оваа средба ќе мора да слушне повеќе работи. Чавушоглу минатата недела пред новинарите во Анкара изјави дека посети во Инџирлик „сега се можни“. Тој од германската страна побара прво да исполни извесни предуслови за потоа да добие дозвола за вакви средби. „Гледаме дека Германија дава поддршка на сѐ што е насочено против Турција“, рече Чавушоглу. Со тоа тој уште еднаш ја критикуваше Германија поради тоа што таа им давала поддршка на, како што се вели, приврзаници на движењето на Ѓулен и на забранетата Курдска работничка партија ПКК. Според Чавушоглу, доколку германската влада во блиска иднина преземе „позитивни чекори“, замислива е промена на турскиот став.

Türkei Tornado in Incirlik
Торнадо-авионите наскоро би можело да бидат преместени од ИнџирликФотографија: Picture alliance/dpa/O. Pieper/Bundeswehr

Дали посетата на Габриел навистина може нешто да придвижи?

Дали шефот на германската дипломатија ќе може да ги испегла разликите дома и во странство? Тоа не мал број набљудувачи го сметаат за невозможно. Тие на посетата на Габриел на Турција гледаат како на последна формална посета пред Бундестагот да донесе одлука за преместување на германските војници од Инџирлик во некоја друга земја. Стапицата притоа е што Унијата и СПД како коалициони партнери тоа може да го направат само заедно. Канцеларката Меркел јавно потенцираше дека се потпира врз Габриел и се надева дека тој може да го пресече Гордиевиот јазол во спорот околу Инџирлик. Но, таа исто така додаде дека доколку Турција не попушта, Германија ќе ги премести Торнадо-авионите.

Одлуката на германската влада „за“ или „против“ натамошно стационирање во Инџирлик се очекува во наредните две недели. Зависно од резултатот од посетата на Габриел, меѓутоа, одлука би можела да падне и многу порано, велат некои набљудувачи.