1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Г8 и Г5 постигнаа напредок во Лаквила

9 јули 2009

Самитот на групата седум најразвиени индустриски нации и Русија денеска продолжува во италијанскиот град Лаквила. На преговорачката маса седнаа и шефовите на држави и влади на петте најголеми земји во подем.

https://p.dw.com/p/IkPf
Напредок има, но никој не очекува премногуФотографија: AP

Лидерите на осумте најголеми економски нации во светот денеска почнаа преговори со групата пет најголеми земји во подем (Бразил, Кина, Индија, Мексико и Јужноафриканската Република). Во фокусот на разговорите беа договорот за либерализација на светската трговија и борбата со глобалното затоплување. Се чини дека по последното прашање светските лидери успејаа да постигнат договор за ограничување на глобалното затоплување на максимално два степена до 2050 година, иако пред само една недела Кина и Индија жестоко се противеа на барањата издувните гасови од индустријата да се намалат за цели осумдесет насто.

Сепак, се` уште остануваат видливи разлики во ставовите. Бразил, на пример, намалувањето на издувните гасови го смета за „некредибилно“, доколку претходно не се постави привремена цел, со што се сложува и Русија. „Не можеме да се задоволиме само со една долгорочна цел“, изјави бразилскиот министер за надворешни работи, додавајќи дека потребно е најпрвин да се постават климатски цели до 2020 година.

Обнова на преговорите од Доха

Italien G8 Gipfel G5 Mitglieder
Кризата мора да се решава рака под рака со земјите во подемФотографија: AP

Покрај климатските промени, на средбата во разурнатата Лаквила четиринаесетте големи држави разговараат и за светската економска и финансиска криза. Тие го осудија протекционизмот на одделни држави. Вчера групата пет, плус Египет, повикаа и за обнова на блокираните преговори од Доха, под закрила на Светската трговска организација, со образложение дека државите во развој се особено погодени од протекционистичките тенденции што се појавија како резултат на глобалната економска криза. „Ќе соработуваме во напор глобалната економија да се опорави и да тргне по стабилен и одржлив пат, кој ќе им биде од полза на сите, а посебно на најсиромашните“, се вели во нацрт-завршниот документ, што лидерите треба да го потпишат утре, на завршниот ден од средбата.

Освен тоа, лидерите на Г5 и Г8 ги осудија нуклеарните тестови што ги изврши Северна Кореја на 25 мај, нарекувајќи ги „тешко прекршување“ на резолуциите на ОН.

Автор: ТТ/АТ//афп/миа/

Редактор: Александра Трајковска


Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема