Војна против нарко-банди во Рио де Жанеиро
21 август 2018Бразилската армија соопшти дека во акциите во различни делови на Рио учествувале над 4.000 војници. Тие имале поддршка од воздух, како и од оклопни возила. Во сиромашните делови на градот, кои се населени густо, главно контролата ја имаат тешко вооружени трговци со дрога.
Досега со акции од ваков тип раководеше полицијата, која од страна на армијата имаше само поддршка. Поради зголеменото насилство поврзано со криминалните банди во сиромашните квартови на Рио, бразилската влада пред неколку месеци најави преземање поостри мерки. Претседателот Темер во февруари потпиша декрет со кој командата за вакви акции ѝ се предава на армијата.
Војниците во текот на вчерашните акции во Рио поставиле барикади на улиците и вршеле контрола на автомобили и на граѓани. Освен тоа, како што соопшти армијата, биле поделени и летоци во кои населението се повикува на соработка.
Според наводи на полицијата, уапсени се десетици лица, запленети се повеќе стотици килограми дрога, како големи количества оружје, муниција и апарати за радио врска.
Активисти за човекови права изразија загриженост поради поголемата улога на армијата при вакви акции и загинатите во интервенцијата. „Доколку се потврди дека има мртви кои биле егзекутирани од страна на војници, тогаш тоа е вознемирувачка промена“, изјави Силвиа Рамос од Опсерваторијата за набљудување на интервенции.