1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Вучиќ: Само магарињата не се менуваат

Обработка: Е.М. Фиданоска
31 јули 2017

Прашањето на Косово треба да се затвори и подобро е тоа да се направи денес, отколку за 100 години, вели српскиот претседател Александар Вучиќ во интервју за швајцарскиот весник „Блик“.

https://p.dw.com/p/2hQtI
Serbien Prsäidentenwahl Aleksandar Vucic in Belgrade
Фотографија: Reuters/A. Bronic

„Подготвени сме да постигнеме добар компромис и напредуваме. Конфликтот мора да биде некогаш решен и подобро би било тоа да го направиме денес, отколку за 100 години“, вели во интервјуто за „Блик“ српскиот претседател Александар Вучиќ во врска со Косово. Тој потенцира дека „ако двете страни не се подготвени нешто да загубат, конфликтото ќе трае вечно“, а „тоа би им наштетило на двете страни“. Во интервјуто објавено во текот на викендот, Вучиќ оценува: „Мислам дека јас сум вистинскиот човек за оваа задача. Знаете зошто? Бев најмлад пратеник, потоа најмлад министер и премиер, а сега најмлад претседател. Јас веќе немам лични амбиции.“

Српскиот претседател нагласува дека е „едноставно да се каже: Одете, борете се за Косово!“, но тоа „досега ни носеше само војни“:

„Сакам да тргнеме по нов пат - за Србија. Сакам да разговараме отворено и фер за решение за конфликтот околу Косово. Иако Србите не се подготвени на такво нешто, јас нема да попуштам. Зашто, оваа дебата за нас ќе има исцелителна функција, сеедно дали ќе постигнеме добар резултат или нема да успееме“, вели Вучиќ.

На прашањето околу личното минато и недовербата која луѓето во регионот ја имаат кон него поради тоа, Вучиќ одговара:

„Да, имам (минато,н.з.) и не го кријам! Не се срамам да кажам: Се променив. Само магарињата не се менуваат. Горд сум што секојдневно учам и што луѓето ми веруваат дека е така.“

Српскиот претседател додава дека не се срами поради своето минато, затоа што во тоа време не играл „голема улога“, но додава дека ги анализира своите грешки: „Сѐ уште сум горд Србин, но денес знам дека животот не се состои во тоа некаде да се поседуваат некакви карпи, туку во тоа да се подобрува секојдневието на луѓето.“

Treffen von Präsident Hashim Thaci Kosovo und Präsident Aleksandar Vučić Serbien in Brüssel
Косовскиот претседател Хашим Тачи, Високата претставничка на ЕУ Федерика Могерини и српскиот претседател Александар Вучиќ на средба во Брисел (03.07.2017)Фотографија: European Commission

Со ставовите на Србија за Косово се занимава и весникот „Ноје цирхер цајтунг“ (НЦЦ). Во анализата на Андреас Ернст, меѓу другото, се вели:

„На српскиот претседател Александар Вучиќ може да му се префрли сешто, но не и дека се ограничува само на уживањето во привилегиите на својата широка моќ. За разлика од повеќето колеги по функција во регионот, тој е политички претприемач кој сака да ги покрене работите од мртва точка. Така е и по прашањето на долгата и тешка приказна за Косово.“

Во текстот се потсетува дека Вучиќ уште на инаугурацијата во мај најавил „внатрешен дијалог“ по косовското прашање и дека работата ја конкретизирал неодамна во текст за весник, кој е збогатен со метафори и не е „лесно сварлив“, но чии „основни насоки се јасни“, а тоа е дека треба да се најде „трајно решение“ за Косово, од кое би профитирале сите страни во конфликтот.

„Реакцијата на опозицијата во Србија е разочарувачки празна. Точно е дека медиумската доминација на владата и нејзината контрола врз многу електронски и печатени медиуми се лош предуслов за плоден јавен дијалог. Но, оваа структурна пречка не може да го сокрие фактот дека во широки кругови на опозицијата нема идеи за тоа како Србија долгорочно да се носи со Косово“, оценува НЦЦ.

Весникот додава дека молчи и Брисел, „можеби затоа што чека на натамошни реакции“, но повеќе поради тоа што таму е летна пауза. „Но, веднаш дојдоа одговори од Тирана и Приштина, кои се позитивни. Албанскиот премиер Еди Рама го презеде текстот на Вучиќ на својот Фејсбук-профил и го опиша како 'медитација', која буди надеж 'за децата на нашите две нации', за нивниот мир и благосостојба. Меѓутоа, коментарот на Рама исто така порачува дека патот дотаму води само преку признавање на Косово од страна на Србија. И Приштина го интерпретира чекорот на Вучиќ во таа насока. Но, со признавањето нема да оди толку бргу. Краен рок за сеопфатен договор меѓу двата главни града е влегувањето на Србија во ЕУ, а тоа е во неизвесна далечина. Јасно е дека ЕУ, во која пет членки не го признаваат Косово, нема да прима нови членови околу чии надворешни граници постојат нејаснотии“, пишува НЦЦ.