1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Втората вина на Германија

Рихард Фукс
11 октомври 2016

Колку нацизам имало и колку нацисти работеле во Министерството за правда во повоена Германија? Толку многу, што резултатите од истражувањето кои сега ѝ се претставени на јавноста ги изненадија и стручњаците.

https://p.dw.com/p/2R7TT
Deutschland Richter am Volksgerichtshof Hitlergruß
Фотографија: picture-alliance/akg-images

Голем број од членовите на Национал-социјалистичката работничка партија (НСДАП) и канцелариски злосторници на холокаустот - по војната дојдоа на моќни позиции во Сојузна Република Германија. Тоа беше случај во сите министерства, во полицијата и судовите. Особено многу нацисти имаше во Министерството за правда во Бон – покажуваат резултатите на студијата која беше подготвена од страна на посебна комисија, а која на јавноста ѝ ја претстави министерот за правда Хајко Мас. Студијата со име „Досие Розенбург“ од денеска е во продажба.

Секогаш кога се зборува за Министерството за правда во поствоена Германија, се споменува и „духот на Розенбург“. Розенбург (Замок на розите) е името на зградата во Бон, во која се всели Министерството за правда во 1950 година. Тука беа вработени правници чија задача беше да пишуваат и предлагаат закони во нов дух, за новото време и новата држава - Сојузна Република Германија. Меѓутоа, меѓу нив имаше многумина кои имаа темно минато во националсоцијализмот.

„Врвот беше постигнат во 1957 година", изјави за „Зиддојче цајтунг" претседателот на комисијата на историчари Кристоф Заферлинг. „Во тоа време, 77% од раководителите во Министерството за правда биле поранешни членови на НСДАП". Комисијата што го спроведе истражувањето беше изненадена од големиот број нацисти во министерството, како и од фактот што нивниот број е зголемен по 1949 година. Еве уште некои бројки: за периодот кој е опфатен во истражувањето, од 1949 до 1973 година, во министерството имало вкупно 170 раководители на различни нивоа. Од нив, 53% биле поранешни членови на НСДАП, а 16% од нив биле вработени и имале функции во нацистичкото министерство за правда. Во некои одделенија на Министерството, како што е она за кривичниот закон, дури 77% од вработените биле нацисти.

Тогаш било тешко да се утврди колку од вработените поединци биле оптоварени со нацистичко минато. Еден од формалните критериуми било формалното членство во НСДАП или други нацистички организации. Тоа уште појасно се гледа преку биографиите на некои од вработените во министерството и според информациите за она што го правеле во времето на нацистите.

Случаите „Дрер“ и „Еберсберг“

Историчарот Заферлинг го наведува примерот на Едуард Дред, кој бил „многу полош нацист“ отколку што се претпоставувало. Дрер во поствоена Германија бил заменик на оддел во Министерството за правда, а за време на војната работел како обвинител во Специјалниот суд во Инсбрук, каде што за речиси незначителен прекршоци барал изрекување на смртна казна.

Дрер исто така „профитирал" од законот, со кој и делата на соучеството во убиства во времето на нацизмот, преку ноќ биле прогласени за застарени дела. Тој самиот бил еден од оние кои го пишувале законот и постоело сомнение дека параграфот кој се однесува на застарувањето, кој е и именуван по него, тој намерно го внел во законот. Истражувачите не беа во можност да го докажат тоа, но заклучија дека на тоа во министерството никој не реагирал, иако било укажувано на можните драматични последици од законот.

Хајнрих Еберсберг, пак, бил поранешен личен асистент на министерот за правда за време на нацистите, а по војната продолжил да работи во министерството. Еберсберг е одговорен за фамозниот проект „Корекција на судски одлуки". Министерството корегирало судски пресуди за кои се сметало дека се преблаги, а потоа извршувањето го препуштало на Гестапо. Тоа, за осудениците, обично значело дека или ќе бидат однесени во концентрационен логор или веднаш ќе бидат стрелани.

Кога Еберсберг, по завршувањето на војната, бил соочен со тоа, изјавил дека не знаел дека корекцијата на пресудите значело смртна казна. Тоа било во ингеренции на друг оддел за кој тој не знаел ништо.

Christoph Safferling Professor an der Friedrich-Alexander-Universität Erlangen-Nürnberg
Кристоф Заферлинг, историчарФотографија: Imago

Намерно избрани нацисти

Во Розенбург не се зборувало за нацизмот во своите редови. Гортемакер зборува за дефанзивна клима: „Во Розенбург донекаде беа 'рововски вкопани'. Поради тоа, не можеше да се очекува дека навистина ќе се обработат сите злодела на поединците кои работеа за Министерството за правда."

Двајцата научници во своите извештаи оценуваат дека луѓето на челото на министерството намерно бирале поединци со нацистичко минато и дека тоа не била случајност.

Тоа зачудува, бидејќи прв министер за правда беше Томас Делер (ФДП), човек кој важеше за целосно „чист“. Сопругата на Делер беше Еврејка и тој самиот бил дискриминиран за време на Втората светска војна. Неговиот државен секретар Валтер Штраус потекнува од еврејско семејство. Сепак, тие двајца во министерството донесоа многу нацисти. Зошто? Затоа што тие беа „врвно образувани правници, а многу од нив и нивни познаници“.

Меѓутоа, никој не барал правници кои за време на нацизмот емигрирале и кои биле „чисти“. Тоа ги изненадило Гортемакер и Заферлинг. Тие не пронашле докази за систематска потрага по водечки правници кои емигрирале во САД или Велика Британија. Никаква иницијатива не е покрената за таквите луѓе да се вратат во Германија, вели Заферлинг. Притоа, во поствоена Германија биле потребни повеќе личности како Фриц Бауер, судија кој во 1933 година беше суспендиран и прво емигрираше во Данска, а потоа во Шведска. По војната, во 1949 година, тој се врати во Германија и како јавен обвинител пред суд ги изведе припадниците на Ес-Ес од концентрациониот логор Аушвиц.

Deutschland Rosenburg ehemaliges Bundesjustizministerium in Bonn Kessenich
Замокот Розенбург, некогашно седиште на Министерството за правда во БонФотографија: picture-alliance/dpa

Никој никогаш не бил отпуштен

Кога во 50-те и 60-те години од минатиот век почнале да стигнуваат тужби на адресите на вработените во Министерството за правда, кои инаку често доаѓаа од ГДР, министерството се занимаваше со нив – но никој никогаш не беше отпуштен.

Кристоф Заферлинг, стручњак за кривично право и Манфред Гортемакер, историчар, ги истражуваа документите на Министерството и разговараа со сведоци. Нивна задача беше да откријат колку нацизам имало во Министерството и каков е односот кон тоа. Иницијативата потекнува од 2012 година од поранешната министерка за правда Сабина Лојтхојзер-Шнаренбергер. Хајко Мас, актуелниот министер, го продолжи проектот. „Сакаме да го обработиме и да се соочиме со тоа, отворено, без разубавување".

Heiko Maas Bundesjustizminister
Хајко Мас, актуелен министер за правдаФотографија: picture-alliance/dpa/B. von Jutrczenka

Втора вина на Министерството за правда

Резултатите од истражувањето не се „нешто со што може да се пофали ниту Министерството за правда ниту Сојузната влада во целина“, изјави министерот за правда Мас. Тој додаде дека сака во образованието на правниците во иднина да се опфати и оваа тема. Студентите мораат да научат повеќе за тоа, исто како оние кои сега работат во Сојузното министерство за правда. Првиот семинар е веќе планиран за во декември.

За разлика од другите комисии, авторите на извештајот со име „Досие Розенбург“ постојано ја информираа јавноста во текот на своите истражувања. Тоа се нарекува „јавна историај“. Во блиска иднина една изложба би требало да патува низ Германија и да промовира дебата за тоа прашање.

Министерот Мас оцени дека во минатото немало такво нешто во доволна мера. Тој за „Зиддојче Цајтунг“ изјави дека е апсолутно исправно таа ситуација во Министерството за правда во Бон „да се означи како втора вина“. Правниците од нацистичката ера во младата Сојузна Република Гермнаија „ја криеја старата неправда која требаше да ја расветлат и со тоа создадоа нова неправда“.

Историчарот Крисоф Заферлинг вели дека за време на истажувањето, кај поранешните нацисти никаде не наишол на зборот каење – сѐ само обични оправдувања.