1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Време на деликвенти

Светлана Јовановска
14 декември 2018

Власта веќе не е им е забранета на деликвентите. Со таква Европа, и Груевски би можел да се врати во Македонија. На власт. Колумна на Светлана Јовановска.

https://p.dw.com/p/3A5gA
Svetlana Jovanovska
Фотографија: Privat

Сите се сеќаваме на А1 телевизија. Власта, на чело со азилантот Никола Груевски, во 2011 година ја затвори оваа најгледана телевизија, телевизија која, и покрај неколкуте авантури со власта, држеше до својата независност и кредибилност.

Но, ретки се оние што се сеќаваат дека во периодот што му претходеше на затворањето на овој приватен медиум, деликвентот Груевски, како што вчера го нарече Луксембуржанецот Жан Аселборн, на сите можни микрофони и камери повторуваше дека гледачите не треба да ѝ веруваат на таа „предавничка телевизија“.

Сите се сеќаваме на годините со Груевски, на неговата незграпна шепа врз судството, медиумите, администрацијата, бизнисот, невладините организации, академскиот свет.

Шепата на Орбан

Истото тоа се случува денес во земјата која му даде азил на деликвентот. Шепата на Виктор Орбан, заштитникот на Груевски, ја покрива Унгарија. За некои работи што се случуваат во Унгарија често се пишува. За некои не. Па, да почнам од најтазе вестите.

Завчера стасаа три вести од градот на Дунав. Орбан уште посилно го притисна унгарското судство. Парламентот, кој е под контрола на неговата екстремно десна партија Фидес, изгласа вистински паралелен суд. Со стапување на сила на овој закон, Орбан и неговиот министер за правда, ќе имаат целосна контрола врз вработувањето и напредувањето на судиите кои ќе се занимаваат со јавната администрација и области како изборите, корупцијата или правото на протест. Годинава Орбан почна трет премиерски мандат. Новиот суд е гаранција дека ќе следат и нови. Слабата унгарска опозиција врескаше. Нејзниот глас не стаса до Брисел.

Втората вест е новиот закон за работни односи. Околу 2.000 Унгарци вчера излегоа на улица да кажат дека не сакаат „робовладетелски закон”. Закон со кој работодавачите добиваат право да наметнат зголемено прекувремено работно време од 250 на 400 часа. А плаќањето на прекувремената работа ќе се случи по три години. Ако не сакате да потпишете таков договор за работа, ќе ви биде покажана вратата за излез од фирмата.

Третата вест ме потсети на А1. На Орбан ич не му се допаѓа бранот критики на негова сметка во западните медиуми. Особено не во највлијателните и најкредибилни, како порталот Политико, кој во ЕУ изби како прв извор на информации. Новинарката на Политико, Лили Бајер, редовно пишува за авторитарните чекори на Орбан. Нападот врз неа вчера дојде директно од унгарската влада. Золтан Ковач, портпаролот на владата, на Твитер испрати „пријателски” совет до уредниците на Политико:

„Не ја сметам @liliebayer за новинар”, рече тој и побара од Политико „да размисли дали таа вреди за парите што ги добива”. Коментарот на Политико беше учтив: „Ова не е негова работа но, за нас, епизодата е корисна демонстрација на манирите на Ковач и неговото не така робустно разбирање на слободата на медиумите”.

Ковач и неговиот газда Орбан со задоволство би го затвориле Политико, арно ама раката не им стига толку високо. Засега. Стив Бенон, десната рака на Трамп во неговата кампања, сега му е советник на Орбан, а Политико е американски медиум. Не би ме зачудило тие двајцата, со помош на азилантот Груевски, да му фрлат јаже за бесење на Политико.

Други колумни од авторката:

Вересија од готово

„Лајкот” на Путин и Трамп за азилот на Груевски

Волшебниот збор за чист воздух и сеопштата револуција

Мистеријата на европското (не)влијание

А зошто не би се обиделе? Во ЕУ никој не реагира на Орбановиот флерт со диктатура и авторитарност. Никој не крена ни веѓа кога Орбан го избрка Универзитетот на централна Европа. Никој не трепна кога, пред неколку дена, 476 унгарски медиуми се обединија во фондација кој има за цел да работи на „унгарската национална свест” и зачувување на „христијанските вредности”.

Оваа нелукративна структура, основана во август 2018 година, го доби името Фондација за печат и медиуми на централна Европа. Според „Њујорк Тајмс”, таа е формирана со „смелост од која запира здивот”. Американскиот медиум ја споредува со орган на комунистичка пропаганда. Медиумите што влегоа во оваа фондација им припаѓаат на лица блиски до Орбан.

А во Европа може да ви запре здивот од обемот на политички кукавичлук. Немоќниот Европски парламент е единствениот што крена глас против Орбановите напади врз демократијата. Но, ЕНП (демохристијанската Европска народна партија), најголемата политичка група во Парламентот, во која членува Фидес на Орбан, нема ни најмала намера да го исклучи од своите редови, па дури ни јавно да го прекори. Велат дека е подобро да го чуваат како член за да можат полесно да влијаат врз него. Ова влијание е вистинска мистерија. За него никој не чул.

Во Европската комисија може да се чуе само гласот на вториот човек во извршната европска власт, Холанѓанецот Франс Тимерманс. Навистина, Комисијата поднесе тужби против Унгарија и нејзиното кршење на европските вредности. Но, на Орбан тоа му е последната грижа. Неговата кампања против Брисел и либералните вредности одамна е победник во оваа битка.

Работата стаса дотаму што триесетина видни професори од цела Европа испратија налутено писмо до тројцата први луѓе на ЕУ – Жан-Клод Јункер, Доналд Туск и Антонио Тајани (сите тројца членови на ЕНП), кои упорно молчат пред сите Обранови поткопувања на демократијата. Од нив лично и од нивните институции професорите побараа, ако ништо друго, барем да испратат силна порака на осуда до унгарската влада поради Универзитетот на централна Европа.

Засега реакција нема. Како тргнало, сѐ ќе остане на онаа стара шега на Јункер, кој му удри пријателски нежна шлаканица на Орбан, со зборовите „Здраво диктатору!” Се разбира, видеото имаше голем успех на интернет и му донесе симпатии на Орбан.

Со ваква Европа...

А ние сакаме Јункер и друштвото да ни помогнат да го вратиме Груевски? На ова прашање вчера одговори Аселборн, европски министер со најдолг ЕУ-стаж. Според него, земјите членки, од правна гледна точка, немаат начин да го отворат случајот Груевски, бидејќи одлуките за доделување азил се стриктно национални. Но, вели тој, „можеме политички да го осудиме овој чин“. Да, но прашањето ни политички досега ниту еднаш не било отворено во Советот на ЕУ. И нема да биде отворено.

Наместо да се надеваме на враќањето на деликвентот, подобро е да се свртиме кон вистинските вредности на Европа. Вредностите што таа ги има подзаборавено, исплашена од лагите на екстремистите.

Веќе со години, либералната и демократска Европа го усвојува симплифицираниот трамповски вокабулар. Речникот на Орбан, Трамп или Салвини е привлечен за делот на неедуциранот и медиумски неписмен електорат. „Орбановците” нудат инстант-решенија за големите проблеми на денешната Европа: среќата лежи во затворените граници, среќата ќе ви се насмее кога веќе нема да читате критики против власта! Верувајте ни, едноставно е! Само гласајте за нас!

На пример, по секој терористички напад во Европа, прстот на популистите се вперува кон мигрантите. Нападите најчесто се дело на терористи родени и пораснати во Европа. Но, тоа не игра улога во овој наратив. За да се спречат нападите, потребна е долгорочна акција и социјална превенција. Во Европа има политичари што тоа го знаат. Знаат дека демократијата е комплициран процес, процес во постојана изградба, процес што бара време, компромис, трпение зачинето со многу напор. Но, пред налетот на популизмот, со великодушна помош на целиот смет што извира од социјалните мрежи, за разумните аргументи и комплексната демократија, нема место. 

Власта веќе не е им е забранета на деликвентите. Со таква Европа, и Груевски би можел да се врати во Македонија. На власт.