1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Вонредна состојба во главниот град на Чиле

ЕМФ / дв
19 октомври 2019

Прво се протестираше против зголемувањето на цените на железницата. Потоа гореа подземните железнички станици во Сантјаго. Сега чилеанската влада посегна по остри мерки.

https://p.dw.com/p/3RYm5
Massenprotest gegen Fahrperisanstieg, Chile
Фотографија: AFP via Getty Images/C. Reyes

По немирите поради зголемувањето на цените на подземната железница во Сантјаго, чилеанскиот претседател Себастијан Пињера прогласи вонредна состојба во главниот град. Во телевизиското обраќање до нацијата претседателот својата одлука ја образложи со „сериозни напади кои се повторуваат“ врз подземната железница во чилеанската метропола. Вонредната состојба значи кратење на основни граѓански права, како на пример - подолго држење во притвор на осомничени лица отколку што е тоа вообичаено.

Претходно, во повеќе станици на метрото беа подметнати пожари. Пред влезовите на станиците на подземната железница беа палени барикади, со што беа предизвикани и штети над површината на земјата. На тој начин од пламен беше зафатен и еден автобус. Полицијата употребуваше солзавец против насилните демонстранти.

Сообраќајните претпријатија по безредијата го запреа целиот железнички сообраќај на околу 140 километри долгата сообраќајна мрежа. Сообраќајот нема да се одвива во текот на целиот викенд.

Protest in Chile wegen steigender U-Bahn-Ticketpreise
Судир помеѓу демонстранти и полицајци во една од станиците на метрото во СантјагоФотографија: picture-alliance/AP Images/E. Felix

Првите протести избија пред околу една недела, како реакција на зголемувањето на цените на превозот од 800 на 830 пезоси, односно околу четири евро-центи. Прво стотици ученици и студенти скокаа преку оградите на влезовите во метрото и се возеа на црно, а потоа дојде до поголеми протестни собири во главниот град на Чиле.