1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Тероризам

Враќање кон стилот на Ал Каеда

Керстен Книп
25 август 2017

Многу нешта укажуваат на тоа дека кај атентаторите од Барселона се работи за мала и изолирана група. Таквата структура кај џихадистите во Европа има смисла - од повеќе причини.

https://p.dw.com/p/2ilxG
Spanien Verdächtige vom Anschlag in Barcelona
Уапсените членови од терористичката ќелија од КаталонијаФотографија: picture-alliance/dpa/AP Photo

Околу половина час пред да биде застрелан од каталонските безбедносни сили, осомничениот главен напаѓач од Барселона Јунес Абујакуб, се потрудил да најде помош. Во Субиратс, мало селце на 50-тина километри од Барселона од задната страна се приближил до една куќичка и тивко свирнал. Сопственикот го чул звукот, излегол на прозорец и го видел младото момче. Тој пак очигледно очекувал да најде друг човек во куќата - мароканска фамилија која живеела таму, но пред извесно време се исселила. Новиот сопственик се посомневал, го информирал соседот, тој полицијата и кратко потоа неколку полициски автомобили се појавија на местото на настанот. При следењето во Субиратс, Абујакуб беше застрелан.

Тоа што младиот терорист сакал да побара помош од познаници, укажува на тоа дека 12-те напаѓачи од Барселона немале некоја значајна врска со други џихадистички групи во или околу Барселона. Од друга страна, уште е нејасно каде Абујакуб ги поминал четирите дена по нападот. Тоа што не носел пари со себе, според полицијата, покажува дека можеби сепак имал помагачи.

Локални врски

Досега полицијата не откри поврзаност со други лица или групи. Засега изгледа дека младите мажи делувале изолирано. Ги радикализирал, според досегашните сознанија, имамот од Рипол, Абделбаки Ес-Сати. Во малото гратче кај Пиринеите живееле речиси сите напаѓачи, кои беа на возраст од 17-20 години. Ес-Сати најверојатно загина во експлозијата во Алканар, каде што осомничените се занимавале со правење на бомбите.

Семејствата на осомничените и нивните роднини од Рипол по нападот рекоа дека се изненадени. На некои имамот им бил сомнителен, но сепак никој од нив не го пријавил. „Не сум помислувал дека осомничените би можеле да одат дотаму да го направат тоа“, вели еден сведок од кругот на познаници на осомничените напаѓачи. „Тука никој не можеше да замисли дека момчињата би можеле да сторат такво нешто.“

Spanien | Fahndungsbilder des mumaßlichen Attentäters Younes Abouyaaqoub
Кого познавал главниот осомничен Јунес Абујакуб?Фотографија: picture-alliance/AP Photo/Spanish Interior Ministry

Враќање кон стариот стил на Ал-Каеда

Така, многу нешта укажуваат на тоа дека младите момчиња немале други врски во џихадистичкото милје, со исклучок на имамот Ес-Сати.

„Тој внимавал да не шири радикални пораки во неговите проповеди“, изјавија неименувани полицајци за весникот „Ел Паис“. Имамот речиси и не користел интернет. „Тој се вратил на стариот стил на Ал-Каеда“, вели еден полицаец. „Лично разговарал со младите мажи, се гледал со нив во автомобили или зад затворени врати.“

Самиот имам се радикализирал во затвор. Ја поминал типичната кариера од ситен криминалец до радикален исламист. Од 2010. до 2014. одлежал казна затвор во затворот во Кастелон, во регионот на Валенсија. Од затвор излегол како строг верник муслиман. Во јануари 2016. отпатувал во белгиското место Вилворде. Местото во близина на бриселскиот аеродром е центар на џихадизмот во Белгија. Таму конкурирал за имам, вели градоначалникот на Вилворде во интервју за медиумите. Зачудувачко било образложението: „Рекол дека во Шпанија веќе нема иднина“, вели градоначалникот кој деновиве бил информиран за случајот. Белгиските власти ги информирале своите колеги во Барселона. Кај нив немало никакво досие против Ес-Сати.

Explosion im spanischen Alcanar
Се претпоставува дека имамот Абделбаки Ес-Сати загинал во експлозијата во АлканарФотографија: picture alliance/dpa/S. Cabanes

Конгрес на џихадисти во Шпанија

Барселона е еден од центрите на џихадизмот во Шпанија. Од 2004 досега во земјата се уапсени 723 џихадисти. Меѓу 2012. и 2015. во околината на главниот град на Каталонија се одржани 26 исламистичко-џихадистички инспирирани конгреси, пишува новинарот Игнасио Сембреро во неговата книга „Ла Еспања де Ала“. Најголемиот конгрес досега е одржан во 2014. во градот Реус, на кој присуствуваа околу 3000 учесници. Најголемиот дел од нив беа од Шпанија, но имаше и многу од арапскиот свет, особено од Арапскиот Полуостров, од Египет, Јордан, Мароко. На конгреси како овој се прават лични контакти и мрежи кои џихадистите подоцна ги користат.

На друга основа се контактите на џихадистите кои имаат врски со Белгија и кои во ноември 2014. го нападнаа парискиот клуб Батаклан и околните кафулиња. Некои од напаѓачите живееле делумно во Франција, делумно во Белгија. Од ваквите познанства се граделе и други врски.

Барселона: „Беше многу брутално“

Вмрежувањето излишно

Истовремено расте притисокот поради дигиталниот надзор. Затоа терористите и нивните пропагандисти, како во случајов и имамот Ес-Сати, повеќе го користат личниот контакт. Пропагандистите на терористичката организација Исламска држава (ИД) одамна ја применуваат оваа тактика. Тие бараат од нивните симпатизери да извршуваат помали атентати кои не бараат поголемо вмрежување.

Со мотото „Немате бомби? Нема проблем“ се обраќаше сега веќе починатиот Таха Субхи Фалаха алиас Абу Мухамед Ал-Аднани, поранешниот гласноговорник на ИД, преку видео пораки на неговата публика. „Ако немате експлозив или муниција, нападнете еден единствен неверник Американец или Французин или некој друг сојузник. Смачкајте му ја главата со камен или избодете го со нож, прегазете го со автомобил или турнете го од некаде, задавете го или отрујте го.“

За атентати од овој тип не се потребни вмрежувања. Како во случајот со Барселона, доволно е на најмал простор активен џихадистички имам, интернет и круг истомисленици. Колку помал кругот, толку позаштитени се членовите да не бидат откриени. како што се лини, логиката на ИД е: помалку е повеќе.