1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Военото решение не е можно

13 април 2011

Додека во Либија борбите продолжуваат, во главниот град на Катар, Доха, се одржува првата средба на Контакт групата за изнаоѓање на политичко решение за оваа северноафриканска земја.

https://p.dw.com/p/10sRe
Во Доха се одржува првата средба на Контакт групата за ЛибијаФотографија: dapd

На денешната (13.04) прва средба во Катар се бара политичко решение за конфликтот во Либија. На состанокот за иднината на Либија во Доха, покрај шефовите на дипломатиите на Велика Британија, Франција и САД, учествуваат уште и претставници на 20 други земји, како и претставници на НАТО, ОН, Европската унија, Арапската лига, Африканската унија и на либиските бунтовници.

Неопходен е политички процес

NATO-Generalsekretär Rasmussen Libyen
Генералниот секретар на НАТО Андерс Фог РасмусенФотографија: AP

Генералниот секретар на НАТО Андерс Фог Расмусен на почетокот од средбата изјави: „Очигледно не е можно воено решение. Мора да започнеме политички процес.“ Расмусен застана во одбрана на досегашните резултати од мисијата на НАТО „Обединетите заштитни сили“. Со над 900 воздушни напади на западните сили им успеа да уништат една третина од воениот апарат на диктаторот Моамер ел Гадафи.

Германија нуди поинаква помош

Guido Westerwelle in Luxemburg nach der Sitzung des EU Außenministerrates
Германскиот министер за надворешни работи Гидо ВестервелеФотографија: picture-alliance/dpa

Германскиот министер за надворешни работи Гидо Вестервеле, кој ја претставува Германија на средбата во главниот град на Катар, Доха, рече дека треба да се испрати „сигнал на одлучност“ од меѓународната заедница.

Германија не учествува во воената мисија на НАТО во Либија. Шефот на ФДП во заминување ги отфрла критиките дека германската влада, поради воздржаноста во Советот за безбедност на ОН, стои настрана. „Германија не е во меѓународна изолација“, изјави Вестервеле. За улогата на Германија во либиската криза тој вели: „Ние не учествуваме во војната во Либија, но подготвени сме да ги ублажиме последиците од војната за тамошното население.“

Британија е за интензивирање на нападите

Großbritannien Außenminister William Hague
Шефот на британската дипломатија Вилијам ХејгФотографија: AP

Британскиот министер за надворешни работи, Вилијам Хејг пред состанокот изјави дека е потребно да се засилат нападите на Алијансата.

„Мораме да ги продолжиме и да ги интензивираме напорите во рамките на НАТО. Поради тоа Велика Британија испрати веќе дополнителни борбени авиони, кои се во состојба да напаѓаат цели на земја, кои го загрозуваат либиското население. Ние би ги поздравиле таквите чекори и на другите земји“, порача британскиот министер за надворешни работи Вилијам Хејг.

Поранешниот либиски министер за надворешни работи Муса Куса, на конференцијата на контакт групата за Либија во Катар, треба да има клучна улога, пишува „Дејли телеграф“. Според британски владини извори, Куса е „внатрешен човек на Моамер ел Гадафи, па затоа тој може да понуди решение за либиската криза“.

Состанокот на Контакт групата за Либија се одвива во времето кога се продлабочува хуманитарната криза во западниот град Мисрата кој е под контрола на бунтовниците, но со денови наназад е во обрач на силите на Гадафи. Аналитичарите сметаат дека на повидок нема постигнување компромис меѓу судрените страни, откако оваа седмица пропадна мировниот план на Африканската унија.

Автор: ЈМЈ/ ЕМФ/ дпа/ миа/ макфакс/ дв

Редактор: Александра Трајковска