Волерс: Името, па НАТО
27 септември 2011„Членството во НАТО останува врвен приоритет, што е исклучително важно за Македoнија, но и за целиот регион на Југоисточна Европа. Остануваме цврсто на определбата за поддршка и придонес кон на глобалниот мир“, изјави министерот Фатмир Бесими по средбата.
Американскиот амбасадор Волерс со Бесими, освен околу членството на земјата во НАТО, разговарал и за досегашната билатерална соработка на Македонија со САД, која е на највисоко ниво, посебно во делот на одбраната, врз основа на декларацијата за стратешко партнерство.
„Во периодот што доаѓа ќе имаме тесна соработка со МО и со АРМ за постигнување на целта за интегрирање на Република Македонија во НАТО. Напредокот што го бележи земјата во поглед на одбраната е навистина голем. Ова е успешна приказна на една армија и на една држава“, рече Волерс.
Македонскиот министер за одбрана Бесими информираше и дека во писмена преписка со генералниот секретар на НАТО Андерс Расмусен, меѓу другото, било истакнато значењето на соработката, но и членството на Македонија во Алијансата, при што јасна била пораката дека ќе и‘ се даде покана на Република Македонија за членство откако ќе има решение за прашањето за името.
Автор: ЕМФ/миа
Редактор: Г. Чутаноски