Волт Дизни, пионерот на цртаниот филм
Студиото „Волт Дизни“ денес е најуспешно во светот. Обемна книга сега потсетува на генијалниот американски аниматор и филмски пионер, кој почина пред половина век.
Умешност
Волт Дизни, роден во Чикаго во 1901 година, беше генијален аниматор. Книгата која ја издаде келнската книгоиздавачка куќа „Ташен“ сега го документира талентот на Американецот, кој направи стотици цртежи.
Почетоците на филмската работа
Уште во 1920-тите младиот Волт Дизни почна со работа на филм. Неговиот филмски серијал „Alice Comedies“ беше мешавина од цртан и реален филм. На фотографијата: сцена на сет со детската ѕвезда Вирџинија Дејвис од „Walt Disney Alice’s Spooky Adventure“.
Големите филмови
Книгата со над 1500 фотографии ја следи детално кариерата на Волт Дизни, од почетоците сѐ до смртта на 15 декември 1966 година. Во фокусот се големите авантуристички филмови на аниматорот, режисер и продуцент Дизни. Во 1937 година, со „Снежана и седумте џуџиња“, на репертоарот во кината првпат се најде долгометражен цртан филм и - постигна огромен успех.
Легендарните фигури
Фигурите на Дизни, како што е Мики Маус, се светски познати. Притоа, токму авторството на оваа фигура е спорно. За „татко“ на Мики Маус важел уметничкиот директор на Дизни, Аб Ајверкс. Волт Дизни се откажал од цртање во 1926 година, но ги задржал сите конци в раце. Важел за перфекционист и без негова согласност од продукцијата не смеела да излезе ниту една фигура.
Фантазија без граници
Во 1940-тите и 1950-тите се создадени најголемите авантуристички филмови на Дизни: „Пинокио“, „Дамбо“, „Бамби“, „Фантазија“, „Пепелашка“, „Алиса во земјата на чудата“ и во 1953 година - „Петар Пан“ (на фотографијата). Тие се прекрасно нацртани и го пренесуваат гледачот во светот на чудата и соништата. Се чини, фантазијата нема граници.
Како настанува еден анимиран филм?
На филмовите на Дизни работат илјадници луѓе, пред сѐ илустратори, графичари и сликари. Додека готовиот производ да се најде во кината, се прават стотици скици. Потоа сѐ се појавува под едно име: Волт Дизни. Овде: скица од „Трнорушка“ од 1959 година.
Класика
Кога се вртат страниците на огромната книга за Волт Дизни, навираат сеќавања - на филмовите кои постарите гледачи некогаш ги гледале во кината, а помладите на телевизија или на ДВД. Легендарните филмски успеси како „Бамби“ (1942) повторно оживуваат.
The Walt Disney Film Archives
Книгата „The Walt Disney Film Archives. The Animated Movies 1921 - 1968“ настана во соработка со Волт Дизни-Архивите и библиотеките во САД. Автор е Даниел Котеншулте. Книгата ја издаде книгоиздавачката куќа „Ташен“ од Келн, ISBN 978-3-8366-5291-2.