1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Враќање на борците на ИД е тешко изводливо

Улрике Кваст | агенции
18 февруари 2019

Германската влада скептично реагира на барањето на американскиот претседател Доналд Трамп, на странските борци на Исламска држава да им се суди во нивните татковини.

https://p.dw.com/p/3DZY9
Syrien IS Kämpfer bei Hama
Фотографија: picture-alliance/ZUMAPRESS.com

Претседателот на САД, Доналд Трамп побара европските држави да си ги приберат своите државјани кои се бореле за терористичката организација Исламска држава (ИД) на Блискиот и Среден Исток, а тоа поттикна политичка дебата во Германија. Министерот за надворешни, Хајко Мас, во емисијата на првата германска програма „Ане Вил” рече дека враќањето е можно само ако „се обезбеди можноста веднаш да бидат изведени пред суд, па дури и ако се во притвор.” Право на враќање да, но за тоа биле потребни информации и истрага. „Се додека тоа не е обезбедено, сметам дека замислата тешко ќе може да се реализира”, изјави политичарот од редовите на владејачката Социјалдемократска партија на Германија (СПД). Мас додаде дека оние кои имаат германско државјанство имаат и право на повторен влезво земјата. Но, во моментов според него во Сирија воопшто нема можност да се провери тој податок. „Затоа со Французите и Британците се координираме како да се постапи”. Претходно портпарол на министерството за внатрешни работи појасни дека генерално „сите германски државјани, па така и оние кои се осомничени дека се бореле за ИД имаат право да се вратат во земјата”. Предуслов е да се има конзуларен пристап до засегнатите. Во Сирија тоа во моментов не е можно, бидејќи германската амбасада во земјата е затворена. Германија ги почитува и интересите за правно гонење на неколку земји од Блискиот Исток во однос на припадници на радикално-исламистичките милитанти, се вели во изјавата на портпаролот понатаму. Доколку се случи тие да се вратат во Германија, борците на ИД ќе одговараат пред германските судови. Норберт Ретген од ЦДУ го критикуваше Трамп.

„Таквото барање на Трамп е содржински и по тонот неконструктивно”, рече Ретген и додаде дека „ако сега одговорноста се префрла од еден на друг, тоа не е конструктивен почеток кој ветува добар исход”. Проблемот како да се третираат странските борци на ИД морало заеднички да се решава.

Heiko Maas (SPD)  Außenminister
Фотографија: picture-alliance/dpa/B. von Jutrczenka

Разбирање за барањето на Трамп од Зелените, Левицата и Либералите

Поддршка за барањето на Трамп доби од Левицата, Зелените и ФДП. „Ако станува збор за германски државјани, треба да дојдат во Германија и да им се суди таму”, вели претседателот на фракцијата на Левицата во Бундестагот, Дитмар Барш, за АРД. Сличен став има и портпаролот на Зелените за надворешна политика, Омид Нурипур. Заменикот претседател на ФДП во Бундестагот, Александар Граф Ламбсдорф, вели дека ако германски државјани станале членови на терористичко здружение, „било задача на нашите судови да им пресудиме на тие луѓе”. Трамп викендот побара од европските земји да вратат стотици заробени борци. Во спротивно САД ќе морале да ги ослободат. "САД бараат Велика Британија, Франција, Германија и други европски сојузници околу 800 борци заробени во Сирија да ги вратат назад и да им судат”, пиша Трамп на Твитер.

СДФ го поддржува ставот на Трамп

Дури и Сириските демократски сили, СДФ, водени од Курдите веќе подолго време ги критикуваат европските држави дека до сега не се подготвени да ги вратат дома нивните сограѓани. „Ние заедно со меѓународната алијанса се бориме заедно против тероризмот и ИС", вели Абдел Карим Омар, задолжен за меѓународни прашања во СДФ. Затоа проблемот со затворените странски ИС борци и нивните семејства мора да биде решен во координација со меѓународната заедница.  „Тоа е товар којшто не можеме сами да го носиме". Министерството за внатрешни работи во Берлин на почетокот од месецов објави дека има информации за 1050 наводни исламисти кои во 2018 година заминале за Сирија и Ирак. Речиси една третина од нив до сега се вратиле во Германија.