1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Воена интервенција против Либија?!

1 март 2011

Противниците на либискиот претседател Моамер ел Гадафи се’ повеќе се вооружуваат. САД упатија воени бродови кон либиските територијални води, а Велика Британија се заканува и со конкретни воени мерки.

https://p.dw.com/p/10RGA
Фотографија: AP

Портпаролот на американската влада, Џеј Керни, изјави дека САД ги држат отворени сите опции во врска со либиската криза. Воените бродови добија наредба за ново позиционирање, појасни портпаролот во настапот пред новинарите по средбата на американскиот претседател Барак Обама со генералниот секретар на ОН Бан Ки Мун во Белата куќа.

Американската амбасадорка при ОН Сузан Рајс, пак, порача дека Гадафи го масакрира сопствениот народ. Во исто време таа стави на знаење дека американската администрација не го смета повеќе Гадафи за доволно психички стабилен за да управува со земјата. Повод е нападот на смеење што Гадафи го доби за време на интервјуто со американски и британски новинари, кога му беше поставено прашањето дали е подготвен да ја напушти Либија. „Кој ја напушта сопствената татковина, зошто да го сторам тоа? Тие ме сакаат, целиот народ стои зад мене“, порача Гадафи пред новинарите. САД во меѓувреме замрзнаа и преку 30 милијарди долари во сопственост на либиската влада.

Егзил во Белорусија?

Susan Rice
Амбасадорката на САД при ОН, Сузан РајсФотографија: AP

Британскиот премиер Дејвид Камерон, пак, порача дека не го исклучува во никој случај користењето воени средства против либискиот диктатор. Тој веќе им издал наредба на неговите соработници да изработат план за создавање зона за забранети летови над Либија. Освен тоа може да се размислува и за снабдување на либиските востаници со оружје, порача Камерон.

Во меѓувреме се множат индициите дека Гадафи подготвува бегство во Белорусија. Во изминатите седум дена се забележани барем два лета на приватни авиони на Гадафи од Триполи кон Минск. Експертите на Институтот за истражувања на мирот од Стокхолм тврдат дека имаат докази за испораки на најмалку 40 тони оружје од Белорусија за Либија во последните денови. Тие претпоставуваат дека во приватните авиони се наоѓале дијаманти, со кои режимот на Гадафи ги плаќал пратките оружје. Белоруското министерство за надворешни работи ги демантира ваквите информации.

Против странска интервенција

Flüchtling aus Libyen
Се засилува бранот бегалци од Либија кон соседните земјиФотографија: DW

Припадници на либиската опозиција во странство се изјаснија против воена интервенција на западните сили во Либија. Активистот на опозицијата Сидан Али Сидан, кој живее во Германија, порача дека Либијците порадо би ги ризикувале нивните животи, отколку да повикаат странски сили да се вмешаат: „Видовме дека странските интервенции во Ирак и Авганистан не носат ништо добро. Затоа луѓето во Либија велат, подобро ќе загинеме, подобро ќе ризикуваме уште повеќе жртви.“

Сидан Ал Сидан бара од Западот воведување забрана за летови над либискиот воздушен простор за да се спречи режимот да користи воени авиони во борбите против востаниците. Тој и неговите колеги од дијаспората исто така се спротиставуваат и на влегување на копнени сили на соседните Египет или Тунис во нивната татковина Либија.

Напнатата ситуација го засили бранот бегалци, кои ја напуштаат земјата кон Египет и Тунис. Според информации на УНХЦР, Либија веќе ја напуштиле преку 140.000 лица.

Автор: ГЧ/ЖА/дпа/афп/дв

Редактор: Трајче Тосев